05.01.2021
(Видео):Изјава на Павле Трајанов за Телма:34 пратеници подготвуваат измени на Изборниот законик
Павле Трајанов-Пратениците од помалите политички партии од власта и од опозицијата се обединија кревајќи го гласот за промена на Изборниот законик. Нивниот број не е мал, 34. Со законските измени кои ги подготвуваат бараат Македонија да биде една изборна единица со пропорционален модел на гласање и укинување на финасирањето на политчките партии. Не сакаат повеќе да бидат приврзок на големите партии, да зависат од нив, да гласаат понекогаш и против својата воља. Измените ќе бидат тест за СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Доколку не се прифатат во прашање ќе биде доведено функционирањето на Собранието.
СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ не се изјаснуваат за предлогот. Бараат да се формираат работни групи кои ќе ги разгледаат измените.
Изборниот модел и натаму останува извор на криза во земјата. Изборниот законик досега е менуван 35 пати. На неколку наврати беа формирани работни групи, но компромис за изборниот модел не се постигна. Со децении се гласа во 6 изборни единици со затворени листи, што ги исклучува шансите на помалите партии или независни кандидати. Отворените листи се само декларативна заложба на партиите кои се на власт а не се почитуваат ниту долгогодишните препораки на ОБСЕ/ОДИХР. Се повикуваат на консензус, но тој секогаш зависи од големите партии на кои не им одговара промена на изборниот модел со што и натаму се овозможува поставување на автократи во државата.
Извор:ТВ Телма