СЛОБОДАН БОГОЕВСКИ Моќта на историјата

27.11.2020

СЛОБОДАН БОГОЕВСКИ Моќта на историјата

„Ништо што е вистинско вредно не може да биде докажувано, ниту оповргнато“ (Тенеси)


Меморандумот на Владата на Бугарија до земјите членки на ЕУ отвори болни прашања за нас, иако тоа и порано сме имале можност да го слушнеме од владите и историчарите во Бугарија, но и други нам соседни држави. Овој пат, тој посебно болно се прима во македонската јавност заради заканата дека ако не се прифатат бугарските ставови за историјата, особено за карактерот на ослободителното движење во Македонија од крајот на XIX и почетокот на XX век, најистакнатите дејци (Гоце Делчев, Даме Груев и др.) и конечно најболното тврдење дека „македонскиот јазик е регионална норма на бугарскиот“, тогаш тие ќе го блокираат патот за влез на Македонија во ЕУ.

Парадоксот е колосален. Ако сите тези во Меморандумот се зберат, тие се однесуваат на историската лингвистика, лингвистичката географија и воопшто на нашата историја, а со тоа и на културата и идентитетот на македонскиот народ. Така, Македонија и Македонците станаа единствен пример во Европа каде соседните држави сакаат да им ја испишат историјата според нивните сфаќања и интереси. Додека, пак, во Македонија, преовладува сфаќањето, особено кај „политичарите“, дека не треба да се занимаваме со историјата, дека од неа не се живее или ако мора, тоа треба да им го оставиме на историчарите, односно треба да гледаме напред во иднината, а не да се вртиме назад во историјата. Заборавајќи на клучната заповест на родовската и етничка самосвест, присутна кај сите народи на планетата Земја, дека народ кој не си го знае својот род и минато, не може да има иднина, а уште помалку да гледа во иднината. Сегашноста е само краток трепет во долгата отсечка на историјата на секој народ и мост кон индината.

Во тоа е важноста и одговорноста во сегашноста. Без минато, не може да се надеваме на иднина. „Историјата е мајка на знаењето“ и „Историјата е учителка на животот“ се сентенции од древните учебници. Но, во последните два века се запознавме и со една друга страна на историјата – таа стана најмоќно оружје со кое цели народи се избришани од историската сцена или пак се создадени нови „нации“ кои немаат никакви етнички, културолошки или историски супстрат. Историјата стана помоќно оружје и од атомското. Затоа, историјата е премногу сериозна, за да им биде оставена на само на „историчарите“, а уште помалку на „политичарите“.

Древноста на македонскиот јазик и на македонските дијалекти е неспорна

Но, да почнеме од клучната теза на Меморандумот: „Македонскиот јазик е регионална норма на бугарскиот јазик.“ Во текстот не се прави разлика меѓу книжевниот, службен јазик на Македонија, кодифициран во 1945 година и македонскиот јазик, со сите дијалекти и подгрупи на неговата наддијалектна лексика. Бугарскиот службен јазик е кодифициран во 1872 година, кратко време пред Берлинскиот конгрес во 1878 година. До тогаш, во Бугарија во употреба било писмото на Вук Караџиќ, односно српското писмо и јазик. При тоа, за да се направи дистинкција од српскиот јазик, во современиот книжевен бугарски јазик, изоставени се дијалектите од Западна Бугарија, а како основа се земени дијалектите од Северноисточна Бугарија.

Тврдењето дека македонскиот јазик е регионална норма на бугарскиот е парадокс, недокажлива идеја. Книжевните или службените јазици во историјата се продукт на сублимации и интеграции заради комуникациските потреби на луѓето. Тие секогаш се воведувале со административен чин, со акт на власта. Затоа, постоеле и биле во употреба се додека постоела државата или империјата. Кој денес го говори Санскритот, персискиот Авеста, македонскиот „Кинон Македон“, латинскиот јазик, новоромејскиот или византиски? Со пропаста на овие држави и империи, народот си продолжил да го употребува мајчиниот дијалектен па и наддијалектен јазик, она што го правел со илјадници години.

Овде, попатно, вредно е да се напомене дека македонскиот службен јазик од периодот пред и за време на т.н. антички период, кај сите древни автори е посочуван дека припаѓа на пелазгискиот, односно староседелски, домороден, прастар јазик. Од 7 век пред н.е. до 1878 година секако дека има голема разлика, повеќе од 2400 години.

Вредно е да се напомене дека древниот „Кинон Македон“ и современиот книжевен македонски јазик, целосно се потпрени на дијалектната македонска лексика од поширокиот ареал на Повардарието и дел од долината на Струма, каде што со векови наназад се наоѓала лулката на македонската државност и култура. За разлика од јазиците на соседите, каде што има многу позајменици и административни интервенции во јазикот.

Што говори науката, а што зборуваат политичарите и „историчарите“ од службената историја?

Во 1963 година, во Академијата на науките во Москва, во соработка со академиците од сите држави на т.н. словенски свет, се започна со работа на Етимолошкиот речник на словенските јазици, вкупно се обработуваат 192 јазици и дијалекти. Во 1974 година излезе од печат првиот том на едицијата „Етимолошки речник на словенските јазици – Прасловенски лексички фонд“ (Издавачка куќа „Наука“ – Москва, при Академијата на науките на СССР). Редактор на првиот том е Олег Н. Трубачев, член на  советската академија, знаменито име во лингвистиката и плоден автор. Познат е по тоа што во неговите бројни дела успеа да сруши многу заблуди и митови во лингвистиката. Со несоборливи докази и научно коректна методологија, докажа дека лулката на т.н. словенски јазици е Балканот и Подунавјето, дека на север, исток и na запад од овој предел, се простира првата периферија на овој јазик а „отаде Карпатите“ (гледано од Балканот и Дунав) се простира втората и третата периферија на јазикот. Овие закономерности во лингвистиката ги потврдуваат и многу други лингвисти од Украина, Русија и od други држави. Во редакцискиот одбор на првиот том се и познатие великани на науката Л.А. Гиндин, Ж. Варбот, Л.В. Куркина, В.А. Меркулова, И.И. Петлева, а покасно во другите томови се вклучени и комплетната елита на европката лингвистика.

Во воведот на првиот том, редакцијата ги појаснува целите, методологијата, дилемите и потешкотиите како да се постигнат научните цели (досега јас располагам со 40 издадени томови). Притоа, усвоено е дека како прв јазик и писмо, ќе се земе за компарирање т.н. старословенски јазик, за кој во науката постои преовладувачко мислење дека е создаден врз основа на дијалектите од Солун и околината, како и местата од сливното подрачје на Вардар и на Струма. Сосема друго е прашањето што овој јазик и писмо се создадени за потребите на христијанската црква и никогаш и никаде, кај ниеден народ, не бил во световна употреба, освен во црквите. Тоа бил само обид древните пелазгиски народи на Балканот, во Централна и во Источна Европа да се стават под јурисдикција на Источната или дел под Западната црква.

Така е настанат и т.н. макроетноним Словени, кој е само атрибут за припадноста на христијанската црква. Денес, ниеден од овие народи не се нарекува Словен Рус, Словен Македонец, Словен Србин, Словен Чех, Полјак и т.н. Истото важи и за писмото на Кирил и Методиј, кои денес ги славиме за наши описменувачи. Тие напишале глаголица за потребите на црковните мисии, но никогаш тоа писмо не станало службен јазик во црквите, а уште помалку во световната комуникација. Но, верувањата на големите измами се силни, посилни и од најголемата вистина, особено ако се напишани од туѓинските автори.

Од првиот до 40-от том на Етимолошкиот речник, македонскиот современ книжевен јазик и неговите дијалекти, како и древниот книжевен македонски јазик „Кинон Македон“ (Лексиконите на Хесихиј, Стефан Византиски и др.) често е користен како извор за појаснувања на етимологијата и семантиката на лексички гнезда кај други т.н. словенски јазици, со назнака дека станува збор за јазик од центарот (колевката) на овие јазици, заради мноштвото иновации во стари времиња.

Во подготовките на сите томови на оваа капитална едиција, користени се трудови и на повеќе истакнати лингвисти од Бугарија, од кои дел припаѓаат на елитата не само на бугарската туку и на европската лингвистика (Вл. Георгиев, З. Божков, Н. Геров, Л. Голабов, Ст. Младенов, Г.П. Кленикова, Т. Стојчев и др.). За сите нив, не само што македонскиот јазик е неспорен, туку ги споделуваат оценките на други европски лингвисти на древноста на македонските дијалекти и јазик.

Македонските имиња се најстариот и најконзервативниот дел и во бугарската топонимија

Во периодот од 1972 година до 1981 година, Бугарската академија на науките (БАН) издаде капитална едиција „Бугарски дијалектен атлас“. Паралелно со ова, од 1962 година започна да излегува уште пообемната едиција „Бугарска дијалектологија“ (од I – III том во 1967 година, а по нив и наредни 5 тома). И двете едиции заслужуваат респект од секој научник, не само лингвист, заради извонредната методологија, обемноста на истражуваниот материјал и научна коректност, без разлика што во тој период во Бугарија под Тодор Живков имаше силна антимакедонска кампања и националистичка реторика.

Во првиот том насловен „Бугарските говори од Егејска Македонија – Драмско, Сереско, Валовишко и Зилјаховско“, редактори Ј. Иванов и Кирил Мирчев, во неговиот вовед насловен како „Населението на Југоисточна Македонија“, дадени се историски белешки за населението и јазикот од пред антиката до 1960 година. На страна 12 пишува: „Нашето проучување на топономијата на областа (Југоисточна Македонија) околу 7.000 местни, селишни имиња и хидроними) забележува многу мало и ограничено влијание на латинскиот и грчкиот јазик на местната номенклатура и планинските називи. Изненадувачки голем е бројот на местните имиња од словенски происход и во овие реони до самиот морски брег. Почувствително е турското влијание на топономијата, но само во определени реони. Местните називи во областа ги зачувале белезите на длабока древност. Меѓу другото, можат да се одбележат и често сретнуваните завршетоци на „ане“ (јане); „јан“ (ан); „ици“ и други кај имињата на местните населени живеалишта. А македонските говори и македонските имиња на населените места, според Ј. Зајмов, се најстариот и најконзервативниот елемент и во бугарската топономија.“

И на помалку упатените во лингвистиката познато им е дека топономијата, оронимијата, хидронимијата и ономастиката се најстабилни категории. Имињата на населени места, планини, реки, се древни категории и опстојуваат со векови и во услови на окупација од туѓински народи, присилни раселувања и доселувања. И покрај повеќе од 5 века окупација од Турците, мал е бројот на турски називи на планини, реки и населени места и по правило сите се турски емандации на древните македонски називи.

Истото се забележува и во третиот том на едицијата за бугарските дијалекти во југозападна Бугарија. Оваа територија зафаќа една четвртина од територијата на Бугарија (Софиски округ, Ихтиманскиот, Ќустендилскиот, Благоевградскиот, Петричкиот и др.)

Но, истите карактеристики ќе ги забележите во извонредната капитална едиција „Бугарска дијалектологија“. Не само во југо-источна и југо-западна Бугарија, туку и кај другите дијалектни групи, особено Пловдискиот регион, Одринскиот, Тројанските говори, Еленските се разликуваат од денешните дијалектни групи во Македонија, колку што меѓусебно македонските дијалектни групи се разликуваат. Ова со еленските дијалектни говори да не го збуни читателот. Старата Елада, со Фтиотиска Теба, Пелопонез и Спарта, Аркадија со Орестија, денес Одрин или Едрене итн, се наоѓаат во денешна Бугарија, освен Едрене.

Чудесно долгата историја на заедништво и заеднички корени на Македонците, Бугарите, Србите, Грците…

Со ова, сакам да ги отворам вратите на чудесно долгата историја  на заедништвото, на заедничките етнички, културни, јазични и други корени на Македонците со народот во Бугарија, Србија, Грција и секаде на Балканот. Тие се потомци на древните пелазгиски народи од Балканот (Македонци, Илири, Тракијци, Пајонци, Тројански Бриги, Одризи, Северјани, Германи, Гети, Елени и др.). Барем до каде досегаат пишуваните историски извори, најмалку 10.000 години историја. Погледнете ги космогониските, теогониските и митолошките легенди, народното творештво, обичаите и јазикот и др. Ќе видите дека станува збор за ист народ, нормално со дијалектни разлики во говорот и особености. Навредливиот „макроетноним“ и религиозен епитет „Словени“ бил интерес на христијанската црква, но не и на народот, со намера меѓусебно да се поделат за полесно да бидат завладеани.

Впрочем и современите т.н. нации на Балканот, сите се формирани како протекторати или приватен имот на европските кралски семејства. Трновското, покасно бугарско кнежевство, е во владение на Сакс Кобург Готски – Саксобургоски; кнежевството Нова Ромеја, покасно Грција, првобитно е имот на Отон Баварски, потоа на Џорџ V од Англија (инаку прв братучед на рускиот цар Романов и на германскиот кајзер Вилхелн); Српското кнежевство е вазалство на Хабзбурговците, со вазал Милош Обреновиќ итн.

Секое од овие кнежевства е благословено со автокефална црква, за полесно владеење со овие народи. Оттука и денес ние немаме признаена афтокефална црква. Сите поделби, војни и други конфликти меѓу новосоздадените нации на Балканот се потикнати и водени на оваа територија од овие кралски семејства, заради остварување на нивните интереси, а не затоа што Македонците, Србите, Бугарите и други народи на Балканот се „примитивци“ кои не знаат што друго да прават освен меѓусебно да војуваат. Тоа е голема измама и навреда, која и денес живее во европската јавност.

Во вакви услови, во втората половина на XIX век кога се создавани протекторатите – држави на Балканот, Македонците Бугарија и бугарскиот народ ги чувствувале како браќа во заедничката борба за ослободување од ропството на Отоманската империја. Многу македонски дејци, бегајќи од прогоните во Македонија од турската власт, прибежиште ќе најдат во слободна Бугарија. Немањето своја црква и образовни институции во Македонија, ќе натера голем број Македонци да се школуваат во Бугарија или ќе се преселат таму. За време на Првата светска војна, над три четвртини од офицерскиот кадар во бугарската војска се етнички Македонци и скоро 80% од полицискиот состав. Во периодот по Берлинскиот конгрес, во Бугарија ќе делуваат стотици здруженија од сите области и градови во Бугарија на македонски офицери, подофицери, студенти, културни, научни, еснафски и други здруженија. Тие издавале и свои публикации – списанија, зборници, алманаси и други.

Од нив, како највлијателни се издвојуваат публикацијата „Илинден“ (поновите изданија од 1933 година се во колор), издание на „Илинденската организација“. На насловната страна на сите броеви, дадена е картата на Стара Македонија (од реката Местаа на исток до Дрим на запад, од Прешево до Халкидик и Белото море и од Горна Џумаја до Кавала на југ). Во долниот дел даден е амблемот на Македонската револуционерна организација – МРО, основана 1893 година во Солун, на кој стои паролата „За независна Македонија, за неа ние се бориме, за неа ние мреме!“. Во оваа едиција со свои трудови, сеќавања и документарни прилози учествуваат сите познати дејци, освен оние кои рано ги загубиле животите во борбите: Даме Груев, Никола Карев, Никола Киров – Мајски, Андон Димитров, Иван Николов, Гоце Делчев, Христо Татарчев, Петар Поп Арсов, Христо Батанџиев, Никола Петров – Русински, Борис Сарафов, Пере Тошев, Мише Развигоров, Христо Чернопеев и стотици други видни дејци на Македонската организација од Дунав до Белото море, од Црно море до Дрим на запад.

Ако само се прочитаат биографиите и автобиографиите на сите дејци, нивните спомени, преписки, документи итн., без сомнение и сами ќе заклучите дека се работи за етнички Македонци, со јасно развиена етничка самосвест дека се Македонци, кои своите животи, како завет ги оставиле на борбата за независна Македонија во своите етнички граници.

Писмото на Тодор Александров до отец Паисиј

Од илјадниците текстови, за оваа прилика ќе издвојам еден текст на Тодор Александров, за кого постојат многу контроверзи кај историчарите, особено за периодот на Првата светска војна до Мајскиот конгрес во Виена во 1925 година, па се до неговата смрт. Тоа е писмото – благодарност до отец Паисиј, чие световно име е Петар Иванов, роден во с. Митрашинци – Беровско во 1866 година, од 1885 година е монах во Рилскиот манастир, а покасно игумен. Низ цела Бугарија има споменици за него, како еден од родоначелниците на „б’лгарската самосвест“, проследени со текст од Паисиј: „Б’лгарине. Не прелашчај се. Знај го својот род“.

На што мислел Паисиј? Во 1905 година, најмногу по заслуга на отец Паисиј одржан е Општиот конгрес на Македонската револуционерна организација, кој траел еден месец и на кој учествувале скоро сите видни дејци на МРО. На крајот од конгресот Тодор Александров му пишува писмо – благодарница за се што направил отец Паисиј за македонското дело:

„Ваше Преподобствие. Благодарам од името на борбена Македонија и од мое име за Вашите заслуги за македонското ослободително дело. Уверен сум дека најсрдечно ќе му служите на светото Велико дело. До скоро видување во Солун и во Независна Македонија.“ Потпис – Т. Александров. Има ли потреба ова да се дообјаснува!? (Публикација „Илинден“ – септември – октомври 1933 година, стр. 12 – Софија).

После Првата светска војна, големо влијание меѓу Македонците во Бугарија, Цариград, Македонија, Европа и Америка ќе има часописот „Македонија“ – политичко, научно и литературно списание. Во него, покрај револуционерните дејци од МРО, свои прилози пушуваат стотици Македонци, интелектуалци од целиот свет, претежно доктори на науки, магистри, професори на елитни универзитети низ светот. Мотото од кое се води редакцијата е „Независна и неделива Македонија“.

Од 1925 година, па до Втората светска војна, во Софија ќе излегува знаменитата едиција „Македонски преглед“ во издание на „Македонски научен институт“, организиран од Македонските културни друштва во Бугарија. Печатен е двојазично, на бугарски и на француски јазик (ова да не збунува никого; Македонците немале своја држава, свој службен јазик, печатници, а во Бугарија се што се печатело, според закон, морало да биде на бугарски јазик). Во него, поместени се стотици трудови на највидните Македонци од Балканот и од целиот свет. Има прилози од историјата (од античка до современа), лингвистиката, општествените науки, културата итн. Во сите текстови преовладува мотото: Афирмација на македонската историја, јазик и култура и пораката – За независна и неделива Македонија.

Јас располагам со најголем дел од овие едиции, како и мноштво други (зборници, алманаси и др.), сите со вакви пораки и мотиви.

А што ќе остане од денешна Бугарија, ако го изземете македонскиот супстракт?

Освен разните публикации, Македонците во Бугарија ќе имаат и силно влијание во економијата, финансискиот сектор, администрацијата. Само за илустрација, ќе го наведам постоењето на „Македонска банка“ во Бугарија, со 100% капитал од Македонци и нивни фирми, втора по капитал (основачки и гарантен) по белгиско-француската банка „Сосиете Женерал“. Исто така и во „Интернационална банка“ и „Земјоделска банка“ доминантен капитал е на Македонци и нивни фирми. За целите на овој текст, просторот  не дозволува да ги инвертирам сите факти и докази кои се Македонците во Бугарија и каков печат оставиле во создавањето на современата држава.

Овие факти, сами по себе ги наметнуваат прашањето: А што ќе остане од денешна Бугарија, ако го изземете македонскиот супстракт – народ, јазик, култура, економија, општество и т.н. Затоа, не жестете се, не револтирајте се на бугарскиот народ, поради антимакедонизмот на бугарската влада. Не е проблемот произлезен од бугарската влада, а уште помалку од бугарскиот народ. Тие се наши роднини, најблиски што можете да ги замислите. Разноразни Каракачановци, Тодор Живков и тие околу нив не се по род ниту Бугари, ниту Македонци, затоа се толку гласни, лажни бугарски патриоти кои работат за свои приземни и туѓински интереси. Но, за вистинската заднина на актуелните проблеми, ќе прочитате на крајот од овој текст.

Под притисок на Георги Димитров, Тито во април 1941 година ги повика и Македонците на востание

Македонија, после референдумот од 8 септември, прогласи независност, осомостојување од поранешната федерација Југославија. Тоа беше единствената голема идеја, израз на вековниот стремеж за независна и неделива Македонија, онаква како што ја посакуваме и за неа се бореле нашите предци. Сите бевме исполнети со надеж дека ако сме свои на своето, ќе направиме попристојно место за живеење во независна Македонија.

Но, дали се случи тоа!? После 30 години независност, не само што не се помрднавме напред, туку во многу нешта се уназадивме, создавајќи атмосфера дома дека Македонија е опасно и неперспективно место за живеење за младите и напредни генерации. Од странците добивме епитет дека сме заробена држава. На економско-социјален план, далеку сме поназад од состојбата во 1990 година. Виталните сектори беа разграбени од поединци за ич пари, а преку 200.000 работници оставени на улица. Скоро сите капитални дејности во енергетиката, комуникациите, финансискиот сектор, ги продадовме на странци за мали пари, бидејќи ние не сме можеле и не сме знаеле да ги „менаџираме“. Го урнисавме правниот поредок, владеењето на правото и правдата до незамисливи граници. Создадовме судство зависно од општински и месни комитети на владеечките партии, инструмент на криминализираната извршна власт. Наместо судството да е гарант за човековите права и слободи од насилието на власта, гарант на правната, имотната и личната сигурност на граѓаните, владеечките „политички“ партии направија поредок во кој секој судија е зависен од интересите и волјата на поединци од извршната власт. Ако денес на обичниот човек му спомнете „закон“ или „суд“, прва асоцијација му е „криминал“ и „закана“ по неговата правна сигурност, корупција, криминал и сл.

Единствена парола за која сите „политичари“ се согласни е „Ние сме за НАТО и за ЕУ“, напаѓајќи се меѓусебно кој е поголем борец за тоа. Слично како во периодот на социјализмот, кога не учеа дека треба да издржиме уште малку, дека сме на чекор до комунизмот, а сонцето на светлата иднина изгрева на исток. Сега, тоа сонце ни изгрева на запад, гледајќи кон Брисел. Во меѓувреме, повеќе од една четвртина од народот, претежно млади, најкреативниот дел, ја напушти Македонија, барајќи ја својата среќа во ЕУ, САД, Канада и др. Добар дел од нив, заради статусните привилегии во ЕУ (над 70.000) заминаа со пасоши од Бугарија, декларирајќи се дека се дел од „бугарскиот происход“. Ако продолжи овој тренд на иселување од Македонија, најголем дел од македонскиот народ ќе се отсели во земјите од ЕУ и НАТО, пред да ги завршиме ние преворите за прием во ЕУ, во наредните триесетина години. Ако воопшто ги завршиме!?

Како да се исплашивме од сопствената слобода, слично на штотуку ослободени робови. Кон општите добра и заеднички интереси, се однесуваме како да се туѓи, како да нема утре, туку само денес. Осиромашени, како да баравме нов стопан, не знаејќи што да правиме со себе и со својата слобода. Повторно го побаравме да се врати Тито, некој друг да се погрижи за општествената организација, да воспостави поредок. Единствена република од Југославија сме која ги прифати „Реформските сили на Југославија – за Македонија“ како политичка опција на која ѝ дозволивме да го разграби општествениот капитал. Слично како во април 1941 година, кога како најголем грев на тогашното раководство и основачи на КП Македонија е зошто формирале македонска комунистичка партија, туку тоа можела да биде само КПЈ – Покраински комитет за Македонија. По наредба на Тито, Александар Ранковиќ ќе нареди егзекуција на целото раководство на КПМ (М. Шаторов – Шарло, Орце Николов, Мирче Ацев и др.) што во соработка со тогашната бугарска власт и ќе се случи, освен двајца кои ќе го подржат Драган Павловиќ – Шиљо да го интронизира српскиот ученик, 21-годишниот Лазар Колишевски. Инаку, во првиот проглас од април 1941 година на Тито за дигање востание, Македонците и Македонија се изоставени. Дури по силен притисок на Ѓорги Димитров, Генерален секретар на Коминтерната, во вториот проглас се спомнуваагт Македонија и Македонците.

Овој мал излет во историјата е за потсетување на Каракачанов дека „Македонија од 1944 година е творба на Тито“ е голема заблуда.

Што учевме и што учиме ние за напшата историја?

Од 1945 година до денес, што учевме ние и што учиме за нашата историја, македонската? Во учебниците, од основно до високо образование, нашата официјална историографија се базира на следниве стожери:

1. Ние сме Словени отаде Карпатите, дојденци на оваа територија во 6 и 7 век, тука сме затекле Илири, Трачани и Хелени. Потомци на Илирите биле денешните Албанци, на Трачаните биле Бугарите, а на Хелените биле Грците. Нејасно е каде е адресата „отаде Карпатите“, бидејќи тој појас е долг повеќе од 2700 км, во главно мочуришта, а уште понејасно е што сме им направиле на домородните!? Во учебниците, оваа теза е проследена редовно со слики на Словен – Македонец, запуштен, со долги коси и брада, валкан и гол, со камена секира во рака, кожна наметка на интимниот дел, во застрашувачка поза (Види учебник по историја за VII одд основно образование и истото за средно и високо образование). За разлика од него, има слика на дотеран и комплетно опремен војник – Илир и уште подотеран „Хеленски хоплит“ (оклопник) – Грк.

Каква претстава со овие слики им се всадува на нашите деца, ученици и која непостоечка вина и комплекси. Пораката е: ние сме див народ, неписмен, окупатор, кој треба да се извини на „домородните“ и да си замине од каде дошол на непозната адреса „отаде Карпатите“! Не постои ниту еден историски извор од тој период и подоцна дека ние сме Словенци дојденци. Ниту археологијата или лингвистичките реконструкции тоа го потврдуваат. Напротив, науката одамна има докажано обратно движење на народите и што е центар, а што е периферија на јазиците во Европа. Дека Mакедонците се староседелечки, домороден народ, пелазгиски, сите автори пред и по антиката го потврдуваат тоа. Но навиките стекнати со големите лаги се силна работа.

До IX век сме биле целосно неписмени, диви, без јазик (нејасно е дали сме имале и развиен говор) а после мисијата на „описменување“ на Кирил и Методиј сме се описмениле ама не сме имале македонски, туку „старословенски“ јазик! Кирил и Методиј се црковни мисионери кои имале задача и биле платени за тоа, да го прошират „словото божје“, на јазик и писмо блиско на сите пелазгиски народи, кои црквата ги нарекувала „Словени“. Тие никогаш не напишале кирилица, туку глаголица, за потребите на црквата. Но, таа никогаш и никаде не станала службено писмо во црквата, а камоли во световната комуникација. Ако ја видите и споредите глаголицата со азбучното писмо од територијата на Македонија, старо повеќе од 6000 години п.н.е., глаголицата изгледа уназадување за уште 1000 години наназад. Но. Ние имаме државен празник и ги славиме мисионерите, за кои непотребно сега спориме со Каракачанов и со другите.

3. Македонската држава, јазик и нација постојат од 1944/45 година. Сите борби за слобода, дејци, јазик и народ пред тоа ги маргинализиравме. Во дејците од втората половина на XIX век трагавме само по социјалисти, а во XX век по комунисти. Ги избришавме славните личности од минатото, добивајќи и колективна амнезија. Народно – ослободителната борба од 1941-45 година ја учевме и учиме дека е дело исклучиво на комунистите. КПМ, покасно „Покраински комитет“ во април 1941 година, во зенитот имала 700 членови, главно млади и необразовни. Зарем некој ќе поверува дека тие самите ја ослободиле Македонија и создале јазик и држава, кога знаеме дека имаме триесет пати повеќе жртви дадено, отколку што имало комунисти?Затоа, илинденците Павел Шатев, легендарниот лик од солунските атентатори, доктор на правни науки, кој цел живот и го посветил на Македонија, Панко Брашнаров, преседавачот на АСНОМ 1944 година, илинденец, Методија Андонов – Ченто и илјадници други беа затворени да умрат по затворите само затоа што се бореле за Македонија, но не биле комунисти.

Ние сме поголеми каракачановци од самиот Каракачанов

4. Нивното творештво, космогониските, теогониските и митолошките легенди, прибирани и објавувани од македонските дејци во XIX и XX век, припаѓаат во најстарите на планетата Земја и во нив има скриено многу историја. На науката, тоа одамна и е јасно.

Но, во нашата повоена наука, тие се третираат како фолклор, на неуки луѓе од нашите села, создаван во студените зимски ноќи, кога немале што да работат. Кон крајот на XIX век, Стефан Верковиќ ги објавува „Словенски веди“, инспириран од тогашната сензација во Европа, со објавувањето на „Индиски веди“ во Британија. Во својот зборник, потпирајќи се на зборниците на браќата  Миладиновци, К. Шапкарев, Т. Гологанов и други преродбеници, како и тие што ги собирал непосредно низ Македонија каде престојувал повеќе пати, Верковиќ тврди дека Словенските веди, особено оние од Македонија, се многу постари од Индиските (датирани на 5000 години старост).

Во 60-те години на минатиот век, група професори и надежни студенти од Филозофскиот факултет во Скопје ќе бидат ангажирани, со платен „студиски“ престој во Загреб, Прага, Белград, Софија и во други места, со задача да го „раскринкаат“ (како што сами пишуваат) ликот и делото на С. Верковиќ. Како резултат на оваа работа, на крај од задачата ќе објават повеќекнижно издание со наслов „Словенски антиведи“. Во воведот на првата книга, покрај што Верковиќ се нарекува шпион (српски, хрватски, бугарски, австро-унгарски, заедно), се изнесува оценка дека овие легенди, епски песни, народни преданија не биле собирани со „научни методи“, а дел биде измислица на македонските преродбеници или на самиот Верковиќ. Редакторот на првата книга, пишува во воведот: „Кога сите народи на Балканот одамна имале формирано држави, јазик и своја култура, се нашле некои Гологазовци (Т. Гологанов), Шапкаревци и слични на нив, кои по примерот видела жабата коњот па и таа дигнала нога да ја потковаат, почнале да измислуваат постоење на некакво македонско народно творештво, епови и легенди…!“ Што да се прави. Шестиот и седмиот век за нив биле terminus post quem, завеса позади која не смеело да се ѕирне. Така е и денес, нажалост.

5. Во 1995 година, излезе од печат обемно и луксузно издание „Археолошка карта на Македонија“. Хронологизацијата што се користи е следна: палеолитот, неолитот, старохеленски, новохеленски, староримски, новоримски, византиски и на крај турски период. Никаде нема место за славниот македонски период, за империја која ќе трае безмалку еден милениум, величествена култура и цивилизација од Европа до Индија. Истата оваа хронологизација се користи во историската и во археолошката наука и пракса и се пресликува во нашите музеи. Македонија и Македонци, култура, градови, не постојат. Пред VI – VII век сами си ставивме завеса позади која не смее да се ѕирне

Често сум водел колеги и пријатели од странство во нашите музеи и секоја посета за мене завршуваше трауматски, со прашањето: „Видовме доста, но нас не интересира Македонија? Може ли да посетиме музеј на Македонија?!“ Јас секогаш занемував, обидувајќи се да им го свртам вниманието. Мислам дека нема потреба да продолжам понатаму со вакви примери, листата е долга.

За крај, ниту еден како Каракачанов, Самарас или слични на него, ниедна образовна,научна, културна институција или поединец , не изрекол ниту напишал погрдни, пошовинистички и негаторски квалификации за Македонија и Македонците, колку што нашата историографија, научни и образовни институции тоа го правеле и прават. Па тогаш зошто толку се жестиме кога Каракачанов и други ќе искажат некаква безначајност, навредлива за нас, кога ние сме поголеми Каракачановци од него!

Епилог

Далеку од колективните сеќавања, ограничени во знаењата, осиромашени, немоќни и исплашени што уште лошо може да не снајде и какво ќе биде нашето утре, ние сеуште веруваме дека ќе дојде месија од небото или однадвор кој магично ќе ни ги реши маките и ќе не одведе во среќна и безбедна иднина. На Европа сме и дале се. Европа ни земала се. Не ни се виновни соседите. Тие прават она што Европа го замислила, како свој интерес и тоа ќе го реализира.

 

Извор: ПлусИнфо



Последни Активности

1.11.2012

КАНДИДАТИ ЗА ГРАДОНАЧАЛНИЦИ НА ДЕМОКРАТСКИ СОЈУЗ:

1. Радовиш

Страхил Гавритов, електро инженер, вработен во ЈП Плаваја-Радовиш.

2. Неготино

Ванчо Петров, професор во Гимназијата во Неготино...

прочитај повеќе...



13.11.2012

Трајанов - Историски момент за компромис со Грција

Очекувам да се дојде до некаков компромис, но тоа пред сè ќе зависи од внатрешното единство, од тоа дали Република Македонија ќе изгради единствена политика околу ова прашање, вели Павле Трајанов, водачот на македонската парламентарна делегација на Заседанието на Асамблеата на НАТО во Прага.

прочитај повеќе...

19.11.2012

ОПШТИНСКАТА ОРГАНИЗАЦИЈА НА ДС - КОЧАНИ ИЗБРА НОВ ПРЕТСЕДАТЕЛ

„ Потекнувам од работничко семејство, во партијата влегов поради чесноста, потенцијалите, политичката одговорност и пред се поради политичката иднина, којa ја гледам во Демократски сојуз “... 

прочитај повеќе...

14.01.2013

Kако до нови работни места?

Демократскиот сојуз, заедно со граѓаните ќе работи на градење на Програма за отворање на нови работни места , развој на економијата и унапредување на животниот стандард на граѓаните.

прочитај повеќе...

18.03.2012

ОБРАЌАЊЕ НА ПАВЛЕ ТРАЈАНОВ НА IV-ОТ КОНГРЕС НА ДЕМОКРАТСКИОТ СОЈУЗ

Почитувани делегати, гости, драги пријатели, екселенции, претставници на медиумите, сакам да Ве поздравам и да посакам успешна работа на Конгресот. Демократскиот сојуз е партија која постојано бранува, партија која го слуша гласот на граѓаните. Силата на Демократскиот сојуз, произлегува од нашите принципиелни заложби...

прочитај повеќе...
partners partners partners partners partners partners