Павле Трајанов за Утрински: Нема легитимитет за лажирани избори

11.04.2016

Павле Трајанов за Утрински: Нема легитимитет за лажирани избори 

Бојкотот на изборите од страна на опозицијата е се' поизвесен, меѓународната заедница е вклучена во барањето решение. Какви се Вашите процени, во кој правец би се барал излезот?

Македонија се движи во погрешна насока, кризата се продлабочува, неизвесноста се зголемува, граѓаните се загрижени од можноста за нарушување на стабилноста и нормално одвивање на животот. Системската парализа на државните институции, особено на судскиот систем, целосно го разори уставниот поредок, при што доминантно е партиското влијание во носењето на одлуките на сите нивоа. Во вакви услови единствена разумна сугестија на меѓународните гарантори на договорот од Пржино е политички договор за повлекување од политичката сцена на тие што се креатори на кризата, кои криминалот го прогласија за вредносна категорија и што ја загрозија иднината на Македонија. Потоа е можно да се спроведат коренити реформи, за што е неопходна една година.

Можно ли е до 5 јуни со силен меѓународен притисок да се создадат услови за кредибилни избори? 

Оваа недела се можни нови заплети и обиди да се вклучат во изборниот процес и партиите кои најавија бојкот на изборите. Тоа е невозможна мисија поради тоа што не се создадени основните предуслови за демократски избори, напротив, можно е кршење на изборните правила и преку масовно купување гласови. Немаше и нема политичка волја за создавање позитивен амбиент, избалансирано и правично информирање, како и одвојување на партиите на власт од државата. До 5 јуни ќе бидеме сведоци на разорна манипулативна кампања, која докрај ќе ги закопа надежите за враќање на демократијата во Македонија. 

По распуштањето на Собранието, Вие најавивте дека Демократскиот сојуз, исто како и СДСМ, ќе ги бојкотира изборите. Сметате ли дека македонската опозиција има капацитет да реализира ваков сериозен политички чекор, со оглед на условите во кои се наоѓа општеството? 

Секој што ќе се вклучи во изборниот процес ќе биде соучесник во давање легитимитет на авторитарното владеење, како и продолжување на грабежот и забрзано иселување на младите и креативните кадри. Можни се немири и судири од поголеми размери, што како опција го отфрлам и повикувам на разумно, одговорно и државничко однесување. Само деблокада на Собранието, формирање на политичко-експертска влада и одложување на изборите за една година се гаранција за Македонија да се врати на демократскиот колосек. Бојкотот сам по себе не е решение, ниту пак некредибилни избори. Затоа повикувам на дијалог без креаторите на кризата.

Ако се реализира најавениот бојкот, што ќе се случува на политичката сцена по 5 јуни и очекувате ли меѓународната заедница да признае избори без учество на опозицијата? 

Доколку се продолжи со лудилото дека со изборите ќе се покрие криминалот, кршењето на основните права и слободи и ќе се обезбеди амнестија за тие што поединечно „заработиле“ по 20 години затвор, тоа би било вовед во распад на државата. Но граѓаните се поодговорни од политичарите и нема да дозволат и да дадат легитимитет на лажирани избори. Тоа значи ако има избори на 5 јуни за три месеци ќе има повторно избори. 

Неодамна соопштивте дека имате сознанија оти Специјалното јавно обвинителство било предмет на следење. Со оглед на сите опструкции и притисоци во истражната постапка и во судството, очекувате ли конкретни резултати од неговата работа? 

Специјалното јавно обвинителство мора да работи професионално, одговорно, неселективно и транспарентно. Потребна е силна логистика од МВР, соработка од сите институции и услови за непречена работа. Тие што го блокираат СЈО треба да понесат кривична одговорност. Резултати ќе има, капацитетите на СЈО се јакнат, граѓаните го поддржуваат и тие се гаранција дека Уставниот суд не може да ја урне единствената државна институција која е резистентна на притисоци од власта. Очекувам одговорност, одлеаниот капитал да се врати во касата на граѓаните, како и ставање крај на кризата, како предуслов за промени, правда и демократски развој.

Извор: Утрински



Последни Активности

1.11.2012

КАНДИДАТИ ЗА ГРАДОНАЧАЛНИЦИ НА ДЕМОКРАТСКИ СОЈУЗ:

1. Радовиш

Страхил Гавритов, електро инженер, вработен во ЈП Плаваја-Радовиш.

2. Неготино

Ванчо Петров, професор во Гимназијата во Неготино...

прочитај повеќе...



13.11.2012

Трајанов - Историски момент за компромис со Грција

Очекувам да се дојде до некаков компромис, но тоа пред сè ќе зависи од внатрешното единство, од тоа дали Република Македонија ќе изгради единствена политика околу ова прашање, вели Павле Трајанов, водачот на македонската парламентарна делегација на Заседанието на Асамблеата на НАТО во Прага.

прочитај повеќе...

19.11.2012

ОПШТИНСКАТА ОРГАНИЗАЦИЈА НА ДС - КОЧАНИ ИЗБРА НОВ ПРЕТСЕДАТЕЛ

„ Потекнувам од работничко семејство, во партијата влегов поради чесноста, потенцијалите, политичката одговорност и пред се поради политичката иднина, којa ја гледам во Демократски сојуз “... 

прочитај повеќе...

14.01.2013

Kако до нови работни места?

Демократскиот сојуз, заедно со граѓаните ќе работи на градење на Програма за отворање на нови работни места , развој на економијата и унапредување на животниот стандард на граѓаните.

прочитај повеќе...

18.03.2012

ОБРАЌАЊЕ НА ПАВЛЕ ТРАЈАНОВ НА IV-ОТ КОНГРЕС НА ДЕМОКРАТСКИОТ СОЈУЗ

Почитувани делегати, гости, драги пријатели, екселенции, претставници на медиумите, сакам да Ве поздравам и да посакам успешна работа на Конгресот. Демократскиот сојуз е партија која постојано бранува, партија која го слуша гласот на граѓаните. Силата на Демократскиот сојуз, произлегува од нашите принципиелни заложби...

прочитај повеќе...
partners partners partners partners partners partners