Павле Трајанов: Проверка на сѐ – од полиграф до веродостојноста на дипломите

11.04.2021

Павле Трајанов: Проверка на сѐ – од полиграф до веродостојноста на дипломите

„Прво, да се направат безбедносни проверки согласно стандардите на НАТО за сите припадници на МВР и другите служби за безбедност (тој процес во АНБ веќе е при крај), тест на интегритет, да бидат сите тестирани со полиграф, да им се проучи имотната состојба и се друго согласно високите стандарди за работа во овие институции. Второ, да е направи анализа на организациската поставеност, внатрешната хиерархија, степенот на дигитализација на базите на податоци, нивното вкрстување и слично. Трето, да се провери степенот на стручноста на поголемиот дел од новопримени кадри, веродостојноста на нивните дипломи, да се организираат стручни обуки и да се работи на градење на интегритетот на секој припадник на службите за безбедност и нивната отпорност на политички, коруптивни и друг вид влијанија„, вели поранешниот министер за внатрешни работи и пресетадател на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов.

Еден поранешен висок оперативец на МВР напиша пред неколку години на социјалните мрежи дека не треба да не’ изненади ако кај бомаш-самоубиец во некоја европска метропола биде пронајден „легален“ македонски пасош. По обелоденувањето на аферата „Пасоши“ се чини дека предупредувањето било основано.

Се’ уште не се расчистени докрај сите аспекти и бројот на издадени патни исправи со лажен идентитет, како и на кои точно луѓе се дадени вакви пасоши. Досега откриениот број е огромен (215), при што само на мал дел од наркобосовите, кои се снабдиле со македонски пасош, им е утврден идентитетот. Верувам дека преку ИНТЕРПОЛ ќе бидат информирани сите држави во светот, и тие 215 пасоши ќе бидат неупотребливи. Странските полиции и служби ќе истражуваат во каков се’ криминал биле вклучени имателите на фалсификувани пасоши, но од исклучителна важност е оваа мега-афера докрај да се расчисти и сите што се инволвирани да се соочат со правдата. Веќе некои држави се вклучиле со разузнавачко-истражни активности.

Може ли да ни објасните како функционира(л) тој корумпиран систем? Кои хиерархиски нивоа во Министерството за внатрешни работи биле вклучени, и како се избегнувани контролните процедури? Кој го одобрувал, кој го изведувал, а кој го прикривал овој криминал?

Системот за апликација, обработка, контрола и печатење на патните исправи не можел да открие дека се крадат идентитети, и со друга фотографија и отпечатоци од прсти се издавале пасоши. Овде клучен е човечкиот фактор, пред се’ службеникот што го прима и обработува барањето за издавање пасош, како и „контролорот“. Но, затаиле и оперативните и разузнавачките служби, затоа што во процесот на селектирање на кого се’ ќе му се подготвени фалсификувана патна исправа биле вклучени криминални структури, посредници, биле користени телефони, интернет итн.

Многу важно прашање е и: од кога трае ваквата практика? Колку години во Македонија се издаваат пасоши со лажен идентитет?

Немам информации од кога е воспоставена оваа криминална шема, но според тоа што досега е објавено,траела најмалку три години. Факт е дека биле вклучени службеници од управните служби во СВР Скопје. Потоа, имало посредници, „селектори“ и лица од доверба, затоа што, овие познати наркобосови, убијци и лица опасни за безбедноста, за да прифатат да им се издаде фалсификуван пасош требало некој да им гарантира висок степен на конспирација. Се разбира дека за тоа одвојувале големи суми пари. Претпоставувам дека оперативците од одделите за организиран криминал и криминалистички истраги, во соработка со информатичарите, ќе подготват систем за да се компарираат отпечатоците од прсти при издавање и земање на пасош со базите на податоци за издадени лични карти, но и други автоматизирани контролни проверки. Целосни проверки треба да се направат и за таканаречените фантомски гласачи, можни креирани единствени матични броеви, возачки дозволи, лични карти, државјанства, дозволи за поседување и носење на оружје… Сите овие активност бараат кадри, знаење и време. Во оваа насока сакам да нагласам дека е неопходна целосна анализа на дозволите и друг вид на документи што се издаваат, нивна целосна дигитализација, можности за вкрстување на базите на податоци, автоматски контролни системи и слично. Тука е неопходно да се користат компаративни искуства и стручна помош од многу поразвиените држави.

Има забелешки за актуелниот министер Оливер Спасовски, зошто чекал досега со прекинување на „шемата“, кога самиот вели дека уште во 2019-та е покрената истрагата. Тој одговара дека прво морало да се соберат доволно квалитетни докази за соодветно обвинение. Што мислите Вие за критиките кон Спасовски, и за неговото објаснување?

Министерот за внатрешни работи не е експерт за безбедносни прашања, туку е политичар, на оваа позиција избран на предлог на мандатарот. Без разлика што речиси пет години е министер за внатрешни работи, тој не треба и не мора да се впушта во објаснувања околу оперативно-стручните аспекти на операцијата, ниту пак тоа треба да се бара од него. Деталите околу тоа, како и на кој начин се водела оваа оперативна истрага, сигурно дека не треба да бидат јавно објавувани. Доволно е министерот да објави дека е откриена криминална група, и дека во понатамошните активности, клучна улога ќе има јавниот обвинител. Проблемите настанаа со тоа што ВМРО-ДПМНЕ јавно ја објави оваа афера, со што најверојатно предизвика предвреме да бидат презентирани резултатите од досегашната оперативна истрага. Претпоставувам дека и натаму остануваат многу прашања кои треба да бидат разјаснети и документирани.

Дали се согласувате со мислењето на Вашиот поранешен колега Гроздан Цветковски дека ако сакаме ефикасна истрага, таа мора да ја водат странци, бидејќи МВР и Јавното обинителство се премногу корумпирани и не соработуваат на професионално ниво?

Во МВР, Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и Агенцијата за разузнавање (АР) има врвни професионалци, со силен кредибилитет, знаење и пред се’ оперативно искуство, докрај да ја расчистат оваа афера. Обврска на министерот за внатрешни работи е да им даде одврзани раце, и без разлика до кого се’ ќе допре истрагата, никој да не ја блокира. Во оваа мега-афера се вклучени лица кои ја загрозуваат националната безбедност на многу држави, и сосема е логично дека ќе се вклучат (сигурно веќе и се вклучени) и најразвиените разузнавачки служби и полиции. Можно е да се бара поддршка и соработка од страна на ФБИ и други агенции и служби.Ова е голема шанса за јавното обвинителство и судовите да ја покажат својата професионалност, бидејќи покрај другото ќе бидат под опсервација и на меѓународниот фактор.

Во што е проблемот во односите на полицијата и обвинителството, кои постојано се појавуваат како пречка за спроведување вистинска правда? Дали е тоа недоволното знаење на луѓето кои работат таму, или е непрецизната законска регулатива, или се работи за лични суети. Можно ли е да постои некој вид натпревар меѓу нив?

Со новиот Закон за кривична постапка, доминантна е улогата на јавниот обвинител, но тие не располагаат со истражни центри, слабо се екипирани и им недостасуваат модерни системи и нова методологија за работа, за ефикасно да се соочат со предизвиците на новото време. Тешките облици на криминал многу тешко се откриваат, а уште потешко се обезбедуваат релевантни факти и докази. Само МВР и другите безбедносни служби располагаат со огромен човечки потенцијал, голем дел од нив се добро обучени и на располагање им стојат модерни системи за водење на оперативни истраги. Според изјавите што доаѓаат од страна на високи претставници на МВР, дека „се чека наредба“ од јавен обвинител, во голема мера ја пасивизираат работата на оперативните служби. Како врвен приоритет се наметнува целосна департизација на овие витални државни институции, да се забрани членување во политички партии, и да се зајакнат контролните механизми за спречување на одлевање на информации со кои се провалуваат оперативни акции и се доставуваат сензитивни информации до познати бизнисмени и политички партии.

Колкава штета ќе нанесе (или веќе нанесе) аферата „Пасоши“ на меѓународниот углед на Македонија? Може ли да има некои реперкусии, особено во односите со САД и со европските земји?

Оваа афера ќе предизвика тектонски раздвижувања и потреси, кои ќе се случуваат во наредниот период. Веќе е нарушен меѓународниот углед на Македонија, членките на НАТО ќе имаат резерви околу споделување на класифицирани информации, можно е негативно да се одрази на евроинтеграциските процеси, додека странските разузнавачки служби ќе бидат многу попретпазливи при размената на информации и комуникацијата со нашите соодветни служби. Можеби е добро што, сепак, на еден или на друг начин била вклучена и Канцеларијата за истраги при Амбасадата на САД, давајќи на македонските оперативни служби стручна помош. Тоа треба да биде еден од нашите аргументи кога ќе се информираат партнерските служби. Инаку, МВР, АНБ и АР имаат склучено договори за соработка и размена на информации со повеќе држави, односно соодветни министерства, агенции за контраразузнавање и разузнавање. И колку што знам досега таа соработка се одвивала на високо ниво.

Повикувате на радикална трансформација на безбедносните служби. Но, во оглед на фактот дека се тие прилично големи и компликувани системи, од каде да се тргне со промените? Сигурно институција како МВР не може да се реформира одеднаш? Што да се промени прво, па второ, трето, четврто…, и колку време е потребно за тоа?

Тој процес сигурно дека не може да се реализира преку ноќ, но мора да се менува поставеноста на овој систем, содржината и суштината на работата. Се’ треба да се прилагоди на новите појавни облици на загрозување на безбедноста и одбраната, уставниот поредок, разорното дејство на високиот степен на криминализација и тешките облици на организиран криминал со кои од Македонија се извлекуваат милионски суми евра. Потребна е трансформација и заради спречување на сајбер нападите, компјутерскиот криминал, но и можните терористички закани со биолошко оружје и слично. Пандемијата покажа дека таа е исклучително тежок здравствен, но и безбедносен проблем, за кој службите не беа подготвени и не дејствуваа правовремено. Глобалните реформи се направени со тоа што е формирана нова Оперативно-техничка агенција, преку која се вршат прислушувањата на системите за комуникација, како и Агенција за национална безбедност. Но, факт е дека се неопходни неколку работи. Прво, да се направат безбедносни проверки согласно стандардите на НАТО за сите припадници на МВР и другите служби за безбедност (тој процес во АНБ веќе е при крај), тест на интегритет, да бидат сите тестирани со полиграф, да им се проучи имотната состојба и се друго согласно високите стандарди за работа во овие институции. Второ, да е направи анализа на организациската поставеност, внатрешната хиерархија, степенот на дигитализација на базите на податоци, нивното вкрстување и слично. Трето, да се провери степенот на стручноста на поголемиот дел од новопримени кадри, веродостојноста на нивните дипломи, да се организираат стручни обуки и да се работи на градење на интегритетот на секој припадник на службите за безбедност и нивната отпорност на политички, коруптивни и друг вид влијанија.

Гледате ли политичка волја кај оние кои одлучуваат за тоа, да биде спроведена сериозна и темелна реформа на овој дел од државните институции? Дали разговарате за ова со коалициските партнери?

Сметам дека Владата треба да подготви Анализа за поставеноста на целокупниот систем за безбедност, ефикасноста во неговото функционирање, координацијата и недостатоците, а по таа анализа да се отвори расправа во Собранието на Република Северна Македонија. Високата криминализација и слабите резултати во откривањето на тешките облици организиран криминал ја наметнаа потребата да се донесе Закон за спречување на тешките облици на организиран криминал и висока корупција, при што треба да се формира и Агенција за борба против организираниот криминал, која ќе ги води оперативните истраги за криминалот што го прават носители на високи функции во државата, и ќе ја координира работата на седум институции кои поодделно работат на откривање на тешки случаи на организиран криминал. Предлагам да биде екипирана со околу четириесет врвни професионалци, кои ќе работат на откривање и документирање на висока корупција, ќе го детектираат скриениот капитал на функционерите, стекнат на криминален начин, и оперативно ќе ги покриваат јавните набавки над 500.000 евра. Директорот на оваа агенција треба да го поставува Борд составен од универзитетски професори, претставници од невладиниот сектор, медиумите и Парламентот. Тој треба да има мандат од седум години и да биде целосно независен од извршната власт. За темелни реформи неопходно е да се формираат тимови, да се користат и странски експерти и компаративни искуства. Дел од овие реформи преку проектот ДЕКРИ веќе ги доставив до заменикот на претседателот за борба против корупција и криминал, Љупчо Николовски. На оваа тема имавме и разговор, при што очекувам согласно договорот Владата да формира работна група, која што ќе подготви законски решенија. Подготвен да се вклучам во работата на оваа работна група.

 

Извор: Нова ТВ



Последни Активности

1.11.2012

КАНДИДАТИ ЗА ГРАДОНАЧАЛНИЦИ НА ДЕМОКРАТСКИ СОЈУЗ:

1. Радовиш

Страхил Гавритов, електро инженер, вработен во ЈП Плаваја-Радовиш.

2. Неготино

Ванчо Петров, професор во Гимназијата во Неготино...

прочитај повеќе...



13.11.2012

Трајанов - Историски момент за компромис со Грција

Очекувам да се дојде до некаков компромис, но тоа пред сè ќе зависи од внатрешното единство, од тоа дали Република Македонија ќе изгради единствена политика околу ова прашање, вели Павле Трајанов, водачот на македонската парламентарна делегација на Заседанието на Асамблеата на НАТО во Прага.

прочитај повеќе...

19.11.2012

ОПШТИНСКАТА ОРГАНИЗАЦИЈА НА ДС - КОЧАНИ ИЗБРА НОВ ПРЕТСЕДАТЕЛ

„ Потекнувам од работничко семејство, во партијата влегов поради чесноста, потенцијалите, политичката одговорност и пред се поради политичката иднина, којa ја гледам во Демократски сојуз “... 

прочитај повеќе...

14.01.2013

Kако до нови работни места?

Демократскиот сојуз, заедно со граѓаните ќе работи на градење на Програма за отворање на нови работни места , развој на економијата и унапредување на животниот стандард на граѓаните.

прочитај повеќе...

18.03.2012

ОБРАЌАЊЕ НА ПАВЛЕ ТРАЈАНОВ НА IV-ОТ КОНГРЕС НА ДЕМОКРАТСКИОТ СОЈУЗ

Почитувани делегати, гости, драги пријатели, екселенции, претставници на медиумите, сакам да Ве поздравам и да посакам успешна работа на Конгресот. Демократскиот сојуз е партија која постојано бранува, партија која го слуша гласот на граѓаните. Силата на Демократскиот сојуз, произлегува од нашите принципиелни заложби...

прочитај повеќе...
partners partners partners partners partners partners