Култура на победата и поразот

31.05.2013

Култура на победата и поразот

од Братислав Димитров


 “Единствените ѓаволи на светот се оние што беснеат во нашите срца. Таму треба да ја водиме битката”.
                                                  Махатма Ганди


Во минатиот текст пишувавме за некултурата на поразот. Сега ќе спомнеме неколку примери кои даваат надеж дека човештвото не живее на оваа планета само за да ги задоволи потребите на дебелото црево. Со французите имам нерасчистени сметки уште од времето кога тие (заедно со уште неколку држави) насилнички ја делеа Македонија, затоа што наместо принципи и етика имаа силна авијација и уште посилен апетит за богата трпеза.  Но тоа не значи дека заради нивната империјалистичка лакомост јас помалку ја почитувам шансоната, литературата и многуте видови сирења, башка вината и коњаците, ако добро се следиме. Плус, мојата генерација е голем должник на францускиот филм затоа што го разголи најинтимниот дел на Брижит Бардо, со што ја скрати процедурата на неподносливиот пубертет опкружен со црвени марами, црвени петокраки и сиви самопослуги. Сè до тогаш ние мислевме дека само партизаните се борат за слобода, но разгаќената Брижитка ни отвори нови духовни хоризонти. И затоа во нејзина чест на екскурзиите (во полниот автобус или купе на воз) редовно и особено гласно се пееше ударничката хит песна “У тунелу усред мрака, Брижит Бардо на к.. скака!”

Французите се големи љубители на боксот иако таа љубов ретко кога им е возвратена. Затоа врвните писателски пера на нацијата, на урнатините на гордоста постојано сеат нова надеж. Таа нова надеж овој пат е боксерот Жорж Карпантиер, величан од тогашната агресивна пропаганда со најубавите епитети на еден јазик, кој и без тоа е склон на ласкање и комплименти. Таа долга и драматична септемвривска ноќ во 1921 година, цела Франција ги баталила своите професионални и приватни обврски за да биде “заедно” со својот миленик. Бидејќи тогаш само Лондон го добивал радио преносот од Америка, било договорено, откако англичаните ќе им јават на французите за резултатот на мечот, француската авијација со ракети да ја објави долгоочекуваната вест.
Милиони широко оџагорени очи се залепиле на француското небо, очекувајќи ја бојата на ракетите што ќе ја означи победата на нивниот херој. И кога сините ракети го распарале париското небо, знак дека нивниот Жорж го загубил мечот, Франција во тие мигови доживеала “нокдаун”. Нивната грогираност продолжила и во наредните денови кога дознале дека легендарниот американски боксер Џек Демпси, брутално и без милост го прегазил нивниот фаворит уште во четвртата рунда!
За разлика од нашиве илеџии и плачковци кои сметаат дека поразот е победа која некој неправедно им ја одземал, французите умеат да “држат излог” и кога е најтешко. Следниот ден, во најдобрата традиција на галскиот дух, лично претседателот на Француската република Рајмон Поанкаре, дал изјава за весниците: “Треба да му се прости поразот на Карпантиер и да се прими со најголема подготвеност. Тој неуспех не ја обременува нашата иднина и не му пречи на ниту еден французин, ниту на самиот Карпантиер, да превземе сè за реваншот”. Истиот ден, илјадници копиљаци маваат по кожената вреќа и влегуваат во клинч со времето, подготвени уште утре да ја предизвикаат судбината и да го поделат со сите својот сон и својата драма која секогаш има два рамноправни завршетоци: победа и пораз.
Следната анегдота е пример кој мораме да го следиме ако сакаме да изгледаме нормално, кога веќе сме се родиле! На еден од најсилните шаховски турнири во тоа време,  ветеранот Видмар игра против светскиот шампион Капабланка. Партијата не завршила во определеното време и била прекината за да продолжи наредниот ден. И тука дошло до недоразбирање. Видмар му рекол на Капабланка дека малку ќе ја анализира прекинатата партија, па ако види дека нема спас, ќе ја предаде без продолжение. Капабланка сфатил дека Видмар се предал и не дошол на продолжување на партијата. Кога Видмар видел дека заставичката на часовникот на Капабланка ќе падне (и истекот на времето е пораз) го повикал судијата и ја предал партијата. Подоцна тој негов потез го нарекле најубав потез во велемајсторската пракса.
Во мое време кога доаѓаше до “ферка” (тепачка еден против еден) сите го почитуваа старото маалско правило: кога победениот ќе рече “признавам”, победникот веднаш го оставаше на мира. Често пати му подаваше и рака за да стане од калта, а се случуваше после таквите тепачки и да седнат на иста маса и да се напијат по некоја пијачка!  
Видовме како се однесуваат поразените кај нас и во светот. А како се однесуваат победниците кај нас? Во една прилика новинарката на ТЕА-модерна Ивана Тасев го прашала глумецот Кирил Поп Христов-Кили, зошто во својот говор употребува меко “л”, а Кили одговорил: “Курчење, маче, курчење!” Ете така се однесуваат сите кога ќе станат победници. Не дај боже тука некој да те победи во нешто. Дали е шах, домино или парламентарни избори, нема значение. Со иста садистичка страст ќе ти се потсмева во сите случаи. Ќе те тера по душа додека те гледа.  Ќе те јаде како чист леб. Во што и да бидеш поразен, “победникот” постојано, во секое време и на секое место, ќе те потсетува на твојот пораз! Само тука се умира од сè и сешто, освен од здодевност. Победниците повеќе уживаат во туѓиот пораз отколку во својата победа. Секој војува со секого, освен со себе.
Иако пуфкал “хаванки”, пиел по литар виски и ја добил втората светска војна, Винстон Черчил стигнал и да ја смисли и најдобрата изрека на оваа тема која гласи: “Во војната: решителност. Во поразот: пркос. Во победата: великодушност. Во мирот: добра воља”.
И на крајот, снаоѓај се како знаеш, ама гледај да немаш послаб автомобил од “победникот” што го среќаваш секојдневно. Иако ќе ги отвараш сите теми на овој свет, вклучувајќи ја и неговата швалерка, завалијата ќе ти зборува само за својот автомобил! Откако ќе те запознае со гобленските перфоманси на својот миленик (од ѕивана, преку вртежен момент, до сечење кривини) “победникот” (иако знае!) ќе те праша што возиш ти? Го кажуваш моделот на јадникот од тенекија, а тој “ширококрадо” те теши и почнува да ти се жали: само карбураторот на неговата “убавица” чини колку целата твоја крнтија! Зарем толку?
Толку. До следната сеанса. 




Последни Активности

1.11.2012

КАНДИДАТИ ЗА ГРАДОНАЧАЛНИЦИ НА ДЕМОКРАТСКИ СОЈУЗ:

1. Радовиш

Страхил Гавритов, електро инженер, вработен во ЈП Плаваја-Радовиш.

2. Неготино

Ванчо Петров, професор во Гимназијата во Неготино...

прочитај повеќе...



13.11.2012

Трајанов - Историски момент за компромис со Грција

Очекувам да се дојде до некаков компромис, но тоа пред сè ќе зависи од внатрешното единство, од тоа дали Република Македонија ќе изгради единствена политика околу ова прашање, вели Павле Трајанов, водачот на македонската парламентарна делегација на Заседанието на Асамблеата на НАТО во Прага.

прочитај повеќе...

19.11.2012

ОПШТИНСКАТА ОРГАНИЗАЦИЈА НА ДС - КОЧАНИ ИЗБРА НОВ ПРЕТСЕДАТЕЛ

„ Потекнувам од работничко семејство, во партијата влегов поради чесноста, потенцијалите, политичката одговорност и пред се поради политичката иднина, којa ја гледам во Демократски сојуз “... 

прочитај повеќе...

14.01.2013

Kако до нови работни места?

Демократскиот сојуз, заедно со граѓаните ќе работи на градење на Програма за отворање на нови работни места , развој на економијата и унапредување на животниот стандард на граѓаните.

прочитај повеќе...

18.03.2012

ОБРАЌАЊЕ НА ПАВЛЕ ТРАЈАНОВ НА IV-ОТ КОНГРЕС НА ДЕМОКРАТСКИОТ СОЈУЗ

Почитувани делегати, гости, драги пријатели, екселенции, претставници на медиумите, сакам да Ве поздравам и да посакам успешна работа на Конгресот. Демократскиот сојуз е партија која постојано бранува, партија која го слуша гласот на граѓаните. Силата на Демократскиот сојуз, произлегува од нашите принципиелни заложби...

прочитај повеќе...
partners partners partners partners partners partners