ИДЕЈАТА ЗА ДВОДОМЕН ПАРЛАМЕНТ Е ПОЛИТИЧКА АКРОБАЦИЈА Каде видел Арбен Таравари градоначалници сенатори?!

17.10.2023

ИДЕЈАТА ЗА ДВОДОМЕН ПАРЛАМЕНТ Е ПОЛИТИЧКА АКРОБАЦИЈА Каде видел Арбен Таравари градоначалници сенатори?!

Тезата за формирање дводомен парламент е желба на големите популисти и националисти. Арбен Таравари упорно се обидува да го надмине Али Ахмети во поглед на екстремизмот и национализмот, но тоа нема да му успее. Освен тоа, неговата идеја е уникатна, бидејќи Таравари очигледно не го разбира принципот на дводомноста, велат експертите.

Многу штетна и опасна иницијатива. Вака политичките аналитичари, пратеници и партиски лидери со коишто разговараше Плусинфо ја коментираат вчерашната изјава на претседателот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, кој предложи во Македонија да се формира дводомен парламент доколку не бидат изгласани уставните измени.

Тој предложи едниот дом да го сочинуваат градоначалници на неколку поразвиени општини, а другиот дом да го сочинуваат пратеници, но во помал број во споредба со сегашниот. На тој начин, со два дома, рече тој, би наликувале на конгресот и на сенатот во САД.

Нашите соговорници велат дека предлогот не е одржлив, а забележуваат и дека станува збор за уникатна идеја, бидејќи такво уредување не постои никаде во светот.

– Таравари ги посочува САД за пример, но тој заборава дека таму сите се Американци, без оглед на боја, раса, нација, етничка припадност. Таму сите копнеат да имаат американски пасош, да бидат американски државјани, да ја пеат американската химна и да го веат американското знаме – вели поранешниот собраниски спикер Тито Петковски.

Аналитичарите советуваат да си го задржиме принципот на поедноставна и поефикасна институционална поставеност, наместо да одиме на удвојување на институциите, што ќе значи многу поскапо, неефикасно функционирање, коешто не ја потврдува унитарноста, туку напротив – ќе ја ослабува.

Штетна и опасна идеја

Тито Петковски, поранешниот претседател на Собранието, во разговор за Плусинфо вели дека самото преговарање за формирање дводомен парламент е штетно и опасно за Македонија.

– Тезата за формирање дводомен парламент во земјава апсолутно е присутна уште од осамостојувањето на Македонија, па сѐ до денес. Меѓутоа, тоа пред сѐ е желба на големите популисти и националисти, а никако не води кон повторување на клучната уставна определба: Македонија да биде општество на рамноправни граѓани. Ние, откако направивме општество на рамноправни етнички заедници, откако го избркавме граѓанинот од политичкиот систем, дефинитивно ја загубивме Македонија како просперитетна демократска, стабилна држава, мајка и татковина на сите граѓани кои живеат во неа, без оглед на етничката припадност. Изјавата на Таравари не претставува ништо друго освен националистички излив, за да се добие некаков политички поен пред избори. Оваа идеја не само што не е функционална, туку е и штетна и опасна за државата. Со формирањето дводомен парламент, веднаш се ставаат во нерамноправна положба и едните и другите граѓани. Гледам дека Таравари ги посочува САД за пример, но тој заборава дека таму сите се Американци, без оглед на боја, раса, нација, етничка припадност. Таму сите копнеат да имаат американски пасош, да бидат американски државјани, да ја пеат американската химна и да го веат американското знаме. Кај нас нема такво нешто. Секој влече на своја страна. Така што, формирањето на дводомен парламент во Македонија е крајно штетна и непродуктивна идеја – објаснува Петковски.

Тој посочува дека не би можело никогаш да се случи градоначалници на општини да бидат претставници на едниот парламентарен дом, бидејќи, како што вели, тоа е класично мешање на локалната со централната власт.

– Што ќе одлучуваат пратениците, а што ќе одлучуваат градоначалниците? Оваа идеја потекнува од 2004 година, кога имавме референдум за територијална поделба. Суштината на локалната самоуправа, која Таравари очигледно не ја разбира, е да се подобри животот на луѓето во нивното место на живеење, со тоа што ќе се градат водоводи, канализации, основно образование, здравство, да има убави улици, луѓето да живеат пристоен живот – вели Петковски.

Ако има 81 глас во парламентот за формирање дводомен парламент, тогаш идејата на Таравари секако ќе се реализира, предупредува Петковски:

– Меѓутоа, реално, тоа многу тешко би се се случило, со оглед на тоа што во моментов не можат да се соберат толку пратеници кога станува збор за уставните измени, а не, пак, да се обезбеди двотретинско мнозинство за да се формира дводомен парламент. Тоа е дефинитивно поделба по етничка основа и претставува еден вид мобилизација на луѓето единствено по етничка основа – вели тој.

Уставно неспроведлива акробација

Поранешниот министер за надворешни работи и актуелен пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, пак, смета дека изјавите на Таравари претставуваат дефокус од неспособноста на власта.

– Токму партијата на Арбен Таравари, Алијанса за Албанците, ѝ даде легитимитет на оваа неспособна власт. Таравари во август 2020 година рече „нема што да бараме во влада со ДУИ, тоа е како со криминалци да се бориш против криминалот“, а сега изјавува дека бара дводомен парламент, иако е свесен дека тоа е политичка акробација која е уставно неспроведлива. Затоа, наместо да прави политички дефокус, Таравари треба да се изјасни колку денес е задоволен од владината борба против корупцијата и криминалот, заедно со оние кои тој ги опиша како „криминалците од ДУИ“ – рече пратеникот.

Милошоски и претходно предупредуваше дека евентуалното формирање дводомен парламент во Македонија ќе значи дополнително оптоварување на буџетот, намалување на ефикасноста и ослабување на унитарноста на државата.

– Во Македонија би требало да си го задржиме принципот на поедноставна и поефикасна институционална поставеност, наместо да одиме на удвојување на институциите, што ќе значи многу поскапо, неефикасно функционирање коешто не ја потврдува унитарноста, туку напротив, ќе ја ослабува. Затоа сметам дека ваквите предлози не би биле корисни и не би биле успешни кај нас, бидејќи нема да направат подобро и поефикасно општество и демократија. Во Германија, на пример, постои Бундестаг во улога на парламент, ама има и Бундесрат, кој е претставнички дом на региони, во кој покраинските држави имаат по еден претставник. Голем дел од законите коишто поминуваат во Бундестагот, веднаш одат на потврдување во Бундесратот, па ако не поминат, тогаш повторно се враќаат назад. Но, Германија е на неспоредливо високо ниво на развој, демократија и политичка култура. Генерално, сметам дека формирањето дводомен парламент во Македонија не е изводлива операција – изјави Милошоски за Плусинфо.

Да се намали бројот на пратеници

Ние не сме Америка и апсолутно нема никаква потреба од мешање на локалната со централната власт во Македонија, ни изјави претседателката на ЛДП, Моника Зајкова.

– Затоа постојат различни типови на власт, токму за да вршат контрола едни врз други. Само за една работа се согласувам со Таравари, но во никој случај тоа не е формирање дводомен парламент во Македонија. Исто мислење со Таравари делиме само за потребата од намалување на бројот на пратеници. Што ќе добиеме ако формираме дводомен парламент и ако бидат вклучени градоначалниците? Градоначалниците и сега можат во Парламентот да побараат расправа во однос на одредени прашања или да поднесат автентични толкувања. Таравари тврди дека државата подобро би функционирала ако се формира дводомен парламент, но државата и вака добро функционира. Лидерот на Алијанса за Албанците треба да одговори дали станува збор за формирање нови институции и реорганизација на институциите или е прашање на свесноста и волјата на сите политички субјекти да прават промени и да не ги користат институциите за политички поени или за политички пазар. Ние велиме дека сакаме независно судство, но никој не сака да ги тргне рацете од судството кога ќе дојде на власт – вели Зајкова.

Таа забележува дека никој не ја контролира работата на градоначалниците на општините, па затоа, како што посочува, дел од граѓаните се соочени со градоначалници кои глумат локални шерифи.

– Лично сметам дека Таравари е добар градоначалник, но имаме градоначалници кои глумат локални шерифи. Градовите им пропаѓаат, а никој не може ништо да им направи. Па зарем сега ние треба да правиме дводомен парламент и да ги внесеме истите овие луѓе во парламентот, или, пак, треба да поработиме на свеста дека парламентот треба да работи за граѓаните. Собранието ќе функционира ако не се блокира секојдневно поради политички маркетинг и популизам – изјави Зајкова.

Лидерот на Демократски сојуз и пратеник, Павле Трајанов, вели дека идејата на Таравари е неприфатлива и не е во функција на јакнење на демократијата.

– Никаде во светот нема такви парламенти и такви домови. Овој предлог на Таравари е уникатен. А ние, како и сите европски држави, сме парламентарна држава и имаме парламент, а единствено што јас би менувал е бројот на пратениците да се намали од 120 на 90. Нема потреба од никакви други промени. Тоа е парламент каде што се искажува волјата на граѓаните преку пратениците и навистина нема потреба да се формира дводомен парламент. Идејата на Таравари е неприфатлива и не е во функција на јакнење на демократијата. Таравари е познат по тоа што дава контроверзни изјави кои во основа се крајно фундаменталистички и не се во функција на градење на унитарниот карактер и јакнење на правата на граѓаните. Затоа слободно ќе кажам дека Таравари никогаш нема да може да биде поголем екстремист од Али Ахмети, иако упорно се убедува да биде. Ахмети беше припадник на паравоена формација и отвори воен конфликт во Македонија, па многу тешко ќе му биде на Таравари да го надмине Ахмети во поглед на екстремизмот и национализмот. Таравари многу често има давано проблематични изјави кои не се во функција на градење на стабилност на државата или почитување на правата на граѓаните. И тој самиот е свесен дека ваквите иницијативи нема да поминат, но мисли дека ќе добие гласови со таков начин на делување. И Мендух Тачи од ДПА пред 12-13 години бараше да се формира дводомен парламент, па сето ова е еден вид реприза  – изјави Трајанов.

Идејата е депласирана

Веројатно соочен со сѐ понискиот личен и партиски рејтинг, лидерот на Алијансата за Албанците прибегнува кон една „табу тема”, која одвреме-навреме провејува во политичкиот живот од лидери на етничко албанските политички партии кои се пред сѐ во опозиција, забележува политичкиот аналитичар Благојче Атанасоски.

– Интересно е тоа што Алијанса за Албанците е владејачка партија, а Таравари е во втор последователен мандат како градоначалник на Општина Гостивар, па зачудува зошто ја исфрла во јавноста оваа тема и теза, нудејќи етнонационализам, што е својствено за лидерите на опозициските партии како „најсигурно прибежиште”. Идејата е депласирана. Прво, потребно е менување на Уставот со двотретинско мнозинство, а такво нешто очигледно нема да има и нема да успее. И второ, ќе се наруши самиот Охридски рамковен договор, бидејќи една од одредбите на ОРД е и децентрализацијата на локалната самоуправа, ваква каква што ја ползуваме со Законот за локална самоуправа од 2004 година – објаснува Атанасоски.

За целосно менување на политичкиот систем во Македонија, додава тој, потребен е широк политички, општествен и државен консензус, а такво нешто во овој момент очигледно не постои.

– Лидерот на Алијанса на Албанците нека понуди реални практични политики со кои ќе го подобри животот на граѓаните од секојдневен аспект, а не да се расфрла со идеи на кои им поминало и времето. Ваквите идеи се длабоко закопани во минатото како ретроградни, реакционерни и анахрони – вели Атанасоски.

 

Извор



Последни Активности

1.11.2012

КАНДИДАТИ ЗА ГРАДОНАЧАЛНИЦИ НА ДЕМОКРАТСКИ СОЈУЗ:

1. Радовиш

Страхил Гавритов, електро инженер, вработен во ЈП Плаваја-Радовиш.

2. Неготино

Ванчо Петров, професор во Гимназијата во Неготино...

прочитај повеќе...



13.11.2012

Трајанов - Историски момент за компромис со Грција

Очекувам да се дојде до некаков компромис, но тоа пред сè ќе зависи од внатрешното единство, од тоа дали Република Македонија ќе изгради единствена политика околу ова прашање, вели Павле Трајанов, водачот на македонската парламентарна делегација на Заседанието на Асамблеата на НАТО во Прага.

прочитај повеќе...

19.11.2012

ОПШТИНСКАТА ОРГАНИЗАЦИЈА НА ДС - КОЧАНИ ИЗБРА НОВ ПРЕТСЕДАТЕЛ

„ Потекнувам од работничко семејство, во партијата влегов поради чесноста, потенцијалите, политичката одговорност и пред се поради политичката иднина, којa ја гледам во Демократски сојуз “... 

прочитај повеќе...

14.01.2013

Kако до нови работни места?

Демократскиот сојуз, заедно со граѓаните ќе работи на градење на Програма за отворање на нови работни места , развој на економијата и унапредување на животниот стандард на граѓаните.

прочитај повеќе...

18.03.2012

ОБРАЌАЊЕ НА ПАВЛЕ ТРАЈАНОВ НА IV-ОТ КОНГРЕС НА ДЕМОКРАТСКИОТ СОЈУЗ

Почитувани делегати, гости, драги пријатели, екселенции, претставници на медиумите, сакам да Ве поздравам и да посакам успешна работа на Конгресот. Демократскиот сојуз е партија која постојано бранува, партија која го слуша гласот на граѓаните. Силата на Демократскиот сојуз, произлегува од нашите принципиелни заложби...

прочитај повеќе...
partners partners partners partners partners partners