Гасификација во функција на чист воздух

24.12.2013

Говор на Павле Трајанов во Собранието на РМ

Гасификација во функција на чист воздух

Пред десетина дена на Комисијата за европски прашања кога се расправаше за одредени законски решенија сврзани со заштита на животната средина од точењето на нафтени деривати, тогаш го иницирав овој проблем и министерот презентираше се што превзема Владата, но после тоа имаше иницијатива да се расправа и во Парламентот и добро е што денеска расправаме за загадувањето, бидејќи во голема мера е загрозено здравјето на граѓаните посебно во Скопје, Тетово и во некои други градови во Република Македонија. Ова подразбира преземање на вонредни мерки се со цел да се ублажи состојбата од аспект на загадувањето. Сите сме свесни и сите знаеме дека не може ништо да се направи за докрај да се подобрат состојбите или да се елиминира високиот степен за загаденост, бидејќи ако сакаме отворено да расправаме, да разговараме тогаш мора да бидеме крајно објективни зошто сме во една ваква состојба.

Јас сакам да укажам само на неколку аспекти: Скопје е лоциран во котлина каде што во текот на зимските денови има многу малку ветрови и имаме карактеристична состојба каде што се задржува маглата и практично сме ние цело време под еден своевиден чадор каде што сите издувни гасови се задржуваат тука. Слична е состојбата и во некои други градови кои што лежат во котлина и каде што има помалку раздвижување на воздухот и помалку ветрови.

Следен аспект е урбанизацијата на Скопје и на другите градови. Во суштина од 1963 година, наваму не се водеше сметка (ниту сега се води) за еколошките стандарди на урбанизацијата, како и тоа каде ќе се шири Градот Скопје, наместо во ридско-планинските подрачја, градот и натаму се шири во Аеродром и Ново Лисиче, каде што загаденоста е уште поголема и концентрацијата на издувни гасови се задржува подолго време.

Клучно е што во Република Македонија скоро ниту една општина, вклучително и градот Скопје, немаат студија која што ќе укажува или ќе дава насоки како да се урбанизира градот во иднина и како да се штитиме од можните загадувања. Свесни сме во Скопје како се гради, интензивна градба, притоа природните струења на воздухот од Водно и од другите правци се попречени со станбени блокови, дали е тоа Градски ѕид,  дали се зградите во Капиштец, дали се другите градби од другата страна на Вардар и во основа нема услови за раздвижување на воздухот во Скопје и тоа е еден од клучните проблеми.

Сигурно дека на загадувањето влијае и тоа што во Скопје и другите градови се користат автомобили кои што не ги задоволуваат еколошките стандарди, затоплувањето се врши со цврсти горива кои што исто така го загадуваат воздухот. Не помалку е загадувањето од индустриските капацитети бидејќи и во Скопје и во другите градови кога се проектирале тие големи индустриски капацитети воопшто не се размислувало за потребата од заштита на средината туку бил битен стопанскиот - економскиот развој и сите тие  сега се многу блиску или во самите градови.

Во последните години се разви економската свест и започнаа поригорозни мерки  да се применуваат, меѓутоа ваквата состојба не е можно да се промени ниту за две, ниту за пет, ниту за десет години, но треба да се опстои на примена на еколошките стандарди.

Сакам да укажам на проблемите за гасификација на Република Македонија, колку што знам овој проблем е од 91 - 92 година, спор помеѓу државата Република Македонија и “Гама“, за гасификација на РМ. Повеќе од 20 години има расправии, дискусии, судски процеси, а сето тоа беше на штета на гасификацијата на Република Македонија, како еден од битните фактори за намалување на степенот на загаденоста.

Владата во оваа вонредна состојба или еколошка катастрофа, која што го зафати Скопје, предлага и превзема бројни мерки, меѓутоа укажав дека тоа не е можно преку ноќ да се променат состојбите. Сигурно дека ќе се ублажат последиците, но за целосно нормализирање на состојбите треба многу подолгорочни мерки.

Затоа мислам дека добро е што Парламентот расправа и јас очекувам (и предлагачот тоа  го нагласи), бројни мерки кои што ќе произлезат од експертите, од пратениците и од невладиниот сектор, се разбира и Владата, Министерството за екологија. Состојбите се следат и верувам дека ќе се преземат поефикасни мерки.

Јас во основа би ги поделил мерките во три дела.

Прво, долгорочни мерки, натаму мерки на среден рок и се разбира краткорочни мерки, за кои што деновиве расправаме и кои се превземаат.

Долгорочни мерки:

- гасификацијата на Република Македонија;

- високи еколошките стандарди при увоз на автомобилите и товарните возила и во таа насока бенефиции за сите оние што ќе увезат “еколошки возила“ кој што нема да ја загадуваат околината;

- во Скопје е битно да се интензивираат активностите за воведување на трамвај бидејќи на тој начин ќе можат повеќе граѓани да го користат јавниот превоз;

- зголемување на зелените површини. Тоа треба да биде една од главните програми на секој градоначалник, во секоја општина, а посебно во Скопје.

На среден рок сигурно треба:

- да се поддржат компаниите кои што треба да постават заштитни филтри и да ги исполнат другите високи еколошки стандарди.

Краткорочни мерки:

Владата веќе најавува и превзема  бројни мерки, но ги предлагам и следните:

- бесплатен јавен градски превоз  во Скопје и другите градови;

- прекин на наставата во основните училишта и престојот во предучилишните установи.

На крај, предлагам да се подготват студии за загаденоста на секој град и на секоја општина, и мерки што ќе се применуваат  како дел од долгорочна стратегија за примена на највисоките еколошки стандарди.

23.12.2013, Собрание на Република Македонија

partners partners partners partners partners partners