ДС достави Иницијатива до Уставен суд за новодонесениот Закон за Совет

24.02.2015

ДС достави Иницијатива до Уставен суд за новодонесениот Закон за Совет

Во врска со новодонесениот Закон за Совет за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување на одговорност на судија, Демократскиот сојуз достави Иницијатива до Уставниот суд за покренување на постапка за оценување на уставноста на член 6 од овој Закон, со кој се предвидува Советот да биде составен од 9 члена од редот на пензионирани судии (3), обвинители (3), професори (2) и адвокат (1), кои треба да засноваат работен однос со полно работно време ида извршуваат оперативни-истражни активности за утврдување на одговорност на судиите. Сите други се дискриминираат, односно само пензионери можат да бидат членови на ова „судско тело“.

Ваквата одредба не е во согласност со член 9 од Уставот на Република Македонија, и е во спротивност и со член 104 од Законот за работни односи, каде е предвидено на работникот да му престане работниот однос, со 64 години, односно со 67 години старост.

Инаку, на судиите, како и на членовите на Судскиот совет на Република Македонија, мандатот им завршува со исполнување на условите за пензија, така ваквиот исклучок е нелогичен, без оправдување и се коси со уставните определби за достапност на секое работно место на сите граѓани.

Покрај тоа, членовите на овој Совет, во суштина како пониско тело на Судскиот совет на Република Македонија, во постапката за утврдување на одговорност на судиите, треба да извршуваат работи за кои се бара стручност, но и исклучителен напор при обезбедување на податоци и докази неопходни за поведување постапка за одговорност на судиите.

Демократскиот сојуз смета дека оваа активност можат да ја извршуваат  млади, стручни кадри (дипломирани правници), кои користат повеќе јазици, компјутери, како и кадри кои не се оптоварени со релации со судиите, обвинителите  и сл.

Очекуваме Уставниот суд да ја прифати Иницијативата и да донесе одлука за поништување на овој член, а до конечната одлука да донесе времена мерка за одлагање на примената на Законот во целина, за да се избегне настанување на штетни последици.

Инаку, овој Закон, беше донесен на 36-тата седница на Собранието на Република Македонија одржана на 11. 02. 2015 година во скратена постапка. Оваа седница беше закажана на 9 февруари, а материјалите за седницата до пратениците беа доставени истиот ден во 20.30 часот.

Седницата на која беше прифатен дневниот ред со 11 точки се одржа на 10.02. 2015 година, а комисиските расправи се одржаа на 11.02.2015 година со почеток во 10.00 часот. Пленарната седница се одржа истиот ден со почеток во 12.00 часот, кога се донесе Законот.

За овој Закон немаше јавна расправа, ниту пак експертски мислења, споредбени искуства и сл., и без суштинско образложение за носењето на овој Закон.

partners partners partners partners partners partners