СКОПЈЕ, 01.10.2012 ГОДИНА

01.10.2012

СООПШТЕНИЕ ДО МЕДИУМИТЕ

Демократскиот сојуз се залага за три основни работи:

Прво, за слобода на изразувањето, како темел на слободата на говорот и слободата на печатот.

Второ, за вистината, како цивилизациска и демократска вредност, и

Трето, за одговорноста, која ги гарантира слободата на изразувањето и вистината.

Во оваа насока, Демократскиот сојуз ги поддржува измените во законите со кои се декриминализира клеветата и навредата, но укажува на потребата од решенија, со кои ќе се јакне одговорноста на сите граѓани, новинарите и сопствениците на медиумите, при објавувањето на информации и настапот во јавноста.

Последните години сведоци сме на масовно отворање на веб портали преку кои се објавуваат шпекулации, невистини, клеветнички содржини и сл.

Слична е состојбата и во некои од електронските и печатените медиуми.

Последните два дена бевме сведоци и на крајно непрофесионално и неодговорно објавување на непостоечки настани (наводната смрт на студент во Солун), со што се вознемири јавноста и беа можни инциденти од поголеми размери.

Овој случај е класично ширење на лажни вести, поради што сметаме дека Владата, а посебно Јавниот обвинител треба докрај да го расчистат овој случај и да ја утврдат одговорноста, на секој што придонел да се прошири лажнава вест.

Демократскиот сојуз активно е вклучен во расправата по Предлог-законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета и е подготвен да предложи промени (амандмани), доколку од новинарската фела добие конкретни и образложени предлози.

Демократски сојуз

partners partners partners partners partners partners