11.07.2020
ШЕСТИ КОНГРЕС НА ДЕМОКРАТСКИОТ СОЈУЗ
Со учество на 350 делегати и гости денес пред „Хотелот Белви“ во Скопје, Демократскиот сојуз го одржа Шестиот конгрес, на кој ги презентираше своите програмски приоритети под мотото „За Европска Македонија“ и учеството на претстојните парламентарни избори.
Конгресот се одржа во духот на одбележувањето 20 години од формирањето на Демократскиот сојуз, за што зборуваше претседателот Павле Трајанов.
- Демократскиот сојуз повеќе од дваесет години опстојува на политичката сцена, препознатлив е по своите принципиелни ставови, објективност и искреност. Ние ниту едно значајно прашање не премолчуваме, за се имаме свој став и тој им го соопштуваме на граѓаните, рече Трајанов.
Во своето обраќање Трајанов истакна дека приемот во НАТО е од огромна важност за стабилноста на државата, владеењето на правото и економскиот развој, а одлуката на ЕУ за започнување на пристапните преговори ќе ги забрза демократските процеси и севкупниот развој на Македонија. Промената на името на Република Македонија е најтешката и најризичната одлука за која следните генерации од историска дистанца ќе можат да дадат објективен суд дали ја зајакнале независноста и отвориле перспективи на Македонија.
- На сите ни е јасно дека без договорите со Грција и Бугарија далеку ќе бевме и од НАТО и од ЕУ, и затоа сум против ретроградните идеи со кои се најавува ревизија на договорите, судење за велепредавство и сл. Тоа е манипулација со чувствата на граѓаните, истакна Трајанов.
Врвен приоритет во дејствувањето на ДС ќе бидат младите, со реални системски решенија и конкретни проекти. Ќе се формира посебен фонд со кој младите ќе управуваат за отворање нови бизниси и ќе можат да ги реализираат своите идеи.
Демократскиот сојуз во парламентот ќе предложи нов Закон за борба против организираниот криминал, со конфискација на криминално стекнатиот имот и забрана за политичко дјествување. Трајанов најави и уставни промени за прецизно дефинирање на одговорноста на судиите и обвинителите, но и други системски промени околу можноста за распуштање на парламентот, импичмент на претседателот на државата, преиспитување на Бандетеровото мнозинство и други решенија со кои ќе се јакне граѓанскиот концепт на државата.
Натамошната соработка со другите партии, според Трајанов, ќе зависи дали ќе останат на предизборниот договор, после изборите, во рок од три месеци да се прифатат предлозите на Демократскиот сојуз, Македонија да биде една изборна единица, за да се создадат еднакви услови и шанси за сите партии, и да се сруши монополот на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, кои 30 години се менуваат на власт, но државата стагнира.
На конгресот свое обраќање имаше и Зоран Димитровски, генерален секретар на ДС, кој ги презентираше програмските приоритети на партијата во наредниот четиригодишен мандат. Според Димитровски, со предлозите на ДС за уставни и системски промени ќе почне да се враќа правдата и довербата во системот. Тој зборуваше и за потребните реформи во здравството и образованието и медиумската област.
- Предлагаме обврска дипломираните лекари да останат да работат најмалку 10 години во Македонија, но државата да им понуди плата од 2000-3000 евра, а парите ќе ги обезбедиме откако ќе ги скратиме бројот на министрите, агенциите и владините советници.
Програмата на ДС предвидува воведување предмети медиумска писменост и критичко размислување во основните и средните училишта, како и зајакнување на слободните и критички медиуми преку создавање посебен Фонд за проверка на фактите и истражувачко новинарство од 1,5 милиони евра годишно.
Потпретседателот на Демократскиот сојуз Зоран Петров зборуваше за 20 годишниот јубилеј на партијата, при што истакна:
- Несоборлив факт е дека обемот и квалитетот на новите идеи, планови и предлози е граничникот кој ги раздвојува големите од малите партии, а не бројот на членството, бројот на општински организации, бројот на партиски возила, бројот на вработени во големиот број партиски подружници и слично. Демократскиот сојуз посветено се придржуваше до ова начело во изминатите 20 години, поставувајќи пред себе високи критериуми и стандарди во политичкиот натпревар. Демократскиот сојуз го стави својот потпис врз цела серија проекти, што е во функција на неговиот имиџ на сериозна, динамична и современа политичка партија, рече Петров.
Свое обраќање на конгресот имаше и потпретседателката на Демократскиот сојуз, Весна Стоименовска Атанасов, која зборуваше за неправилностите во системот поради кои изминатите години се воочени многу неправди како резултат на политичкото самоволие.
- Програмски приоритет на Демократскиот сојуз е воспоставување на систем на одговорно и чесно владеење, што е пак многу тесно поврзано со постоење на правна држава, ефикасни и непристрасни институции и неселективна борба против организираниот криминал и корупцијата.
Од Конгресот, Демократскиот сојуз упати повик до сите граѓани да излезат масовно и да ги поддржат европските вредности, да гласаат за кандидатите на коалицијата „Можеме“ под реден број 3.
На Шестиот конгрес Павле Трајанов е повторно избран за претседател на партијата, а истовремено е избран и нов Централен совет на Демократскиот сојуз.