31.01.2021
Прес конференција на генералниот секретар на Демократски сојуз
Демократскиот сојуз со внимание го следи развојот на политичките состојби во Македонија во контекст на актуелната здравствена криза предизвикана од коронавирусот, борбата против корупцијата, политичките несогласувања околу одржувањето на пописот и застојот во евроинтеграциите. Истовремено, Демократскиот сојуз се подготвува за настап на локалните избори закажани за октомври оваа година.
ЈАВЕН ПОВИК ЗА КАНДИДАТИ ЗА ГРАДОНАЧАЛНИЦИ И СОВЕТНИЦИ
Претседателството на ДС одлучи да објави јавен повик за кандидати за градоначалници и носители на советнички листи за градот Скопје и општините во Македонија.
Како демократска партија сакаме да мотивираме кандидати за градоначалници и советници кои не се партиски определени, но се докажани професионалци, кандидати со менаџерски способности, а пред се со висок морален интегритет, отпорни на коруптивни влијанија, почитувани во средината каде што работат и ги познаваат потребите на граѓаните во општината.
Кандидатите за градоначалници ќе треба да подготват изборна програма (2021-2025) во која ќе бидат опфатени локалните проблеми – инфраструктурни, економски, образовни, здравствени, културни, спортски итн. и да предложат проекти и мерки за нивна реализација. Програмата треба да биде резултат на проучување и анализа на состојбите и да биде изработена во соработка со граѓаните, компаниите, невладиниот сектор и експертите. Таа треба да биде подготвена до август 2021 година. Кандидатите за градоначалници треба да ги прифатат основните идејни и програмски определби на Демократскиот сојуз, како и да соработуваат со носителот на советничката листа и останатите кандидати за советници и да ги поддржуваат во изборната кампања.
ВАКЦИНИ БЕЗ ИДЕОЛОГИЈА И ГЕОПОЛИТИКА
Иако состојбата со заболените од КОВИД-19 е под контрола, факт е дека Македонија е меѓу последните земји од Европа каде што се уште не е започнато вакцинирањето на населението. За ова има и објективни и субјективни причини. Бидејќи здравјето на граѓаните е наш врвен приоритет, ја повикуваме Владата да вложи дополнителни напори за итна и неодложна набавка на вакцини од сите производители чии вакцини масовно се користат во повеќе земји.
Македонија е членка на НАТО и кандидат за членство во ЕУ, но сега не е време за идеолошки или геополитички избор. Борбата против коронавирусот е глобална и само заедно можеме да ја победиме, сеедно дали со кинески, руски, германски, британски, американски или какви било други вакцини кои се испитани, ефикасни и безбедни.
НЕСЕЛЕКТИВНА И РОБУСНА БОРБА ПРОТИВ КОРУПЦИЈАТА
Демократскиот сојуз со загриженост ја прими веста дека Македонија оваа година назадува во борбата против корупцијата односно падна за пет позиции во споредба со минатата година и рангирана е на 111 место на листата на Транспаренси Интернешнл за перцепција на корупцијата, во друштво со некои африкански земји. Ова е сигнал кој треба сите да не алармира дека и покрај декларативните заложби на Владата и отпочнатите процеси на прочистување во правосудството, сепак има сериозен застој во борбата против корупцијата.
За да го искорениме ова зло од највисоките политички ешалони на власта, министерствата, државните агенции, јавните претпријатија, судовите и обвинителствата, не е доволно само да ја повторуваме заложбата. Потребно е без одлагање да се завршат започнатите судски процеси против сторителите на тешки форми на криминал и корупција од изминатите години, без политички мешања и интервенции.
Демократскиот сојуз ја повикува Владата на нулта-толеранција во борбата против корупцијата и неселективен пристап, а обвинителството да не ги игнорира сомневањата за корупција и криминал и да постапува по допрен глас, без оглед дали тој доаѓа од медиуми, од граѓани или од опозицијата.
Потсетуваме дека во Собранието е во процедура Законот за преиспитување факти и докази користени во судска постапка, кој го предложи Демократскиот сојуз и кој треба да им помогне на неправедно осудените во политички монтирани случаи да стигнат до правдата. Но, исто така, преку овој процес да ги откриеме и судиите и обвинителите кои суделе по политички налог. Време е исто така Владата да ги примени и мерките од проектот ДЕКРИ на Демократскиот сојуз, кој е сеопфатна програма за борба против корупцијата и организираниот криминал.
ДОПОЛНИТЕЛНИ ГАРАНЦИИ ЗА УСПЕШЕН ПОПИС
Демократскиот сојуз предупредува дека пописот кој треба да се одржи во април оваа година може да пропадне доколку остане недовербата кон оваа статистичка операција од страна на најголемите политички партии. Поради тоа, очекуваме при подготовката на методологијата за пописот, Државниот завод за статистика да обезбеди дополнителни гаранции и контролни механизми за непречено и непристрасно одвивање на попишувањето, кое ќе даде точна слика за состојбата на населението. За оваа цел корисна ќе биде и средба во Државниот завод за статистика со експерти од сите заинтересирани политички партии за да се оствари доверба во процесот.
Истовремено ги повикуваме политичките партии од власта, опозицијата и од албанскиот блок да престанат да лицитираат со бројки за процентуалната застапеност на етничките заедници, зашто тоа го загрозува одржувањето на пописот. Многу важно е, исто така, политичките лидери да декларираат дека резултатите од пописот нема да ги користат како преттекст за етнички или за политички барања. Поради состојбата со коронавирусот, освен заштитните мерки, предлагаме и задолжителна вакцинација на попишувачите.
ДРЖАВНА ПЛАТФОРМА ЗА НАСТАП ВО РАЗГОВОРИТЕ СО БУГАРИЈА
Демократскиот сојуз ја охрабрува Владата да преземе сеопфатни дипломатски чекори кај нашите стратешки партнери, пред се во САД и влијателните земји членки на ЕУ за да ја објасни состојбата во која се најде Македонија по ветото од Република Бугарија за почнувањето преговори за членство во Европската Унија и да побара соодветна поддршка за откочување на почетокот на евроинтеграциите.
Владата треба да изгради државна платформа за настап во разговорите со Република Бугарија која ќе биде задолжителна за сите владини претставници и за тоа да ги информира пратениците во Собранието на Македонија. Платформата треба да ги содржи позициите за историскиот континуитет на македонскиот народ и македонскиот јазик од кои Македонија не смее да се откаже заради членство во Европската Унија.
Истовремено, треба да продолжат иницијативите за економска, инфраструктурна, енергетска, културна и друга соработка со Република Бугарија со инсистирање на взаемна почит и уважување на посебноста на двата народа и двете држави.
Тука во целост можете да го погледнете Јавниот повик за кандидати за градоначалници и советници.