06.01.2015
ДС: Да се преработат законите од областа на образованието
По одржувањето јавна расправа за реформските закони од областа на образованието меѓу претставници на Владата и универзитетите, Демократскиот сојуз предлага Владата да ги повлече предлог - законите и да ги преработи, вградувајќи во истите дел од идеите и сугестиите дадени во текот на неколкудневната јавна расправа. При доработката на законите, предлагаме да се имаат предвид и предлозите од универзитетските професори и студентите.
Причината за овој предлог на Демократскиот сојуз е фактот што пратениците ги немаат добиено сугестиите и предлозите искажани на јавната расправа во текот на вчерашниот ден и деновите пред тоа.
ДС смета дека се можни одредени промени во предлог - законите, со кои во голема мерка ќе се подобри нивната содржина и ќе бидат во функција на подобрување на квалитетот на образованието, посебно на високото.
Втора можност е одложување на седницата на Комисијата за една недела, односно одложување на амандманската расправа за овие закони во Собранието, со цел преку амандмани да се подобри текстот на законските предлози.
Демократскиот сојуз преку пратеникот Павле Трајанов подготви и достави амандмани за Предлог - законот за високо образование.
Инаку, Демократскиот сојуз се залага за темелни реформи во образованието врз основа на сеопфатна анализа, компаративни искуства и сериозна, аргументирана, јавна и стручна дебата.