Важно е да се викаш Цанко

  • Enter description...

04.02.2013

Важно е да се викаш Цанко

од Братислав Димитров

Прво почнав текст со наслов “Фолиранти”, жив среќен дека ќе имам материјал за пишување барем во наредните неколку децении! Конкуренцијата за оваа тема е силна и нелојална, но и јас имам свои фаворити. И таман кога опишав едно типче кое по професија е плачко а во слободното време се претставува како режисер, се сетив на славните зборови на Цанко Курбла: “Не може да си играш во лајна, а после да мирисаш на темјанушки!”. Веднаш го избришав текстот затоа што Цанко Курбла е закон, особено по смртта на Џек Керуак, Чарлс Буковски и Страшо Кец  од Тафталиџе. Плус, што да се пишува за луѓе со кои ниту нивното куче не сака да си игра доколку не обесат коска околу вратот?

Буткањето на оној камен од страна на господинот Сизиф (презиме непознато) изгледа како обична рекреација кога ќе се спореди со повторувањето на нашата излитена и блуткава приказна. Кога се на власт, завалиите постојано се исклештени  и мува не ги лази. Затоа што, нели, само тогаш и насекаде тече мед и млеко, како директна последица од нивните надалеку познати способности! А кога се во опозиција, само кукумјавчат и не бендисуваат никого и ништо а  најмногу сопствениот народ. Ги бива. Тоа е. Освен во државнички и разни други работи, тие и во љубовта немаат никаква конкуренција, затоа што се сакаат само себе си! 

Вакво немање на елементарно домашно воспитување секогаш наидуваше на  достоен презир кај нашиот маалски херој Цанко затоа што тој сè што постигна во својот живот постигна сам, а тоа најчесто беа проблеми. Еднаш работеше цели седум дена како службеник во една земјоделска задруга со што го собори својот личен рекорд во стекнување на работен стаж. Еден ден откако за доручек ја отворил рибата конзерва и жолтата оранжада, тој ја симнал од ѕидот сликата од која строго гледа другарот маршал Тито и ја ставил на подот со лицето кон ѕидот! Од денешен аспект тоа би бил одличен перформанс за учество и во најстрога селекција на некое уметничко биенале, но во тоа време тоа беше непријателско делување и подривање на темелите на социјалистичкиот развој!

На сослушувањето Цанко се обидел да даде објаснување на чисто научна основа. Тој наводно не ја симнал сликата од ѕидот заради политички туку заради нутриционистички причини. Едноставно губел апетит кога ќе го здогледал маршалот! Сликата на доживотниот претседател педантно е вратена на своето место а лицето Ц.К. уште попедантно е упатено во КПЗ Идризово, за да ја развива хортикултурата позната во тоа време како “88 садници за другарот Тито”. 

Кога го пуштија од затвор, реши да се социјализира и тука најмногу погреши. На еден масовен митинг во Скопје на кој единствена парола беше “Трст е наш!”...  на Цанко му се испушти една друга парола која повторно го врати на поправно воспитна работа. Среде запенавената толпа тој  се испентари на рамениците на Страшо Кец и силно се извика: “Солун е наш“!... “Солун е наш!” Последното “Солун е ... “ не се слушна зашто благовремено реагираа органите на народната власт! Страшо доби условна, со обврска во тетратка по тесни и широки да напише 1000 пати “Трст е наш“. После неговите редовно го носеа на разни бајачки за да му ја избијат таа мантра од разбушавената тимба.

Цанко Курбла беше поетска душа и често шеташе сам во ситни саати а тие почнуваа околу 22 часот кога цел град заспиваше. Во една таква дијамантска ноќ го сопираат двајца цајкани и бараат да се легитимира. Цанко ги гледа како болва во чорап и мува во матеница истовремено, и ладен ко шприцер се легитимира: “Се викам Цанко, Цанко Курбла...” (Дури после се појави оној филм каде што главниот глумец со перика и леплив глас изјавува: “Се викам Џемс, Џемс Бонд...” А дури многу години подоцна се донесе законот за заштита на личните податоци!).

Според интерниот извештај на полициската станица во Карпош, тие неколку дена една цела генерација од полициската академија дипломирала на него, како составен дел од практичната настава! Кога излезе, беше згужван во фацата како Чарлс Бронсон и мораше да вади нова лична карта, ама во ниту еден миг не се пожали од никого и од ништо! Според званичната верзија, лицето што се одзива на името Цанко Курбла испуштено е од македонската енциклопедија заради печатна грешка. Не е прв пат. Сите грешки (а многу од нив историски) се скршија врз неговата глава која даде траен придонес кон уметноста на секојдневното живеење.  

Од неговото капитално дело “Фајронт” дознаваме: Женска се бира во зима.  Ако преку капутче покажува остра кривина на задниот дел, сè друго е хуманизам и ренесанса! После седмото пиво во седмата глава запишал: Врв на среќата во животот е да бидеш внуче, но еден ден и ти да имаш внучиња! Цанко Курбла последните години на својот живот ги проживеа како космополит, затоа што на пописот во графата за националност се впиша како алхохоличар! Еден ден реши да умре и како и секогаш го исполни своето ветување, воден од славната реплика “подобро да умрам отколку нешто да ми се случи!”

Таа далечна година една магла како волнена ролка се залепи околу вратот на Скопје. Надвор излегувавме само во итни случаи а тоа значи по леб, млеко и весник, кој после служеше како тоалет хартија. Имаше и такви непријателски елементи кои весниците ги купуваа заради обратниот редослед!  После се населија мразулци, на нашите стреи, носeви и осамени срца. Тоа беше нашиот прв страв од капитализмот. Не за друго, некое лошо претчувство ни кажуваше дека никој повеќе дома нема да прави колачиња со ванила и “прах шеќер”, затоа што насекаде ќе има “купечки”. 

И второто лошо претчувство се оствари. Никој повеќе не сака да ви го чешка грбот, затоа што никогаш нема време!

П.С.Падовите низ животните скали добро ми се познати. Но не знаев дека падот низ неколку обични дрвени скали може да биде кобен.  Доцна ми јавија дека Јован Ханџиски заминал од овој свет. Дента кога решив да го посетам во болница, него повеќе го немаше. Очигледно “Ханџи” имал попаметна работа отколку да ги слуша моите аматерски размислувања за животот и смртта. Долго потонував во една тишина како во буре со катран и ја пцуев смртта затоа што вежба строгост врз моите другари.  

Пред неколку години, му јавив на Перко дека смртта е само пензија иако трае малку подолго од нашите прецизни пресметки. Во меѓувреме ништо не се промени. Затоа, кога ќе стигнеш  т а м у, поздрави ги Чупе, Перко и Цикле. 

И одмори се добро, стар пријателе. Вечноста знаела да биде малку напорна. Така барем се зборува.

Братислав Димитров

partners partners partners partners partners partners