Prekar -Bratislav Dimitrov

  • Enter description...

01.04.2013

Прекар

Од Братислав Димитров

Прекар е збор што (благовремено) го смислуваат маалските џукели за да те сведат на вистинската мерка. Најчесто, на многу помалку од тоа. Прекарот е школски пример за превентива. Да не штрчиш со тимбата над конецот на просечноста. Да не изигруваш Буч Касиди и Кид. И што е најважно,  да не ти падне случајно на памет да правиш "интернационална" кариера. Педагошката постапка е едноставна, но не помалку сурова. Покрај твоето прекрасно (и крстено!) име ти залепуваат прекар од типот "ѓотла", "пржола" или "твор" и ти во истиот момент губиш секаква волја да и се додворуваш на Шерон Стоун, да се тепаш со Мајк Тајсон и да пронаоѓаш грешки во теориите на Алберт Ајншајн.

Во ефикасноста на овој наш народен обичај, одамна никој не се сомнева. Откако ќе го заработиш својот прекар, присуствуваш на сурова глетка. Во огледалото пред себе повеќе не гледаш најубав, најсилен и најпаметен човек. Добро, се уште изгледаш како "Дип парпл ин рок", ама прекарот "трупче" те кине ко сајла на "томос!" Колку и да се трудиш, залудно е. И покрај најдобрата воља, асоцијациите се немилосрдни.

Тука дејството на прекарите во нашите напатени животи не завршува. Богатството на форми и содржини постојано се збогатува: Браниш докторска дисертација пред преполна сала. Тоа што се Пеле, Марадона и Роландињо во фудбалот, ти си (сам!) во математиката! И додека ти самоуверено везеш и плетеш формули и дропки на демонстрационата табла (а публиката веќе почнува да се плаши дека навистина ќе докторираш!?) од последните редови на амфитеатарот, свечената и академска тишина ја прекинува еден дивјачки  глас: "Шмркле!"

Се вртат магистерски и докторски глави кон изворот на оваа ненадејна и особено гласна упадица. Се вртиш и ти, иако знаеш дека најдобро е никогаш да не се свртиш. Во ќошот на салата, со цигара на клемпаво уво, опчекорен на молерски скали, стои "Ѓузла" и мота некој "изолирбан" по проклетите жички на трепкавата неонка! Жив среќен дека после многу години го сретнал својот маалски другар, "Ѓузла" продолжува да евоцира спомени како Владимир Дедијер за другарот Тито. "Шмркле, се сеќаваш кога твоите на полугодие и на крај на школска година и носеа бутче свинско и копанчиња пилешко на онаа намќорка по математика за да ти стави двојка!?"

Нормално дека на ништо не се сеќаваш. Само се обидуваш да објасниш дека ти не си ти или барем дека тој не е тој, но срдечноста и упорноста на "Ѓузла" не знаат за граници. После се тешиш дека и Алберт Ајншајн имал кец по математика. Дека ова социјалистичко школство не може да организира нормално поправање на неонка и одбрана на докторат а камоли... Во тие моменти само во едно си сигурен: Што и да успееш да направиш, една мала но упорна дамка на твојата докторска титула, постојано ќе те потсетува дека не живееш во Гармишпартенкирхен! 

Или: Кљамчиш во некој "италијански" ресторан со некоја госпожа која зборот "табу" го уважува единствено во случаи кога се работи за ефтини кафеани и продавници. Атмосаферата е "нобл", "гламурозна" и "јебазовна" како што стручно ги нарекуваат ваквите места нашите познавачки на атмосфери и стратосфери. И додека музичето онадува "ла шате ми кантаре..." а италијанското светло ти го загорчува животот додека се обидуваш да го пронајдеш приборот за јадење, додека џвакаш јувки (ги крстиле "тортелини" за да те одерат) и лигавиш некој коктел со вкус на киви и испотена патика, арчиш панорамски погледи кон нејзините "караванки" едвај сместени во нејзиното теоретско деколте, никако не вадиш цигара за да не те препаѓа онаа глуперда од келнер со својата вечна запалка на готовс, до твојата маса одненадеж се појавува еден "Хебла" од Драчево и ти се обраќа со следниот аристократски поздрав: "Кај си бе "Трипер!?"

Види, во машки друштва прекарот "Трипер" редовно го доживуваш како врвен комплимент. Но, во ситуација кога си ја кандисал госпожата заеднички да го разгледате во спалната соба твојот нов француски лежај со сите околни огледала, прекарот делува обесхрабрувачки и за искусна професионалка, а камоли за угледна парламентарка!  

Поводите за овој мој текст беа многубројни, но едниот е особено парадигматичен. На една зграда во населбата Карпош (во близина на Драмскиот театар) со големи и остри букви пишува: Командант Коки. Не се сомневам во храброста,  атлетската граѓа и патриотизмот на дотичниот командант, иако немам чест да го познавам. Единствено во што се сомневам е неговиот прекар. Не ми изгледа адекватно на моментот. Замислете ваква сцена: Откако направил лом на сите фронтови, командантот седнува на преговарачка маса. "Мај нејм из Коки!" "Сори?", прашува некој "олеснувач". К о к и. Нам ќе ни звучи како "смоки" а странскиот фактор ќе помисли дека во тој момент некој отворил шише вино!

Знам дека секој командант не може да се вика генерал Патон, Наполеон или слично. Но од друга страна пак, знам дека во "опис и попис" на работното место командант, се подразбира некое "крвожедно" име. Доколку го нема, требе да се измисли!

Дека работам подолго време на оваа проблематика ќе покаже следниот пример. Еден ден во бифето на Драмскиот театар (со неколку гости од МНТ) се најдовме на маса повеќе носители на прекари. По некоја случајност доминираа прекарите Дац, Љац, Мац и Шпац! На одбраното друштво веднаш им ја предложив мојата најнова идеја: Да ги смениме прекарите! Како? Поучен од долгата историја на Англиската Империја (особено од Колегата Вилијам Шекспир) предложив неколку варијанти. Благородниот Владимир, Доблесниот Драган, Бестрашниот тој и тој... и т.н.

Што се случи после? Ништо. Моите идеи се одлични, но имаат само една мана: Никогаш не се прифаќаат!

И додека ја привршувам ова будалетинка (стручен назив за "колумна") ми се јавува мојот стар другар Лазо. (Прекар "Баци" поради блискост на неговата пигментација со ќумурот "крека") Еднаш месечно седиме и дискутираме за животот. Нашите дискусии се долги и исцрпни. Што зборуваме? Ништо. Само седиме и молчиме, додека ја празниме гајбата со пиво. И таман кога ноќта на своето непце почна да го топи денот како колаче од ванила, а првите ѓердани од црни бисери блеснаа околу вратот на Скопје, Лазо воздивна со капацитет на амбар и гласно поентира: "Живот..."

Пополека сите се вртиме кон зачадениот прозорец на биртијата (со погледи на луѓе што се пред значаен пронајдок) и што ќе видиме?!Стварно живот мајката!?

П.С. И на нашата вековна татковина Македонија и дадоа прекар, “БЈРМ!” Затоа оваа моја стара тема (со нов аражман) ја репризирам како неопходен вовед во следната колумна, која (за прв пат!) храбро ќе го носи насловот: “Кој, ако не ние? Кога, ако не сега?”

partners partners partners partners partners partners