МЕНТАЛЕН ТЕРОРИЗАМ

  • Enter description...

18.02.2013

МЕНТАЛЕН ТЕРОРИЗАМ

од Братислав Димитров

Има луѓе кои самите си прават кисело млеко. Ќе купат обично млеко и гледаат во него неколку минути! Во филозофијата се познати како песимисти, а во народот како намќори. Како најлесно ќе ги препознаеме овие луѓе кои “ни на живо се смеат ни на мртво плачат?” Тие секогаш носат на своите пантолани ремен и трегери истовремено, за секој случај! Од нив бегаат дури и црните мачки плашејќи се овие намуртени сурати да не им поминат преку патеката!

После глупоста, човечката мрза дава најголеми резултати. Секогаш кога ќе се најдат во некоја тешка ситуација, на таквите луѓе полесно им е да изградат заокружен песимистички филозофски систем, отколку да излезат од таа тешка ситуација! Од овој расадник на кадри се регрутираат идните песимисти, познати и под името “експерти” или “аналитичари”. За нив само лошата вест е добра вест. Нивната основна теза е дека никогаш не е сè изгубено. Секогаш може  у ш т е  да се изгуби! Нивен духовен татко е оној  англо-саксонски намќор познат како “Марфиеви закони”. Родени браќа и први братучеди им се оние ментални терористи кои пишуваат книги како “Апокалипса од А до Ш“ и слични малерозни наслови. Песимизмот сè повеќе станува професија, за многумина профитабилна.

На секое поставено прашање тие својот одговор го почнуваат со славниот вовед: “Се плашам дека...” Пази ваму: Додека ние со нашата плиткост се смееме како будали на брашно, тие со својата длабочина “се плашат”, што значи дека ги решаваат нашите проблеми, проблемите на човештвото, а дури на крајот (ако остане време) и сопствените проблеми! Во оваа прилика културно ги замолувам, моите проблеми да не ги решаваат. Можеби еден ден и јас ќе посакам да станам песимист,  затоа што со сегашнава плата тешко се бутка месецот. Секаков разговор со ваквите “авторитети” е невозможен. Тие кога ќе ве прашаат нешто, одговараат наместо вас, а после ви кажуваат дека тресете глупости!

Не сакам да создавам непотребна паника, но морам да алармирам дека нашата татковина е нападната од многу страшно оружје против кое борбата е тешка, долготрајна и крајно неизвесна! Нападнати сме со огромни количества на песимизам на државно, општинско, но што е најстрашно и на приватно ниво! Не постои ментален рефлектор кој успева да го осветли нивниот мрачен и отровен поглед на нашата иднина.  Секој наш искрен обид да кажеме дека на светов и веков постојат и убави работи кои воопшто не зависат од ниту една влада, парламентарен состав или комисија, завршува со жестоко бомбардрање од професионалните песимисти!

Што да правиме ние аматерите?  За почеток ќе вежбаме издржливост: Остар поглед пред огледало без да се трепне, глава потопена во леген полн со вода и редовно следење на партиски прес конференции. Дебатни и контактни емисии, плус демократски соопштенија од НВО, ЗПО, ОНО1, ОНО2... додатно ќе нè набилдаат со кондиција. До конечната пресметка со менталните терористи, следете ги упатствата на искусен паталец, една од многуте жртви на нападите на песимизмот.Ако имате силен нагон за убивање и околу вас владее неподнослив мир, а не сте женет или ловец на бафала или бели мечки, најдобар начин да убиете нешто е да разговарате со некого! Идеални соговорници се луѓето со енциклопедиско незнаење. Со такви луѓе можете да отепате толку време колку што е потребно да се изградат пруги, кокошарници и фабрики за кечап или да се насадат раноградинарски производи кои подоцна како прекрасен и возбудлив пејсаж ќе бидат сигурна инспирација за многу наши поети и академици! За разлика од буквалните, менталните убиства даваат убави и неограничени можности. Својата жртва можете да си ја убивате постојано. Едноставно да си ја мезите до крајот на животот!

Со еден разговор можете својот соговорник да го убиете во поим, да му ја убиете волјата за живот или барем за ручек! На следната средба нема каде да бега. Тешко ќе го раните на политичка, верска или национална основа, што за почеток и не е така лошо! Не мора многу да избирате (ниту вас не ве избираат!) зашто во секое време и на секое место ќе се најдат копуци или алапачи кои толку многу ќе ви го загорчат животот што идеата за замонашување или пусто острово, во тие тешки и неизвесни моменти, ќе ви изгледа единствено можно решение!

Сигурно се прашувате, за да биде “третманот” успешен, што требе да разговарате? Море што било, секој разговор е доволно добар за кавга! А и онака е сосема сеедно што ќе пљампате, затоа што на крајот нема ни да знаете за што сте “разговарале”. Кога бевме копиљаци, полемизиравме кој е посилен Тарзан или Херкулес? Кој прв пробал лубеница тоа лето и кој најмногу стоел во ќоше по казна. Во меѓувреме изучивме многу школи и нашите дискусии достигнаа високо академско ниво: “Колку?”, “Дваесет!”, “Што дваесет?”, “Што колку?” Или: “Колку е половина од пет?”,  “Мислиш на два или на три?”

Доколку не сте многу по теоријата а сте човек од акција, можностите се неограничени. За почеток почнете со инает, тоа е едно од најефикасните и најдолговечни традиционални методи. Кога ќе ви дојде вам редот да ја смените прегорената сијалица во заедничкиот ходник во зградата каде што живеете, вие нема да ја смените тој ден но и во наредните триесетина години! Ако ова го комбинирате со оставање кеси со ѓубре пред врата, тресење јамболија додека на балконот под вас комшијата-песимист шмрка кафенце, пуштате класична музика, со занес рецитирате сонети од Шескспир, редовно не плаќате за одржување на зградата а на куќните совети сте најгласни, бидејќи козите се забранети компензирајте со кисела зелка и распалена скара на тераса, а во сезоната на разни грипови користете хемиско оружје кашлајќи и кивајќи на сите страни... имате некакви шанси. Борбата со активистите на менталниот тероризам е тешка и нерамноправна, но ако ништо друго, скапо ќе продадете кожа!    

И на крајот: Сакајте ги своите непријатели, затоа што повеќе немате пријатели!

Братислав Димитров

18.02.2013
partners partners partners partners partners partners