Демократски сојуз:Самостоен настап на локални избори со непартиски кандидати за градоначалници

25.03.2021

Демократски сојуз:Самостоен настап на локални избори со непартиски кандидати за градоначалници

Откако почнаа да делуваат самостојно во Собранието, дел од коалициските партнери на СДСМ најавуваат самостоен настап и на претстојните локални избори.

Демократскиот сојуз на Павле Трајанов и ДОМ на Маја Морачанин веќе донесоа таква одлука, додека ЛДП за ова прашање ќе одлучува викендов. Но, партискиот лидер Горан Милевски вели дека тој лично се залага за самостоен настап.-Не би сакал да кажувам однапред, но мој став како претседател е партијата да настапи самостојно, бидејќи за тоа имаме капацитет и потенцијал за добар резултат. Партиите се формирани да настапуваат самостојно – изјави Милевски за Фокус.

Тој додава дека коалициите се добри во ситуации кога треба да се обединат силите за промена на одредена политика, но, како што истакнува, таков повод во моментов не гледа.

Лидерот на ДС Трајанов, пак, посочува дека Централниот одбор на партијата веќе донела одлука за самостоен настап на локалните избори или пак, како што истакнува, во коалиција со сродни политички партии.

-Своевремено, сме настапиле самостојно на локални избори и сме имале одлични резултати. При самостоен настап или во варијанта надвор од големите блокови, активистите помотивирано се вклучуваат во изборниот процес, што е една од предностите – смета Трајанов.Тој додава дека објавиле јавен повик за кандидати за градоначалници и носители на советнички листи, кој пропишува, меѓу другото, заинтересираните да се почитувани лица во својата средина, да ги познаваат проблемите на општината, да изготват изборна програма итн.

-Во многу општини има голем број на заинтересирани кои сакаат да влезат во конкуренција пред се за градоначалничка кандидатура. Станува збор за бизнисмени и друг профил на лица од повеќе општини – додава Трајанов, нагласувајќи дека се уште е рано да ги обелодени нивните имиња.

И Маја Морачанин вели дека нејзината ДОМ веќе ги започнала подготовките за самостоен настап на локалните избори, согласно, како што истакнува, акцискиот план од стратешкото планирање.

-Во тек е дискусијата во рамки на општинските организации за предлози за кандидати за листите што ќе биде финализирана од страна на Централниот одбор на ДОМ – рече Морачанин.

Инаку, овие парламентарни владејачки партии неодамна најавија и самостоен настап во парламентот, надвор од пратеничката група предводена од СДСМ. Сепак, тие порачаа дека тоа не значи дека го напуштаат парламентарното мнозинство.

Извор:Фокус

partners partners partners partners partners partners