Уставниот суд одлучи да поведе постапка за уставноста на измените на Кривичниот законик со кои се амнестираат функционери

12.2.2025

Уставниот суд одлучи да поведе постапка за уставноста на измените на Кривичниот законик со кои се амнестираат функционери

Уставниот суд со мнозинство од гласовите на деветте судии, одлучи да поведе постапка за уставноста на измените на Кривичниот законик, со кои во 2023 година се изврши упад во судството за да се ослободат од обвиненија за корупција поранешни функционери.

Пред да ги укине или поништи измените, Уставниот суд прво ќе му испрати извештај на Собранието дека има сомнеж во уставноста на законот. Судот ќе му даде на Собранието рок да интервенира и да ги смени спорните одредби.

Во случај да не го стори тоа, во Уставниот суд се прави реферат за укинување или поништување на тие одредби, или на целиот закон за изменување на Кривичниот законик, кој се донесе на трети септември 2023 година. Тој реферат го прави истиот судија што си е назначен од сам почеток, односно во случајов, уставната судијка Елизабета Дуковска.

Ако судија-известител на пример предложи укинување, а на гласањето не добие мнозинство, се прегласува другиот предлог, за поништување.

Ако се укинат измените, тогаш нема поента поведувањето на постапката од страна на Уставниот суд.

Ако се поништат измените на КЗ, тогаш сите обвиненија се враќаат во живот и судењата продолжуваат таму кај што застанале.

АКО УСТАВНИОТ СУД ГИ ПОНИШТИ ИЗМЕНИТЕ НА КРИВИЧНИОТ ЗАКОНИК, ОСЛОБОДЕНИТЕ ФУНКЦИОНЕРИ ЌЕ СТАНАТ ПОВТОРНО ОБВИНЕТИ И ЌЕ МОРА ДА ГИ ВРАТАТ И ПАРИТЕ ЗА АДВОКАТИ ДОБИЕНИ ОД ДРЖАВАТА

УСТАВНИТЕ СУДИИИ ДАНЕВА И КАДРИУ ГО НАПАДНАА РЕФЕРАТОТ НА КОЛЕШКАТА ДУКОВСКА, КОЈА БАРА УСТАВНИОТ СУД ДА НЕ РЕШАВА ЗА АМНЕСТИРАНИТЕ ФУНКЦИОНЕРИ СО ИЗМЕНИ НА КРИВИЧНИОТ ЗАКОНИК

На 6 септември 2023, преку ноќ и по брза постапка (со европско знаменце), беа предложени и усвоени измени на Кривичниот законик во ставот 3 од членот 353 за кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластувања, каде беше предвидена затворска казна од најмалку три години, ако сторителот прибави значителна имотна корист или нанесе значителна штета. Со измената, казната е намалена на една до пет години затвор. Тоа значи дека предметите за злоупотреба на функцијата сега ќе застаруваат за само 10 години, бидејќи максималната казна за ова дело сега е само 5 години затвор.

Ставот 5, кој предвидуваше затворска казна од најмалку пет години ако делото е сторено при вршење јавни набавки или на штета на средствата од Буџетот, од јавните фондови или од други средства на државата, со измените е избришан и веќе не постои. Измените стапија на сила на 15 септември 2023.

Со намалувањето на казните за Злоупотреба на службената положба и овластувањата и за кривичното дело злосторничко здружување, за кои се обвинети или осудени ексфункционерите од ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски се ослободува веднаш од пресудата од 9 години затвор во предметот „ТНТ“ каде од политичка одмазда урива комплекс „Космос“, како и од обвинението за криминал со кинеските автопати, познато како „Траекторија”.

Со измените, каде затворските казни за овие кривични дела значително се менуваат, веднаш се прекина и кривичното гонење на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев за кинеските автобуси, потоа на Сашо Мијалков во „Тврдина-Таргет”, а најверојатно и во „Трезор” за кои апелационите судии Енвер Беџети и Лирије Елези со чување во фиока се погрижија да помогнат во истекот на време, т.е. во застарувањето. Натаму, Миле Јанакиески и сообвинетите или другите осудени, се ослободуваат од случаите „Топлик” и „ТНТ”. Во суд веќе не мора да одат ни пратеникот Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, ни Љупчо Димовски од Социјалистичка партија, партнерка на ВМРО-ДПМНЕ. Милошоски и татко му на раат ќе си располагаат со општинската зграда за која беа обвинети дека незаконски ја присвоиле за себе. Се спасуваат и други обвинети и осудени ексфункционери за злоупотреби, бидејќи во нашиот правен систем, секогаш важи поблагиот закон за обвинетите или осудените.

Извор

partners partners partners partners partners partners