10.2.2026
Три децении по атентатот на Глигоров: Била ли истрагата намерно попречувана?

Додека на почетокот атентаторите се бараа во Бугарија, сега главно се лоцираат меѓу српски структури, но и во Македонија - за да се држи земјата надвор од сите интеграциски процеси.
Три децении по атентатот на поранешниот претседател Киро Глигоров, денеска се организираше научна конференција на која беше констатирано дека и сега, по толку години, нема одговори на клучните прашања и дека станува сѐ појасно дека инспираторите ќе се дознаат дури откако ќе умрат, со очигледна алузија дека тие што стојат зад тоа сѐ уште се тука и сѐ уште влијаат.
За разлика од теориите на почетокот за некаква „Братиславска врска“, за „Мултигруп“ и слично, сега речиси целосно доминираа анализи дека зад овој настан стоеле српски структури на кои им одговарало политичка криза во тој момент во Македонија, но сѐ повеќе и со фокус и кон дома. Иако изјавите главно не се темелеа на официјална истрага туку на приватни проценки, едно беше заедничко за сите јавно изнесени размислувања – дека истрагата била лошо спроведена, па и дека намерно се попречувала!?
Поранешниот министер за внатрешни работи и лидер на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, во чие време исто така немаше нови сознанија за атентатот, наводно бидејќи тогаш се случувало бомбардирањето на Србија од НАТО па службите биле зафатени, рече дека неколку случувања биле клучни околу овој настан. Според него, службите за разузнување не ја сфатиле комплексноста на амбиентот и заканите, ниту пак ги истражиле кражбата на експлозивот од магацин на Министерството за одбрана и на 12-те далечински управувачи за кои се покажало дека биле употребени во атентатот, нешто што свесно било заташкано. Тој потсети исто така дека местото на атентатот не било соодветно обезбедено, ниту пак бил обезбеден обрач околу него, не биле затворени границите на државата, а формираниот штаб за истрага не го водел директорот на службата за безбедност туку помошникот.
„Сите информации од истрагата укажуваа дека мотивите беа политички, а помалку криминални“, рече Трајанов потсетувајќи дека Македонија одеше тогаш кон НАТО и тргна кон ЕУ, а единствен пат да се обидат да го запрат тоа бил атентатот. Според него, Србија во тој период имала стратешки интерес да има политичка криза во Македонија бидејќи вриело во БиХ и во Косово (веројано сугерираше дека ѝ требало отворање нов „фронт“). За тоа, пак, зошто потфрлиле службите тој сметаше дека дотогаш внатре биле само професионалци, а по доаѓањето на екс-министерот Љубомир Фрчкоски почнала партизацијата, поради што имало внатрешно превирање.
Околу пропустите во истрагата тој рече дека се такви што има впечаток како свесно да се пропуштале мерките.
„Сите информации покажуваа дека српски безбедносни структури, не велам тука српската држава, поврзани со некои наши внатрешни структури стојат зад атентатот“, оцени Трајанов со песимистичка прогноза дека ќе дознаеме кои се само ако некој од нив излезе и каже јавно.
Видео обраќање имаше и поранешниот државен јавен обвинител Ставре Џиков кој нагласи дека е прв што формално разговарал со Глигоров за атентатот и кој извршил разговори со неколку тогашни членови на државниот врв, односно Стојан Андов, Љубомир Фрчкоски, Павле Трајанов и Стево Црвенковски. Напишал пет книги како инспирација од разговорите, но не кажа што дознал и дали напреднала истрагата. Според него, официјално за атентатот Глигоров бил испрашан во 2001 година и тогаш изразил намера да се приклучи на кривичниот прогон. И Глигоров, рече тој, барал одговори и бил незадоволен од истрагата што ја водело МВР околу атентатот.
За новинарката Снежана Лупевска-Созен, која направила едно од последните интервјуа со Глигоров околу атентатот, многу поважно е што се случи по атентатот и кои договори биле потпишани додека претседателот се лекувал од последиците од бомбата. Таа изнесе податок дека на 17 април 1992 година бил исто така планиран атентат врз Глигоров, но извршителот се откажал во последен момент. Соопшти исто така дека криминалец предупредил полицаец дека подземјето е раздвижено и дека се подготвува атентат, па ѝ дал точен датум, и дека истата информација ја доставил и британски разузнувач кој бил во земјата, но во МВР тврделе дека не ја добиле. Таа спомена т.н. Приштинска врска која сакала да создаде можност Македонија да стане дел од идна конфедерација со Србија и го цитираше Глигоров кој рекол во интервјуто дека го „залажуваат со Братиславска врска“, а не ја ни истражиле докрај.
Поранешниот новинар Зоран Петров, кој ја објави првата книга за атентатот во 1996 година, од оваа дистанца заклучи дека заднината на сето ова се „многу, многу пари“, без да образложи конкретно. Тој само потсети дека во 1995 година имаше ембарго за нафта за Србија и дека масовно се кршело и цветал организираниот криминал.
Зоран Доревски, кој во времето на атентатот беше главен инспектор во Шестата управа надлежна за обезбедување на претседателот, изнесе наоди од свои истраги. Според него, откако била објавена награда за информација околу атентатот, стигнале 450 изјави и дописи на сведоци во МВР, а подоцна и во кабинетот на тогаш веќе екс-претседател Глигоров. Со помош на тие изјави го открил келнерот што ги служел „атентаторите“ и кој му соопштил дека доаѓале тројца или четворица секое утро во ресторанот „Победа“, дека имале стоперици и радио врска и правеле белешки, како што процени околу три месеци, а попладне се префрлале во „Букет“. Истиот келнер кога претседателот бил надвор од Скопје им носел кетеринг во зградата во која се наоѓаше дописништвото на „Политика“. Во тој контекст тој спомна елитни имиња од српското подземје, прашувајќи се – зошто и истрагата не отворила вакви елементи?
Тој исто така тврдеше дека останал недоволно истражен и песокот употребен во атентатот за кој професор на Машински факултет утврдил од каде точно потекнува, порачувајќи на крајот дека тогаш не му било јасно зошто не успеала истрагата, но дека сега – сѐ му е јасно.
Јанко Бачев од Обединета Македонија рече дека во периодот од 1992 до 1995 година биле испрани околу две милијарди евра во Македонија преку шверц со нафта и дека тогаш Македонија била „под целосна контрола“ на Југославија.
Оливер Андонов посочи дека никогаш навреме не сме знаеле кој што работи, особено внатре во државата, и дека извршителите и инспираторите ќе ги дознаеме откако учесниците нема да бидат меѓу живите. Тој тогашниот амбиент го опиша како доминација на структури од Србија, но и „ антимакедонски структури“ кои требало да ја држат Македонија надвор од сите интеграциски процеси преку контролирана поистојана нестабилност. За него ова не беше атентат врз личност туку врз Македонија како држава.
Поранешниот амбасадорот Ивица Боцевски тргна од дилемата кому му користеше обидот за атентат во тоа време и, иако самиот оцени дека доминира ставот дека зад него стоеле српски структури, рече дека ни Слободан Милошевиќ, ни Москва во тој момент немале всушност интерес од дестабилизација на Македонија, бидејќи Белград го потпишал Договорот од Дејтон, а Русија водела „прозападна“ политика и била член на Контакт групата за Косово. Тој забележа дека таа 1995 година, кога се случи атентатот, САД ставиле свој печат во регионот со потпишување на Времената спогодба меѓу Македонија и Грција и со Дејтонскиот договор и дека главниот интерес бил да дојде до мир на Балканот. Со „куси ракави“, како што рече, останале само две групи – внатрешни структури кои ја воделе приватизацијата и радикалните марксистичко-ленинистички структури на Косово (неформален опис на ОНА подоцна), но не беше сигурен дали вториве имале сила за таков исчекор.
„Црешата“ на ваквите теории ја стави Љубомир Гајдов, еден од организаторите на конференцијата, новинар и истражувач, кој посочи на две изјави на Глигоров – првата, во 1994 година во Собранието, кога порачал дека „тие што се на функции не треба да се занимаваат со бизнис, а ако сакаат да се занимаваат, нека си заминат од нив“, како и на интервју за „Пулс“ каде му замерил на Бранко Црвенковски, лидер на СДСМ и премиер тогаш, дека „ го донел на власт, а тој ништо не направил“. Тој цитираше и дел од објавената книга на Стојан Андов дека највлијателната петорка во владата на Црвенковски му рекла на Глигоров дека „е стар и треба да си оди“, по што тој ги избркал од канцеларија. Наводно, десет дена потоа се случил атентатот. Гајдов рече дека и поранешниот заменик-директор на ФБИ, Џорџ Тенет, кој на неговата забелешка дека зад атентатот по сѐ изгледа стојат руско-бугарски елементи, му реплицирал – Не, вашите го направија тоа.
Гајдов најави дека ова не е последна ваква расправа и дека претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ќе организира „сериозна меѓународна конференција“ на која сите овие работи ќе се димистифицираат.
Во инцијативниот одбор на оваа конференција беа Цане Мојаноски, Гроздан Цветковски и Зоран Јовановски (полковник на АРМ). Конференцијата требаше да одговори на четири клучни прашања: кои беа причините и мотивите за атентатот, кои се можните нарачатели и извршители, дали можеше и зошто не беше превениран атентатот и зошто државните органи во изминатите три децении не дадоа одговор на овие прашања.
Иако не беше даден одговор на зададените прашања, конференцијата покажа дека сега низ друга призма се гледа настанот по првичното вперување на прстот во Бугарија (па и Грција), но и дека и сега сѐ е на ниво на теории на заговор. (С.Ј.)
Извор