24.5.2026
Светите Кирил и Методиј - траен извор на национална гордост на Македонците

По повод 24 Мај – Денот на Светите Кирил и Методиј, Демократски сојуз упатува искрени честитки до сите граѓани на Македонија.
Денес оддаваме почит на великото дело на светите браќа од Солун, сесловенските просветители кои со создавањето на словенската писменост ги поставија темелите на духовниот, културниот и просветниот развој на македонскиот и на другите словенски народи. Нивната мисија беше мисија на знаење, просветлување и човечко достоинство – вредности што и денес се темел на секое напредно и демократско општество.
За македонскиот народ, делото на Кирил и Методиј претставува траен извор на национална гордост, културен идентитет и духовна сила. Преку писменоста и образованието, тие ни оставија наследство кое векови наназад го чува нашиот јазик, традиција и самобитност.
На овој голем празник, да продолжиме да ги негуваме знаењето, образованието, културата и почитта кон македонскиот јазик како најсилни столбови на нашата иднина.
Нека е честит 24 Мај – Денот на светите Кирил и Методиј!