Нова агенција против корупција - потреба или фластер на отворена рана?

20.4.2023

Нова агенција против корупција - потреба или фластер на отворена рана?

Предлогот на пратеникот Трајанов за формирање нова агенција за борба против корупцијата наиде на скептицизм кај антикорупционерите. Според нив, без силна политичка волја против корупцијата ниедно ново тело нема да биде ефикасно, со оглед на сегашниот низок успех на постојните институции.

Додека Северна Македонија долго страда од организиран криминал и сериозна корупција во власта, на дневен ред во Собранието стигна предлог за формирање на уште една институција во борбата против корупцијата на високо ниво.

Но, предлогот за формирање на нова Агенција за борба против тешките облици на организиран криминал и висока корупција на пратеникот Павле Трајанов, го отвора прашањето дали овој најнов напор навистина може да направи разлика, или повторно ќе биде само фластер на отворената рана?

Антикорупционерите со кои разговаравме се скептични. Предупредуваат дека без вистинска политичка волја за директно справување со криминалот и корупцијата, и евентуална нова агенција ќе биде немоќна значително да влијае.

„Навистина треба сериозно да се размисли дали има потреба од формирање на ново тело, бидејќи постои ризик од спротивен ефект доколку и таа агенција се исполитизира. Потребна е независност на постојните институции, да им се овозможат добри капацитети и секако да бидат отчетни во нивната работа“, вели за РСЕ Владимир Георгиев – член на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК).

Не е исклучен ризикот од политизација

Дека борбата против корупцијата е на разочарувачко ниско ниво, предупреди и шефот на делегацијата на Европската унија во земјава Дејвид Гир. Откако претходно американскиот Стејт депармент потсети дека во земјава неказниво поминуваат серија корупциски афери, Гир на 19 април оцени дека чекорите во реформите во владеењето на правото и борбата против корупцијата се разочарувачки.

„ДКСК и Државниот завод за ревизија вршат важна работа, но на препораките од овие тела во конкретни случаи често не се постапува. Исто така, и нивото на имплементација на Националната стратегија за борба против корупција останува незадоволителна и претставува само 10 проценти според минатогодишниот извештај на ДКСК. Во оваа Стратегија има јасни и прецизни задачи за секоја институција присутна на состанокот“, изјави Гир.

Георгиев од Антикорупциската комисија, кој учествуваше во разговорите за предлогот на Трајанов, вели дека идејата предвидува новата агенција да има истражни и полициски надлежности, а регистрацијата на луѓето кои ќе работат да биде без јавни огласи, според него, повторно носи ризик од можна политизација.

Но, исто така, тој додава дека според предлогот луѓето кои ќе работат во новото тело, иницијативите и кривичните пријави исто така ќе треба да ги доставуваат до Обвинителството, што според него повторно се создава „ситуација на тесно грло дали Обвинителството ќе може да ги процесуира, исто како и предметите на ДКСК и на Државниот завод за ревизија“, вели Георгиев.

Државата веќе систем на институции чија цел е борба против корупцијата. Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) е превентивно тело во институционалната државна структура во борбата против корупцијата, кое постапува по предмети и ги доставува до Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Во овој систем се вклучени и Полицијата, Финансиската полиција и Управата за финансиско разузнавање, Управата за јавни приходи, Царинската управа и други надлежни институции.

Трајанов пак објаснува дека тој предлага државата да започне неселективна борба против криминалот и високата корупција со формирање на нова институција која ќе биде имуна на политичко влијание и ќе открива тешки облици на организиран криминал и високата корупција.

Според предлог законот, новата агенција треба да има моќ да предлага конфискација на имот стекнат на криминален начин, но и да открива скриен имот во државата и странство на носители на јавни функции, со што ќе предлага негово одземање, а потоа и забрана на политичко дејствување. Со Агенцијата е предвидено да раководи директор кој ќе го избира борд од 12 лица, а во агенцијата да бидат ангажирани околу 40 професионалци со посебни права и овластувања.

Трајанов е пратеник и претседател на Демократскиот сојуз. Тој во февруари го напушти владиното мнозинство, откако владата предводена од СДСМ и ДУИ постигна договор Алијанса за Албанците да влезе во Владата.

Поклопување на надлежности


Поранешниот член на Антикорупциската комисија, адвокатот Драган Малиновски е со став дека секоја идеја за успешно справување со корупцијата е добра, но се сомнева во можно поклопување на надлежностите на новата агенција со постојните институции. Според него, појдовна точка во справувањето со корупцијата е политичката волја.

„Ако имате политичка волја да се справите со корупцијата, ќе обезбедите и независност и професионалност и интегритет. И ова тело некој треба да го креира и ако немаме политичка волја, и во тоа тело ќе инсталираме луѓе кои се подложни, не само на политички, туку и на бизнис влијанија“, вели Малиновски.

Сепак пратениците во Собранието ќе го имаат последниот збор дали ќе се формира нова институција за борба против корупцијата.

Резултатите од последната евалуација на спроведувањето на Националната стратегија, покажуваат дека во 2021 година се реализирани само 20 проценти од мерките и препораките против корупцијата, а во 2022 година има назадување до реализирано само 10 проценти од предвидените активности за сузбивање на корупцијата.

Во овој документ се ставени сите мерки и препораки против корупција. ДКСК наведе дека во него се детектирани 54 проблеми и предвидени се 111 мерки и 191 активност кои треба да ја преземат државните институции.

И најновиот извештај за човековите права на американскиот Стејт департмент нотираше сериозна корупција во власта и отсуство на судска независност. Американската амбасадорка Агелер пред неколку месеци најави и дека ќе биде објавена американска црна листа на која треба да се најдат макеодонски функционери и бизнисмени вмешани во корупција.

 

Извор

partners partners partners partners partners partners