Колку се далеку импликациите од Блискиот Исток?

3.10.2024

Колку се далеку импликациите од Блискиот Исток?

Треба да се следат состојбите, да се разменуваат информации и службите да бидат на висок степен на мобилност, вели националниот координатор за спречување насилен екстремизам и борба против тероризам.

Не стивнува конфликтот на Блискиот Исток - најмалку шест лица се загинати, а повеќе повредени во утринскиот израелски воздушен напад врз центарот на главниот град на Либан, Бејрут, пренесоа светските медиуми.

Во меѓувреме државите продолжуваат забрзано да ги евакуираат нивните граѓани од кризните подрачја, заседаваат безбедносни тела, се прават проценки на можните ризици од натамошна ескалација на судирот и притисок од мигрантски бранови.

Колку е „далеку“ Блискиот Исток од Македонија, во смисла на можни имликации од тамошните процеси во земјата и регионот?

Павле Трајанов, поранешен министер за внатрешни работи, кој е именуван од Владата за Национален координатор за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам, оценува дека на Блискиот Исток се заканува војна од поголеми размери, кој може да има сериозни импликаци и во Европа. На прашањето дали треба да заседава националниот Совет за безбедност, Трајанов објаснува во каква ситуација тоа би требало да се случи.

„За да заседава Советот за безбедност треба да има информации од службите за безбедност и проценка дали треба да се дефинираат ставови за дејствување. Засега треба да се следат состојбите, да се разменуваат информации на регионален и поширок план и службите да бидат на висок степен на мобилност. Македонија е стабилна и има капацитет да се справи со можните безбедносни закани“, вели Трајанов.

Советот за безбедност е највисокото советодавно тело во РСМ, кое ги разгледува прашањата поврзани со безбедноста и одбраната на Републиката им дава предлози на Собранието и на Владата.

Претседател на Советот за безбедност е претседателката Гордана Сиљановска Давкова, членови се претседателот на Собранието, премиерот, министрите за внатрешни работи, за одбрана, и за надворешни работи, а во средината на септември составот на Советот беше докомплетиран со изборот на тројца нови членови - Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова и Владо Спиридонов.

Македонското МНР ги следи состојбите

Во моментов домашните активности се сведуваат на апели од надлежните да се одложат патувањата во конфликтните подрачја. Македонското Министерство за надворешни работи и надворешна трговија вчера го осуди иранскиот ракетен напад врз Израел, како и терористичкиот напад во Тел Авив, во кој беа убиени шест цивили.

Имајќи ја предвид влошената безбедносна состојба на Блискиот Исток, МНР апелираше до македонските граѓани да ги одложат патувањата кон Израел, Иран и Либан, додека оние кои се наоѓаат на територијата на тие држави да ги следат упатствата на локалните власти и движењето да го сведат на минимум.

На располагање за македонските граѓани се ставени СОС дежурни телефони на Министерството +389 75 273 732 и +389 75 268 736, како и дежурниот телефон на Амбасадата во Тел Авив +972-54-926-7378. МНР соопшти дека ќе продолжи да ги следи состојбите во Либан, Израел, Иран и регионот и навремено да ги информира македонските државјани за евентуални насоки за постапување.

Бугарија со серија превентивни активности

Во моментов со најголеми активности во регионот по прашањето на превентивата предничи соседна Бугарија. Таму ќе се организира штаб за будно следење на состојбите на Блискиот Исток, најави вчера службениот премиер Димитар Главчев по вонредниот состанок на владиниот Совет за безбедност на тема „Предизвиците и заканите за националната безбедност на Република Бугарија како резултат на ескалацијата на тензиите на Блискиот Исток: Преземени мерки“.

„Во штабот ќе бидат вклучени претставници од сите релевантни министерства и служби со цел да се следат информациите на час и да се носат брзи и адекватни одлуки“, објасни Главчев, наведувајќи дека нема актуелна закана за Бугарија.

Прес-службата на бугарскиот претседател Румен Радев пак објави дека утре (4.10) ќе се одржи вонреден состанок на Консултативниот совет за национална безбедност, во врска со конфликтите на Блискиот Исток. Според тамошните медиуми, тоа е прв состанок по речиси три години. На состанокот ќе учествуваат претседателите на парламентарните партии.

„Тоа што треба да го следиме и што го правиме на дневна основа и со службите за безбедност, и со владата, е проценка на ситуацијата. Оценката на ризикот кон нас е за веројатноста од зголемување на миграцискиот притисок кон Бугарија“, изјавил Радев.

Службениот министер за внатрешни работи Атанас Илков најавил дека превентивно ќе биде засилено полициско присуство пред странски амбасади, пред сѐ на дипломатското претставништво на Израел, како и на клучни места во Софија, а ако има потреба - и во други градови.

„Во овој момент немаме податоци од бугарските служби и нашите странски партнери за некаква загрозеност од терористички и други напади, поврзани со процесите на Билискиот Исток“, изјавил Илков.

Претходно Бугарија со два лета од Либан евакуираше 169 бугарски граѓани, а МНР ги повика и бугарските државјани кои живеат во Иран веднаш да ја напуштат земјата.

Извор

partners partners partners partners partners partners