11.2.2025
Измените на Кривичниот законик пред Уставен суд

Последиците се непоправливи - со спорните законски измени од 2023 година веќе се спаси троцифрена бројка лица од висока двоцифрена бројка на предмети
Уставниот суд на утрешната седница ќе расправа за оспорениот Закон за изменување и дополнување на Кривичниот законик, по иницијатива поднесена од Павле Трајанов во 2023 година.
Како што наведува Уставниот суд, подносителот на инцијативата навел дека оспорените законски измени се спротивни на владеењето на правото, заштитата на правото на сопственост и еднаквоста која ја промовира Уставот. Во иницијативата е наведено дека со овие измени една категорија граѓани се привилигирани, наспроти правосилно осудените лица кои добиваат дискриминаторски третман и за нив не важи намалувањето на казните.
Измените на КЗ во септември 2023 година беа донесени по брза постапка, со европско знаменце. Трајанов вели дека утрешната расправа по иницијативата за оспорување на овие законски измени, доаѓа „со огромно задоцнување“.
„Уште првиот ден кога законските измени стапија во сила, побарав времена мерка со која ќе се одложи нивната примена, бидејќи потоа штетите не ќе може да се надоместат. Сега по толку време ја ставија на дневен ред. Им беше полесно да ја развлечат постапката“, вели Трајанов.
Со спорните законски измени од 2023 година веќе се спаси троцифрена бројка лица од висока двоцифрена бројка на предмети.
„Излезе на виделина дека законските измени се правени во договор меѓу СДСМ и ДУИ, со Груевски, и зошто главниот медијатор Артан Груби заврши на црната листа на САД. Но цената ја плати СДСМ“, вели тој.
Врз основа на одредени проценки, Трајанов смета дека околу 800 лица се спасиле од одговорност, дел „крупни риби“, но голем дел и од пониските ешалони во власта.
Ослабната правната рамка
Измените на Кривичниот законик во 2023 година предизвикаа жестоки реакции во јавноста, во правната фела и во ЕУ, но и покрај повиците од граѓански организации да не го потишува указот за прогласување на тие спорни законски измени, тогашниот претседател Стево Пендаровски експресно стави потпис. А измените беа донесени токму во време на силни внатрешни и надворешни укажувања дека корупцијата, особено високата, е на енормно високо ниво, додека довербата на граѓаните во правосудниот систем е на историски најниско ниво, како и во време на доминантна состојба на неказнивост и недостиг на секаков вид одговорност.
„Треба да бидеме чесни и да признаеме дека згрешивме со измените на Кривичниот законик“, изјави во една прилика лидерот на СДСМ, Венко Филипче.
Овие измени, жестоко бранети од претходната влада на СДМС и ДУИ, беа и една од причините за изборниот крах на социјалдемократите на ланските двојни избори. Одговорност за таа постапка немаше, освен признание од новото водство на СДСМ дека измените на КЗ за време на нивниот мандат биле грешка.
„Треба да бидеме чесни и да признаеме дека згрешивме со измените на Кривичниот законик“ изјави лани претседателот на СДСМ, Венко Филипче, кој посочи дека не може да каже кои биле мотивите, бидејќи не бил дел од процесот на креирање на тие решенија.
ЕУ побара да се санираат последиците од тие измени, а реагираше на спорните измени во два последователни извештаи. Во извештајот на ЕК од октомври 2024 година беше посочено дека „измените на Кривичниот законик ја ослабнаа правната рамка, негативно влијаејќи на гонењето на корупцијата, особено во случаите на високо ниво“.
„Многу тековни случаи беа прекинати или поради истечен рок на застареност или поради тоа што конкретни прекршоци - како што е злоупотребата на службената положба при јавните набавки - веќе не постојат“, беше наведено во извештајот.
Оттаму препорачаа донесување на нов КЗ, со согласност со правото на ЕУ и меѓународните стандарди.
Враќање на некои членови
Дел од правните експерти сметаат дека е невозможно да се санираат последиците од измените на Кривичниот законик, како што бара ЕУ, без да се вратат во сила одредби кои ќе овозможат поефикасно справување со корупцијата и со злоупотребата на службената позиција.
„Нов закон е нужен, но тој сепак не ќе може да ги врати делата кои со помош на тие измени застареа, а голем број обвинети за криминал се спасија и избегнаа одговорност“, велат правници.
Со цел да се запре натамошно перпетуирање на последици, работна група на Министерството за правда крои нови измени, кои би требало да го премостат периодот до донесување на нов КЗ.
Како привремено решение се планира враќање на членовите 353, 353-в и 354, што ќе овозможи поефикасна примена на Законот за спречување на корупција и против злоупотребата на службента положба, односно да се минимизираат ризици за нејзината злоупотреба за политички или други неосновани цели.
Со измените се планира зголемување на казните за „Злоупотреба на службена положба и овластувања“ и проширување на опфатот на кривичните дела за проширената конфискација, како и вградување на нови кривични дела како резултат на современото општество и технологија.
Извор