Интервју со Трајанов: Тие што заговараат укинување на Преспанскиот договор се популисти, но сум за можна промена и враќање на името Македонија

12.4.2024

Интервју со Трајанов: Тие што заговараат укинување на Преспанскиот договор се популисти, но сум за можна промена и враќање на името Македонија

Промената на власта на ДУИ и СДСМ бара градење на широк опозициски блок и парламентарно мнозинство за темелни реформи, нов Устав, робусна борба против корупцијата, судски реформи итн. Македонија е заглавена во политичко мочуриште креирано од ДУИ поради што се неопходни промени, вели во интервју за „Локално“, лидерот на Демократски сојуз, Павле Трајанов за причините за прекинувањето на соработката со СДСМ и влезот во новата коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ за настап на изборите.

Според неговите проценки, кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за претседател на државата, Гордана Силјановска-Давкова треба да освои над 330 илјади гласови.

-Нема договор за уцени за уставни промени, но ќе се деблокират евроинтеграциите доколку како држава постигнеме широк граѓански и политички консензус и опстоиме на следните работи: по приемот во ЕУ, македонскиот јазик да биде официјален во рамките на ЕУ, образовните, историските и идентитетските прашања содржани во Преговарачката рамка да не бидат основа за блокада на евроинтеграциите и да се обезбеди реципроцитет од страна на Бугарија со признавање на макединското малцинство во Бугарија, одговара Трајанов за наводниот „џентлменски договор“ меѓу албанските партии.

Тие што заговараат укинување на Преспанскиот договор, вели претседателот на ДС, се популисти, но сепак, вели дека е за негова можна промена и враќање на старото уставно име Република Македонија.

Многу дебати во јавноста предизвика вашето прешалтување од една во друга коалиција, иако пред неколку месеци бевте жестоко нападнат од опозицијата и лидерот Христијан Мицкоски. Каква „тежина“ имаат сега кај електоратот Трајанов и ДС?

Демократскиот сојуз е автентична политичка партија, препознатлива по своите идеи и за секое прашање гради свој став и јавно го презентира и перманентно ги афирмира и штити националните,државните и интересите на граѓаните. Во 2020 година за соработка со други партии понудивме предизборна платформа со неколку врвни преоритети: Македонија да биде една изборна единица, рехабилитација преку судски процеси на судените во монтирани судски процеси, борба против високата коруоција, реформи во судскиот систем, посебна програма за младите итн, при што СДСМ ги прифати и по втор пат(првиот беше во 2016 година) и понуди заеднички настап, но во изминатите 2 години и шест месеци (колку што бевме дел од мнозинството) ништо од договореното не спроведе, поради што во почетокот на месец февруари 2023, ДС го напушти парламентарното мнозинсвто и од тогаш делуваме опозициски.

 Се разбира дека имаше и други сериозни причини, како што се криминализацијата на државата,загрозување на европските интеграции, сиромаштијата, непринципиелната владина коалиција која не го одразуваше етничкиот состав на државата, иселувањето на младите, блокадата и разградувањето на институциите и движењето на државата во погрешна насока и бесперспективност.

Промената на власта на ДУИ и СДСМ бара градење на широк опозициски блок и парламентарно мнозинство за темелни реформи, нов Устав, робусна борба против корупцијата, судски реформи итн. Македонија е заглавена во политичко мочуриште креирано од ДУИ поради што се неопходни промени. Само стратешките интереси се наш врвен преоритет. Тоа се причините за раскинување или воспоставување на соработка.

Што очекувате од коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ, дали ќе се решат прашањата кои не успеаа да се решат во претходната владејачка коалиција?

-Со ВМРО ДПМНЕ првенствено водевме разговори за стратешките преоритети и за многу прашања имаме исти определби. Посебно е битно што ВМРО ДПМНЕ веќе објави дека ќе го промени Изборниот законик и Македонија ќе биде една изборна единица, како основа за демократизација на државата.

Претседателската кампања е во полн ек, црната кампања е пред својот врв. Една од најдебатираните теми се , според власта, лажните анкети и целата организација и машинерија која е покрената за да му се „сервира“ на народот кој е победник. Ќе направат ли разлика овие „откритија“?

-Кампањата за избор на претседател се одвива мирно и во демократска атмосфера. Наводните лажни анкети и во целина анкетите немат клучно влијание за изборите и определбата на граѓаните. Нашите проценки се дека над 330 илјади граѓани ќе гласаат за Гордана Силјановска-Давкова и ќе има недостижна разлика во однос на второпласираниот кандидат за претседател. Опозицијата има огромна подршка и граѓаните се определени за смена на власта.

Џентлменскиот договор меѓу албанските партии вели дека нема да коалицираат со македонска партија која нема да спроведе уставни измени во првите 6 месеци по конституирањето на новата Влада. Со оглед на тоа дека е јасен ставот на ВМРО-ДПМНЕ и вашата коалиција, ќе успеете ли да направите влада, доколку победите секако?

-Коалицијата ТВОЈА МАКЕДОНИЈА предводена од ВМРО ДПМНЕ ќе издвојува голема победа и ќе има мнозинство за состав на Влада, каде ќе има место и за здружената опозиција на албанските партии. Нема договор за уцени за уставни промени, но ќе се деблокират евроинтеграциите доколку како држава постигнеме широк граѓански и политички консензус и опстоиме на следните работи: по приемот во ЕУ, македонскиот јазик да биде официјален во рамките на ЕУ, образовните, историските и идентитетските прашања содржани во Преговарачката рамка да не бидат основа за блокада на евроинтеграциите и да се обезбеди реципроцитет од страна на Бугарија со признавање на макединското малцинство во Бугарија.

 Очекувате ли руско сценарио во државава доколку ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт, како што ве обвинуваат од ДУИ?

-ДУИ е клучен фактор  во заглавувањето на Македонија, како и револтот и бесперспективноста. Нема ден, а да не се објави корупциски скандал во кој се вклучени кадри од ДУИ. Со анационалната надворешна политика ги загрозија нашите национални и државни интереси. Само фирми блиски до власта соработуваат со руски компании и остваруваат огромни профити. На пример од каде доаѓа гасот…

И за ДС и за ВМРО ДПМЕ и за другите партии од Коалицијата ТВОЈА МАКЕДОНИЈА, ЕУ е врвен преоритет, а членството во НАТО и соработката со САД се круцијални и нашата политика ќе биде овие врвни приоритети да се надоградуват.

Во наративот на оваа изборна кампања е и Преспанскиот договор. Дел од претседателските кандидати најавуваат негово укинување, додека грчките медиуми ставаат акцент на ставовите и употребата на името, изразени од лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ Димитар Ковачевски и Христијан Мицкоски за време на ТВ дуелот. „Катимерини“ забележува Мицкоски го користел претходното уставно име на земјата. Од Стејт департментот очекуваат Македонија да го одржи духот на Договорот од Преспа. Каков е вашиот став за Договорот од денешна гледна точка?

-Со Преспанскиот договор се промени името на државата по втор пат, првиот од страна на Киро Глигоров (1993) во Поранешна Југословенска Република Македонија и вториот пат во Република Северна Македонија од страна на Заев и Ахмети.

Во наредниот период, по деблокадата од Бугарија, можно е Грција да отвори некои прашања вградени во Преспанскиот Договор, кои се тешки за имплементација. Само во каков хаос сме со пасошите, затворени во границите на Македонија…

Тие што заговараат укинување на овој меѓународен договор се популисти, сепак сум за можна негова промена и вракање на името Македонија, но со дијалог и тешки аргументирани разговори со Грција. Ништо не е вечно, договорот не е Библија.

Апсењето на новинарот Салиу крена голема прашина за тоа како се справува МВР со новинарите, овој пат под раководство на ВМРО-ДПМНЕ и Тошковски. Дали ја оправдувате силната реакција и дали ова ве потсетува, како што дел од јавноста вели, на едни стари времиња пред 2016-та година?

-Во принцип сум за слобода на говорот. Новинарите се движечка сила на промените и демократијата. Никогаш не сум поддржувал репресија спрема новинари. Во овој случај се работи за интервенција на елитна полициска единица на фудбалски натпревар со висок ризик, мерките не се селективни и преземени кон новинар. Партиите од власта ги користат за напади и го политизираат настанот. Жалам што новинарот се нашол во погрешно време и на погрешно место. Можеше се да се заврши без негово приведување, но пиштолот во неговото возило, веројатно бил пресуден.

За СВР Тетово се водеше голема борба за тоа кој ќе застане на чело за време на изборите. Дали е ова смислено сценарио за предизвикување на меѓуетнички конфликти?

-Законско право е техничкиот министер за внатрешни работи да направи кадровски промени во функција на кредибилни избори, но ДУИ тоа го блокира. Најголема закана за регуларни избори се можните кршења на изборните правила. Приоритет на МВР мора да биде превенцијата, да спречат купување на гласови, полнење на кутии, закани, притисоци, фалсификување на записници и „софтерски грешки“.

Министерот Тошковски вети голема реформа на МВР, Спасовски тврди дека реформи се направени и имаме едно ново, транспарентно МВР. Сепак прашањето е дали полицијата е подготвена да одговори на предизвиците, конкретно сега пред избори?

-Реформите во безбедносните служби не ги дадоа очекуваните резултати. ДС има план за коренити реформи, проветрување на лошите кадри и двојно зголемување на платите. Нема гаранција дека МВР наспроти партиите може се да превенира, но е гаранција за одвраќање на кршење на Избирниот законик.

За корупција во земјата зборуваме веќе три децении. САД одвреме навреме ја дополнува нивната црна листа со личности. Амбасадорката Агелер посочи дека ситуацијата зазема „епидемични размери“. Дали очекувате предложениот Закон за рестриктивни мерки да помогне со деценискиот проблем и дали очекувате позвучни имиња на листата со санкции на Стејт департментот?

–Сум за носење на Закон за рестриктивни мерки без било какви овластувања за носење мерки од Владата, туку се да се одвива ореку Обвинителството и судот. Мора нашите институции да се ослободат од партиските влијанија и да профункционираат. Очекуваме и да има уште многу кандидати за во „Идризово“ и за на црната листа на САД.

Оттаму предлагам формирање на независна и високо професионална Агенција за борба против тешки облици на организиран криминал и висока корупција.

Извор

partners partners partners partners partners partners