23.3.2026
Имуни на воена психоза во соседството: Македонија е стабилна

На Балканот сме сведоци на т.н. психолошка војна, нагласување на воени капацитети, за наводни судири и прекројување граници, но ништо од тоа нема да се случи, вели националниот координатор Павле Трајанов.
Стравот од енергетска неизвесност, од шокови во националните економии поради вртлогот од многубројни последици врз државите, сѐ уште е далеку од одговор - до кога ќе трае војната на Блискиот Исток и какви ќе бидат нејзините рефлексии?
„Во услови на сложени геополитички и безбедносни состојби, многу тешко е да се процени и предвиди во која насока ќе се движат работите и какви рефлекси ќе има војната во Иран“, вели Националниот координатор за спречување насилен екстремизам и борба против тероризам, Павле Трајанов.
„Последните случувања укажуваат на можноста да започнат разговори за завршување на воениот судир, од едноставна причина што Иран се соочува со најмоќната воена сила - САД и Израел - и целосен колапс на одбранбениот систем, како и со разорни последици по инфраструктурата за чија обнова ќе бидат потребни децении. Со таквиот развој на настаните Иран ќе мора да прифати да се откаже од нуклеарната програма и да се откаже од било каква поддршка на Хезболах, Хамас и Хутите. Се разбира дека не се исклучуваат и внатрешни процеси во Иран или демонтажа на авторитарниот-верски режим, но за тоа ќе биде потребен подолг период“, оценува Трајанов.
Воена психоза
Војната на Блискиот Исток разгоре и прогнози дека таа нема да биде последна, ни далеку од Балканот. Владимир Ѓукановиќ, пратеник и член на Претседателство на владејачката Српска напредна странка (СНС) пред неколку дека во колумна за „Политика“ под наслов „Војната (не) е далеку“ оцени дека „воениот виор полека чука на европска врата“, кој би го зафатил Балканот. Според него, тоа би се случило во отворен судир меѓу Русија и ЕУ.
„...Остана уште Балканот недопрен. Tој мек стомак на Европа, како што го нарекувал Черчил, полека доаѓа на ред да се пробуши, а ние неговите жители повторно да се фатиме за гуша. Дали тоа ќе биде за една година, пет или десет, помалку е важно, но она што се проекции или што наголемо може да се види по однесувањето на нашите соседи, конфликт на Балканот во некој момент ќе букне“, пишува тој.
Тој објаснува дека Србија се вооружува за да одврати од помисла некој да ја нападне, а опасноста ја лоцира во регионален сојуз.
„Зошто инаку, внатре во военополитички сојуз како што е НАТО, би настанал нов воен сојуз меѓу Хрватска и Албанија? Кон кого такво воено сојузништво би можело да биде вперено? Да не ќе тргнат можеби на Унгарија или на Австрија? Можеби на Турција? (...) Јасно како ден, дека тој сојуз, во кој во еден момент можеби ќе биде приклучена Бугарија со нејзините аспирации во Северна Македонија и југоисточна Србија, секако во зависност кој ќе биде на власт во Бугарија, ќе биде вперен исклучиво кон Србија“, оценува тој.
Хрватска, Албанија и Косово минатата година потпишаа декларација за соработка во одбраната. Во повеќе наврати објаснија дека таа не претставува закана за ниту една земја, туку дека соработката е насочена кон зајакнување на стабилноста и безбедноста во ЈИЕ, како и продлабочување на партнерството меѓу трите земји.
Трајанов вели дека ништо од посочените прогнози за Балканот нема да се случи.
„Во една вака сложена воено-безбедносна состојба, на Балканот сме сведоци на таканаречена психолошка војна, преку пренагласување на воените капацитети и вооружување, за наводни воени судири, прекројување на граници итн. Ништо од тоа нема да се случи. Сѐ зависи од самите нас, но и од фактот што повеќето балкански држави се членки на НАТО и аспиранти за влез во ЕУ. Во овие процеси се нагласува и руското вмешување, но тоа не е пресудно, затоа што ЕУ, но посебно САД, тоа нема да го дозволат. Македонија е мирна и стабилна држава со целосна усогласеност на нашата надворешна и безбедносна политика со политиките на ЕУ и со силни релации со САД, како наш стратешки партнер и гарант за непроменливост на границите на Балканот“, уверува Трајанов.
Со мерки против последицитеОна што во моментов во Македонија предизвикува најголема загриженост, се последиците од војната на економски план.
„Последиците од војната на Блискиот Исток се видливи насекаде, посебно на економски план. Растот на цените на енергија, а со тоа и на сè што е поврзано со енергија, има и ќе има последици и во Македонија. Добро планирани мерки и внатрешното единство се клучни за спречување на драматични последици“, смета Трајанов.
Владата вчера донесе одлука да се намали данокот на додадена вредност на бензините и дизел горивото од 18% на 10%.„Со ова на граѓаните им заштедуваме околу 200 илјади евра на ден, или околу еден и пол милион евра седмично“, рече премиерот Христијан Мицкоски.
Во моментов потрошувачката на бензините е зголемена за околу 9%, поради притисок на купувачи од соседните држави: најмногу во пограничните општини Дебар, Струга и Охрид на западната граница, во Битола и Гевгелија на јужната и во Куманово на северната граница.
„Имаме план - не само со еден или два чекора, туку со цела низа разработени сценарија, доколку кризата се влоши или продолжи (...) Намалувањето на даноците значи веднаш пониски цени на горивата. Тоа е најбрзиот начин да се ублажи ударот. Ова е интервенција што го прекинува синџирот на поскапувања. Со стабилизирање на цената на горивата, се штитат и цените на храната, транспортот и услугите“, рече премиерот.
Претседателот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, смета дека намалувањето на ДДВ на горивата од 18% на 10% е задоцнето, недоволно и нема да придонесе за реално намалување на цените на горивата.Со оглед дека денеска (23-ти март) се очекува ново поскапување на горивата, тој смета дека граѓаните нема да ги почувствуваат ефектите од мерката.
Бегалци нема, но не е исклучено
Она што засега не е во преден план на анализите, е можен наплив на бегалци. Во моментов такви трендови не се видливи, но состојбата може да се смени со начинот на војување.
„Доколку се започне со копнена интервенција во Иран, тогаш Балканот и ЕУ ќе се соочат со огромни бранови на бегалци, како и обиди за терористички акти“, вели Трајанов.
Во соседна Грција, како што објави весникот „Катимерини“, се прават подготовки откако грчкиот премиер Киријакос Мицотакис изразил загриженост дека настаните на Блискиот Исток создаваат ризик од нов мигрантски тек. Според него, сепак, воениот конфликт не треба да доведе до бегалска криза слична на онаа од 2015 година. На минатонеделниот самит на Европскиот совет во Брисел, тој ги повика европските партнери да испратат јасна порака за заштитата на надворешните граници на ЕУ, кои се и надворешни граници за Грција.
Во Грција, 30% од капацитетот на постојната инфраструктура за прием на мигранти на островите бил слободен за да апсорбира нови мигранти, крајбрежната стража била ставена во состојба на готовност за заштита на морските граници, а се разгледувала и можноста за прекинување на обработката на барањата за азил. Турција, исто така, најави зголемени безбедносни мерки на границата со Иран.
Извор