17.4.2025
Димитровски: Иднината на Македонија во ЕУ не може да зависи од работата на Историската комисија со Бугарија

Заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски денеска во Софија учествуваше на форумот „ЕУ го среќава Балканот“, во организација на Атлантскиот клуб од Бугарија и АЛДЕ групацијата од Европскиот парламент.
Во дебатата со министри и заменици министри за надворешни работи или за Европа на земјите од Западен Балкан, Романија и Турција, заменик министерот Димитровски истакна дека Македонија е шампион во Европа според заштитата на етничките права и дека уставните измени за внесување на Бугарите во уставот сами за себе не претставуваат проблем. Она што предизвикува грижа е целиот пакет со преговарачката рамка вклучително и протоколите. Ако интегрирањето на Македонија во ЕУ зависи од резултатите од работата на заедничката македонско-бугарска Комисија за образовни и историски прашања, тогаш тоа може многу да се оддолжи. Ваквите меѓудржавни историски комисии по Втората светска војна, како помеѓу Германија и Франција или Германија и Полска може да работат повеќе децении додека дадат резултати. Неопходно е билатералните идентитетски и историски прашања да бидат надвор од преговарачкиот процес, рече Димитровски.
На форумот свои обраќања имаа и потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова и еврокомесарката за проширување, Марта Кос.
