13.10.2026
Бегството на Ива Михајлова – нов тест за довербата меѓу Скопје и Софија

Случајот со Ива Михајлова, која и покрај судската забрана ја напушти Македонија и замина во Бугарија, отвора ново прашање во односите меѓу Скопје и Софија. Додека македонските власти најавуваат дека ќе ги информираат Европската Унија и Советот на Европа за постапувањето на бугарските институции, од бугарска страна сметаат дека нема основа за обвинувања кон Софија.
Во меѓувреме, остануваат прашањата како Михајлова ја напуштила земјата, дали преминала преку официјален граничен премин и дали имало пропусти во постапувањето на надлежните служби.
Одговорноста е наша
Поранешниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов во разговор за „Слободен печат“ вели дека одговорноста за утврдување на околностите под кои Михајлова ја напуштила Македонија првенствено е на македонските институции.
Според него, Бугарија, иако е членка на Европската Унија и на Шенген-зоната, не може да се смета за одговорна, освен доколку се докаже дека нејзините институции учествувале во евентуални неправилности.
Според тоа, Европската Унија и Фронтекст немаат никакви ингеренции да поведат санкции или постапки против Бугарија за нарушување на безбедноста на границите на Унијата.
– Целата одговорност во случајот со бегството на Ива Михајлова паѓа на Македонија. Бугарија нема никаква одговорност, освен ако се докаже дека бугарската држава учествувала во тоа – вели Трајанов.
Тој смета дека македонските институции треба да утврдат како Михајлова ја напуштила државата, дали преку граничен премин или нелегално, и кој евентуално направил пропуст.
Како што појаснува, потребно е да се следат соодветните правни процедури, вклучително и распишување централна потерница, вклучување на Интерпол и барање екстрадиција доколку за тоа постојат законски услови.
Чувствителен момент
Трајанов оценува дека случајот може дополнително да ги влоши односите меѓу двете земји. Тој, постапувањето на бугарските политички претставници го толкува како провокација и смета дека начинот на кој случајот бил јавно претставен не придонесува за добрососедските односи.
– Бугарите манифестираат грижа за нивна државјанка, тоа се оние познати флоскули што Бугарија ги користеше и во случајот со Христијан Пендиков, иако тој не беше нејзин државјанин, туку имаше бугарска самосвест, како што изјавуваше, па Бугарија организираше хеликоптер за негово носење во Софија. Прават спектакл за личност за која се води судска постапка во Македонија. Овој случај ќе ја продлабочи недовербата во односите меѓу Македонија и Бугарија. Ова е класична провокација од бугарска страна каде што имавме синхронизиран настап на владата и на претседателката – посочува Трајанов.
Политичкиот аналитичар Џелал Незири оценува дека случајот неизбежно ќе се одрази негативно врз односите меѓу Македонија и Бугарија, особено затоа што се случува во период кога се правеле напори за обновување на довербата и дијалогот.
– Овој случај доаѓа во момент кога се правеа напори да се врати довербата и дијалогот меѓу двете соседни земји, во време кога интеграцијата на регионот станува геополитичка итност – вели Незири за „Слободен печат“.
Според него, наместо реализација на претходно договорените активности, меѓу кои и доаѓањето лекари од Бугарија во Македонија, се случило Михајлова да замине во Бугарија, оставајќи низа отворени прашања на кои треба да одговорат надлежните институции.
Ковачев: Софија нема направено ништо проблематично
Бугарскиот европратеник од ГЕРБ, Андреј Ковачев, смета дека Скопје нема основа да поднесува поплаки до европските институции за случајот.
Во гостување на Бугарската национална телевизија (БНТ), тој изјави дека лично ја информирал претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен за ситуацијата за време на состанок на Европската народна партија.
– Сметам дека Скопје нема причина да се жали на Бугарија. Што точно направила Бугарија што е проблематично? Апсолутно ништо – изјави Ковачев.
Според него, случајот треба да се разгледува пред сè како хуманитарно прашање, имајќи ја предвид здравствената состојба на Михајлова и нејзината потреба од соодветна медицинска нега.
Извор