10.05.2011
Приоритетни активности на ДСМ
Младите на Демократскиот сојуз свесни за предизвикот со кој денес се соочува Република Македонија на патот кон евроатлантските интеграции и свесни за потенцијалот на образованите млади генерации направија ИЗБОР да превземaт дел од одговорноста за иднината и понатамошниот развој на Република Македонија. Денес живееме во време на драстични и многубројни промени во сите сфери на живеење кои пред нашето општество поставуваат сложени прашања и бараат конкретни одговори. Во свет, кој е под влијание на технолошка револуција, научни откритија и достигнувања, кои се подлабоко влегуваат во конфликт со етичките и моралните норми, како и се побрзата глобализација, во младите луѓе расте чувството дека политиката ја губи контролата над последиците од своите одлуки. Затоа адекватното учество на младите во носењето на клучните одлуки е од суштинско значење за подемократско, поцелосно и понапредно општество.
ДСМ верува дека достоинството на човекот е основа за сите човекови права. Затоа сметаме дека почитта едни кон други е основа за слободно и праведно општество, а обврска на општеството е преку закон и култура да создаде услови во кои луѓето достоинствено ќе живеат и работат.
Актуелните случувања неминовно ги дефинираат и нашите приоритети:
-
Образование и култура - како услов без кој е невозможно младите да конкурираат на домашниот и светскиот пазар на труд. Поаѓајќи од фактот дека знаењето е најсигурната инвестиција која еден млад човек ќе ја направи за својата иднина, ДСМ смета дека со зголемување на квалитетот на образованието, ќе се зголеми и конкурентноста на Македонија на светскиот пазар на труд. Ние се залагаме, не само за зголемување на процентот на високообразовани граѓани, туку за зголемување на бројот на квалитетни, професионални и конкурентни млади луѓе. Генерации на свесни и одговорни млади луѓе кои ќе можат активно да учествуваат во креирањето и решавањето на актуелните и долгорочни животни прашања. МЛАДИ кои ќе знаат и умеат да ја наплатат дивидендата за досегашната политика, да знаат да продолжат онаму каде што другите застанале, бидејќи политиката ниту започнала ниту ќе заврши со нив.
-
Вработување - како логично продолжување на првата активност, ДСМ смета дека младите по завршување на своето образование треба да најдат и соодветно вработување, бидејќи во спротивно ќе се губи потенцијалот на образованиот млад човек. Со стимулација на политиката за прво вработување на младите луѓе ќе им се даде можност и во пракса да го покажат својот потенцијал и да внесат нови идеи во работната средина.
-
Намалување на миграција град-главен град - ДСМ смета дека поради целосната концентрација на капиталот во главниот град, на останатите градови им се намалува капацитетот да обезбедат услови за идните генерации да останат да живеат и создаваат семејства во своите родни градови. Поради тоа ние имаме проблем со миграцијата не само село - град, туку и град - главен град. За да се спречи ова сметаме дека дел од институциите треба да бидат дислоцирани од Скопје и сместени во другите градови, односно да се работи на разводнување на капиталот и отварање НОВИ РАБОТНИ МЕСТА за ПОДОБРА ИДНИНА низ цела Македонија.
-
Семејни вредности - ДСМ смета дека семејството како темел на општеството е гаранција за неговиот опстанок и затоа промовирањето на семејството како единствен и незаменлив потенцијал на општеството мора да бидат примарна задача, сe со цел зачувување на македонското општество. Бидејќи младите семејства се наследници на македонската култура и традиција, државата мора да овозможи пристојни услови за поттикнување на младите да засноваат семејства.
-
Нов лик на политичар - ДСМ верува во морални политичари, кои политичките принципи ги избираат за тие да се во согласност со моралноста, а не политички моралисти кои ја обликуваат моралноста за таа да биде во хармонија со нивните лични интереси. Ние сакаме да видиме политичка сцена во која ќе владее политичкиот дијалог и култура. Како следбеници на тој идеал ќе се залагаме за негово целосно имплементирање.
-
Македонија во ЕУ - ДСМ смета дека со пристапување во Европската унија, Македонија дополнително ќе го зајакне својот национален идентитет и ќе ја збогати Европа со својата култура, традиција и единствена историја.
претседател на ДСМ
м-р Весна Стоименовска