19.11.2017
ДСМ во учество на Генералното собрание на Национален младински совет на Македонија
На 18ти и 19ти ноември, во салата „Борис Трајковски“ на Собранието на Република Македонија, се одржа седница на Собранието на Националниот младински совет на Македонија (НМСМ), како највисоко тело од советот кое го сочинуваат сите организации членки, во присуство на делегат од ДСМ, Теодора Василова, секретар на Демократски Сојуз млади .
Покрај тековните прашања за дискусија на НМСМ, на седницата делегатите од организациите членки на НМСМ дискутираа за процес за креирање на Закон за млади, даваа препораки за конкретните чекори кои треба да бидат преземени во насока на отворен, инклузивен и транспарентен процес за креирање на ваков Закон, кој во целост ќе ги гарантира интересите и потребите на младите.
Како теми на дискусија на седницата на Собранието на НМСМ беа дискутирани и позицијата на НМСМ кон „Младинската гаранција“ како мерка за зголемување на вработливоста на младите, учеството на НМСМ во процесот на Структурен дијалог како на Европско, така и на национално ниво, заложби на НМСМ за зголемување на квалитетот на образованието во Македонија и позицијата на НМСМ во насока на Резолуција 2250 на Обединетите нации за млади, мир и безбедност.
Свое воведно обраќање на седницата имаа Дарко Каевски, Директорот на Агенцијата за млади и спорт и Ивана Туфегџиќ, пратеник во Собранието. Дарко Каевски го поздрави стремежот на НМСМ да делува како партнер на институциите кои во својата работа опфаќаат младински прашања. Дополнително, до граѓанските организации кои беа присутни, ги претстави механизмите за соработка со НМСМ и заедничките активности кои се имплементирале и се во процес на имплементација.
Пратеничката Ивана Туфегџиќ ја претстави парламентарната лоби група за млади, која беше формирана како неформална работна група во рамки на Собранието на РМ. Во своето обраќање најави и процес за конечно креирање и воспоставување на Закон за млади, како институционален механизам за регулирање на младинските прашања.
На оваа седница, Националниот младински совет на Македонија доби уште една организација членка, доаѓајќи до бројка од 50 организации- членки, што влијае кон зголемувањето на репрезентативноста и легитимитетот на НМСМ. Дополнително, беа усвоени и Стратешки приоритети на НМСМ за делување во периодот 2018-2020 година.
Спроведувањето на седница на Собранието на НМСМ во просториите на Собранието на РМ е пример за соработка помеѓу НМСМ, како најголемо претставничко тело со Законодавниот дом на РМ и генерално институциите од земјата. Искрено се надеваме на ваквата соработка ќе продолжи во иднина и на отвореност од страна на сите институции кои опфаќаат младински прашања во својата работа.
Одржувањето на Собранието на НМСМ беше поддржано од програмата Цивика мобилитас.
Преземено од:НМСМ