28.03.2016
ДСМ потпиша Декларација за промовирање младински политики
Потписник, Александар Илиевски, потпретседател на ДСМ
Декларација за промовирање на ефективни политики за младите во Република Македонија потпишаа денеска претставници на 13 политички партии во пресрет на парламентарните избори 2016. Декларацијата ја потпишаа претставниците од подмладоците на СДСМ, ДПА, ВМРО – Народна партија, ДОМ, ЛДП, ДС, ГРОМ, НСДП, Обединети за Македонија, Обединета партија за еманципација на Ромите и Демократска партија на Турците. Со тоа политичките партии се заложуваат дека ќе ја унапредуваат положбата на младите во општеството, отворено и партиципативно ќе креираат политики за младите како и дека ќе воспостават траен механизам за соработка со Националниот младински совет на Македонија (НМСМ).
Претседателот на НМСМ Дамјан Николовски на отворањето истакна дека Декларацијата претставува чекор напред за младите да го добијат своето заслужено место во општеството.„Оваа Декларација која се потпишува по втор пат содржи мерки и решенија преку кои ќе се зајакне младинското учество, ќе се воспостави траен механизам за соработка на институциите со НМСМ, но и ќе се овозможи поддршка на младите за подобрување на нивната економска, социјална и општествена положба”
На настанот беше претставена и Анализата за застапеноста на младинските политики во програмите на политичките партии од изборите 2014 со што и официјално се означи почетокот на кампањата „Младите во фокусот на изборите 2016”.„Оваа Анализа е прва од ваков вид во нашата земја која покажува колку всушност младите се во фокусот на програмите на политичките партии. Анализата ќе биде претставена на десет регионални младински форуми во десет различни града со цел да се поттикне дискусија за потребите на младите во секоја од 6-те изборни единици” изјави членот на Управниот одбор на НМСМ, Иван Јованов.
Проектната активност „Младите во фокусот на изборите 2016” на Националниот младински совет на Македонија се реализира во рамките на програмата на Националниот демократски институт за меѓународни работи (НДИ) во Македонија за Зајакнување на граѓанското учество во политичките процеси, финансиски поддржана од Националната фондација за демократија (НЕД).
Превземено од НМСМ