СОБРАНИЕ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА, 27-28.06.2012
ПАВЛЕ ТРАЈАНОВ ЗА ЕКОНОМСКИТЕ СОСТОЈБИ ВО ДРЖАВАТА, НА СЕДНИЦА НА СОБРАНИЕТО НА РМ НА КОЈА СЕ РАСПРАВАШЕ ЗА КРЕДИТ ОД ДОЈЧЕ БАНКА, ВО ИЗНОС ОД 75.000,000 ЕВРА
Во принцип сум против тоа Република Македонија да се задолжува. Бидејќи нема заем, нема кредит кој не е поволен за тој што го дава, а се разбира неповолен за тој што го зема и кој треба да плаќа високи камати. Последниов месец во Собранието се води расправа како да е предизборна кампања. Постојано имаме меѓусебни обвинувања, на релација власт-опозиција и тоа за прашања за кои не е невозможно да изградиме заедничка стратегија и да имаме заеднички ставови. Сметам дека во услови кога Шпанија побарува 100 милијарди евра, Кипар 10 милијарди евра, Грција над 200 милијарди евра, во време кога и Италија се соочува со финансиски проблеми, па и Португалија и други држави, тој тренд на ширење на кризата ќе продолжи. Според анализите на некои светки економски експерти, економската криза ќе ги опфати и Германија, Англија и Франција.
Повеќе од сигурно е дека и Република Македонија не останува имуна, и неа ја погодуваат овие економски состојби и финансиската криза, па сосема логично е дека за да се обезбеди функционирање на државата и за да се извршуваат обврските кон странските кредитори, неопходно е повторно задолжување. Но, во оваа насока сакам да посочам неколку работи. Сметам дека како држава, Влада, Парламент, треба да се откажеме од сите непродуктивни трошоци, треба да се ревидираат сите досегашни планови - програми за трошење на пари. Вклучително сум и за тоа, да се ревидира и програмата за изградба на споменици. Има работи кои можат да почекаат со реализација, инаку сум да се гради, да се градат и споменици, но подоцна, кога ќе се создадат поволни економски услови. Понатаму, се залагам обврските на државата кон компаниите да се извршат што е можно поскоро, бидејќи од нив, ако работат добро, се полни Буџетот, а со тоа понатаму се создаваат и услови за економски развој и нови инвестиции. Тука е се подразбира и навременото враќање на ДДВ и навремено исплаќање на премии на замјоделците. На крај, оваа криза која се подлабоко навлегува во Европа, ја зафати, ја притиска и Република Македонија и навистина е потребно да се води поголема сметка за трошењето на парите на даночните обврзници. Но, се сложувам во овој период, преку кредити, преку задолжувања, да се обезбедуваат услови за нормално функционирање на државата и стопанските субјекти.