СКОПЈЕ, 03.08.2012 ГОДИНА
РЕГУЛАТОРНАТА КОМИСИЈА JA ЗАСИЛУВА МОНОПОЛСКАТА ПОЗИЦИЈА НА ТОПЛИФИКАЦИЈА
Демократскиот сојуз реагира на новиот правилник изготвен од страна на Регулаторната комисија за енергетика со кој се засилува монополската позиција на Топлификација АД Скопје, со што на граѓаните им се наметнуваат нови обврски.
Имено, со новиот Правилник, не само што оној кој е исклучен ќе треба да плаќа фиксен надоместок, туку во иднина исклучувањето ќе биде можно само ако се обезбеди согласност од сите станари во колективните згради. Додека пак, оние што веќе се исклучиле, согласно Правилникот, ќе мора повторно да се вклучат во системот, а дури откако ќе обезбедат согласност од соседите, би можеле повторно да се исклучат од мрежата на Топлификација.
Сметаме дека ваквиот систем не само што е премногу комплициран и речиси неизводлив, туку тој е и на директна штета на граѓаните и неговата крајна цел е да се заштити Топлификација со тоа што корисниците на топлинска енергија практично се оневозможени да се исклучуваат по своја желба.
Демократскиот сојуз е на ставот дека граѓаните треба да имаат избор – дали сакаат или не сакаат да ја користат топлинската енергија која им ја испорачува Топлификација и никој не смее да ги попречува во нивниот избор. Уште помалку да им наметнува фиксен надоместок за топлинска енергија која не им е испорачана.
Од друга страна, Топлификација АД Скопје е должна да обезбеди објективни квалитативни критериуми за потрошената топлинска енергија за секоја станбена единица преку вградување калориметри, а не наплатата да ја врши паушално врз основа на површината на станот.
При евентуалното спроведување на критериумите од новиот Правилник на Регулаторната комисија, мора да се има предвид дека голем дел од граѓаните кои претходно се исклучиле од
мрежата на Топлификација, веќе имаат обезбедено алтернативни извори на топлинска енергија, односно веќе влегле во нови инвестиции, така што сега повторно би биле ставени пред нови трошоци.
На крајот, Демократскиот сојуз потсетува дека со Правилник не може да им се наметнуваат нови обврски на граѓаните, туку тоа е можно само со Закон.
Од тие причини, предлагаме новиот Правилник на Регулаторната комисија да се стави надвор од сила, се’ додека не се расчистат сите дилеми и контроверзи поврзани со него.
Демократски сојуз