10 ФЕВРУАРИ 2012, КАПИТАЛ



ИНТЕРВЈУ НА ПАВЛЕ ТРАЈАНОВ, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ДЕМОКРАТСКИ СОЈУЗ, 10 ФЕВРУАРИ 2012 ВО ДНЕВНИОТ ВЕСНИК КАПИТАЛ

НЕМА ЛИДЕР КОЈ САМ ЌЕ ГО РЕШИ СПОРОТ ЗА ИМЕТО, НИТУ ГРУЕВСКИ, НИТУ ЦРВЕНКОВСКИ!

Катерина Синадиновска

Лидерот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, вели дека има разбирање за ВМРО–ДПМНЕ и за нивната колебливост околу решавањето на спорот за името, оти секое решение ќе биде дочекано на нож од опозицијата, но дека е неопходна поголема храброст. Трајанов вели – ни Груевски, ни Црвенковски нема сами да преземат одговорност, потребен е широк блок за решение на овој проблем

  • Колку настаните од Струга ја дестабилизираа Македонија и можат негативно да се одразат?

    Искуството во балканските држави покажува дека не треба да се занемаруваат настани поврзани со меѓуетничките состојби во државите. Ако не се пристапи со сериозност во овие случувања, можат да добијат пошироки димензии. Мора сериозно да се анализираат и да се делува, пред сe политички, а затоа што голем дел од тие инциденти се на верска основа, да се вклучат и верските заедници со цел да се смират страстите. Јасно е дека партиите имаат интерес да се нарушат овие односи, кои засега се стабилни. Па ако не можат да делуваат стабилизирачки, партиите можат само да ги влошат. Во таа смисла, треба и партиите и медиумскиот сектор и верските заедници да делуваат. Голема е одговорноста на државата, институциите и пред сe, на Владата. Не е состојбата таква за да сметаме дека можат да излезат од контрола и да ја дестабилизираат државата, ама мора превентивно да се дејствува и не се потребни меѓусебни обвинувања, зашто сите сме одговорни, без разлика дали сме партии од власт или од опозиција. Не е потребно никој посебно да се ангажира за да се нарушат меѓуетничките состојби во земјата. Може тоа да го сторат сосема маргинални луѓе, исто така и екстремните структури, ако им се даде простор.

    Сиромашни граѓани лесно се манипулираат за етнички инциденти.

  • Но, сведоци сме на токму спротивното - на обвинувања дека некој стоел зад инцидентите. Па во тие обвинувања се навратија и на Кале и на случувањата од тогаш. Потфрлија ли институциите на системот? Каде е државата ако Груби сведочи дека опозицијата се понудила да помогне за креирање инциденти? Вие сте биле министер за внатрешни работи. Не треба ли Груби во полиција веднаш да пријави имиња?

    Државата реагираше за инцидентите на Кале. Имаше неколку прекршочни и кривични пријави. Дали има и соодветна судска завршница за тоа не ми е познато. Генерално, постои една толеранција на државата врз инцидентите кои имаат етнички предзнак или се побудени од таков проблем и има една тенденција да не се санкционираат докрај. Мислам дека таквите размислувања се погрешни. Државата мора да биде претпазлива во вакви специфични околности, но сепак, реакцијата мора да биде праведна и да функционира целокупниот имунолошки систем на земјата за да се одврати од намерата секој потенцијален екстремист. Апелирам државата да функционира со цел свој капацитет и да ги расчисти инцидентите без да прави разлика со какви побуди биле сторени. Не треба да се запостави ни социјалната, економската состојба, зашто сиромашните граѓани се подложни на манипулација за вклучување во нереди.
  • Велите, постои толеранција на инциденти од ваков тип. Во ред, можеби државата се двоуми дали да реагира со целиот свој капацитет за да не се направи поглем проблем, но ако е тука внимателна, дозволиво ли е истите инциденти да се користат за кревање партиски рејтинг или борба со политичкиот противник?

    Сe уште постои национализам, можеби не во екстремни форми, но тој, сепак, влијае во определувањето на гласачите. Партиите проценуваат дека доколку промовираат националистичко однесување, ги поттикнуваат гласачите да ги поддржат. Овие потези за активирање гласачко тело се сосема погрешна стратегија, се покажа на последните избори како помина Имер Селмани. Тој, кој како претседателски кандидат се претстави како македонскиот Обама, кога почна да игра на картата на радикализмот и почна со екстремна националистичка програма и Албанците не го гласаа.

  • Вие како да зборувате само за албанскиот политички блок?

    Зборувам за сите политички партии, бидејќи и кај македонските, барем кај повеќето од нив, е присутно ова. Се трудат да добијат дневно-политички поени со активности кои се граничат со екстремен национализам. И не треба да нe загрижува ако некој ја промовира сопствената анција, но не на штета на другите етнички заедници.

  • Му забележувате на коалициониот партнер, на ВМРО–ДПМНЕ, за агресивно играње на националистичката карта?

    Секоја политичка партија води сметка за своето дејствување. Не би ги коментирал активностите на другите политички партии во оваа ситуација, ниту имам аргументи дали владејачката партија се обидува да го поттикне национализмот.

  • Тие велат поттикнување на националниот дух.

    Во Македонија можеби е потребно да се поттикне националниот дух. Тоа недостигаше во СФРЈ, македонските карактеристики, македонштината беше претопена во југословенскиот идентитет и сега ова е надминато. Секако, на сe треба да има мерка. Оние песни кои се појавуваат сега со националистичка содржина, некои такви однесувања, сето тоа е со краткотраен здив и полека граѓаните ќе сфатат дека се предмет на манипулација и дека тоа се инструментализира во политички цели и во основа, стратешки гледано, тоа не е во функција на меѓусебно разбирање.

    Една изборна единица, отворени листи и законска забрана за предизборно коалицирање

  • Како го доживувате фактот дека овие избори многу мали партии практички исчезнаа? Како ви изгледа сега Парламентот?

    Победите на избори ги носат малите политички партии. Без коалицирање, ниту СДСМ ниту ВМРО–ДПМНЕ ќе можат да победат. Тоа значи дека не е соодветно вреднувањето на силата на помалите партии и тоа е главно поради изборниот модел. Доколку имаме една изборна единица, со отворени листи, тогаш состојбите ќе бидат сосема поразлични. Сакам да промовирам една наша идеја. Во Изборниот законик да не се дозволува предизборно коалицирање. Тогаш ќе имаме реална слика за капацитетот на сите партии. Таму е нашата можност да си ги провериме сопствените капацитети. Да видиме дали можеме самостојно да бидеме застапени во Парламентот со неколку пратеници. Вака, големите партии нe чувствуваат како товар, а ние во ДС сметаме дека ако не сме дел од коалицијата не би можела да победи определена партија. Тогаш и пратениците ќе бидат понезависни, ако има отворени листи. Потоа, по изборите нека има коалиции. Вака се чувствуваме маргинализирани и во јавноста постојано се зборува за две партии. Сите други независно од капацитетот се маргинализирани. Ни недостига една нова политичка сила, лоцирана некаде на центарот. Партиите од центарот се обединуваат лесно, ама пред избори третите опции се распаѓаат, оти големите партии сакаат да ги разбијат за да не им го нарушат нивниот комодитет.Рано е да ве прашувам со кого би коалицирале за локалните избори. Претпоставувам, задоволен сте од моменталната коалиција.Сега сме дел од една коалиција, рано е да прашувате.

  • Краткотраен здив велите, но штетата може да биде долгорочна.

    Сето тоа што сега се слчучува на овој план е пред сe за домашна употреба. Тоа не го вреднуваат нашите соседи, ЕУ, НАТО, па и нашите стратешки партнери. Мора да водиме сметка за националните чувства, за разбирање и за соработка. Не смее да се користат овие теми за недоразбирања по етничка основа или уште помалку да биде ова основа за нарушување на односите со некој од соседите. Овие инциденти не се со таква сила да може врз основа на нив да се изгради негативна оценка за вкупната состојба во земјата. Македонија е стабилна, функционираат демократските институции, имаме илјадници невладини организации, имаме бројни медиуми, без разлика дали се сметаат за провладини или не, и сето тоа дава гаранција дека Македонија ќе биде стабилна. Сигурен сум дека граѓаните, генерално, не се за да се повторат случувањата од 2001 година и тоа е гаранција дека ќе се движиме напред. Користењето на овие настани за политичко профитирање или нивното предимензионирање за да се дефокусира вниманието на јавноста од вистинските проблеми брзо ќе биде препознаено.

    Наместо само да чекаме, време е да почнеме да даваме предлози за решавање на спорот за името

  • Имавте идеја за создавање национален совет сочинет од сите релевантни општествени фактори за решавање на спорот за името. Премиерот Груевски ја поздрави, но конкретно ништо не се реализираше на тој план. Каде се закочи иницијативата?

    Предложивме државно-политички совет со сите релевантни политички партии, претставници од невладиниот сектор, медиумите, верските заедници. Ги очекуваме мислењата на политичките партии и наскоро ќе одржиме една трибина за да ги чуеме. Преку ова тело, кое ќе биде многу релевантно, ќе може да се разговара за многу клучни прашања. Прво, како да се надмине спорот за името со Грција со цел да се деблокираат процесите за ЕУ и за НАТО, потоа да се разговара за економските текови кај нас, за влијанието на светската економска криза, за меѓуетничките односи во земјата. Има прашања за кои е потребен поширок граѓански и општествен консензус. Практиката да се собираат четирите лидери на најголемите партии се покажа неефикасна. Нема формално тело за вакви разговори. Ова не значи суспензија на Парламентот, но и тој нема механизам да расправа ако претходно не се надминат битни несогласувања на власта и опозицијата.

  • Како би играле вие за решавање на спорот за името?

    Демократскиот сојуз подготви стратегија за решавање на спорот во три фази и освен оваа стратегија, друго не видовме. Таа доби поддршка од ЕУ и од некои наши стратешки партнери и ако ова се претвореше во државна пред две години, кога прв пат ја промовиравме, ќе бевме многу напред. Слушаме дека и медијаторот Метју Нимиц ќе промовира стратегија за фазно решавање на спорот, но Македонија губи драгоцено време. Не одиме со предлози за кои би расправале ЕУ, НАТО, Грција или медијаторот. Ние чекаме предлози цело време. Стратегијата доби поддршка и од премиерот, но не се конкретизира и не доби поголема сериозност.

  • Се држи ли државата свесно надвор од двете организации?

    Во Република Македонија нема ниту еден политички лидер кој може да ја понесе одговорноста за компромис со Грција. Ние, како помала партија, сме за тоа да преземеме дел од одговорноста за да се најде решение, но треба сите на ист начин да постапат и да преземат дел од одговорноста. Тогаш нема да имаме предавници или победници. Не сум сигурен дека Груевски или Црвенковски може да преземе таква одговорност. Опозицијата вели дека ќе го поддржи секое решение на власта, но мислам дека во практика ќе послужи за обвинувања и ќе биде дискредитирано. Владејачките партии ќе доживеат пораз на следните избори. Затоа партиите се многу претпазливи и имам разбирање за ВМРО–ДПМНЕ дека е крајно претпазливо игра кога се работи за ова и тоа како чувствително прашање, но таквата колебливост ги кочи нашите евроатлантски процеси. Ние треба да бидеме похрабри со една стратегија усогласена за да не заостануваме во вкупниот демократски и економски развој. Во последните три години во Комисијата за европски прашања иницирав во договор со ЕУ да ги отвораме поглавјата за да ги усогласиме регулативите. Тоа не доби посебен публицитет или поддршка, но гледам дека ЕУ врз основа на тие размислувања почна со еден таков процес – претпристапниот дијалог на којшто треба да се фокусираме и да се трудиме да го користиме како форма за да се движиме напред, да се прават реформите и тоа ќе биде во функција за сите граѓани.



Последни Активности

1.11.2012

КАНДИДАТИ ЗА ГРАДОНАЧАЛНИЦИ НА ДЕМОКРАТСКИ СОЈУЗ:

1. Радовиш

Страхил Гавритов, електро инженер, вработен во ЈП Плаваја-Радовиш.

2. Неготино

Ванчо Петров, професор во Гимназијата во Неготино...

прочитај повеќе...



13.11.2012

Трајанов - Историски момент за компромис со Грција

Очекувам да се дојде до некаков компромис, но тоа пред сè ќе зависи од внатрешното единство, од тоа дали Република Македонија ќе изгради единствена политика околу ова прашање, вели Павле Трајанов, водачот на македонската парламентарна делегација на Заседанието на Асамблеата на НАТО во Прага.

прочитај повеќе...

19.11.2012

ОПШТИНСКАТА ОРГАНИЗАЦИЈА НА ДС - КОЧАНИ ИЗБРА НОВ ПРЕТСЕДАТЕЛ

„ Потекнувам од работничко семејство, во партијата влегов поради чесноста, потенцијалите, политичката одговорност и пред се поради политичката иднина, којa ја гледам во Демократски сојуз “... 

прочитај повеќе...

14.01.2013

Kако до нови работни места?

Демократскиот сојуз, заедно со граѓаните ќе работи на градење на Програма за отворање на нови работни места , развој на економијата и унапредување на животниот стандард на граѓаните.

прочитај повеќе...

18.03.2012

ОБРАЌАЊЕ НА ПАВЛЕ ТРАЈАНОВ НА IV-ОТ КОНГРЕС НА ДЕМОКРАТСКИОТ СОЈУЗ

Почитувани делегати, гости, драги пријатели, екселенции, претставници на медиумите, сакам да Ве поздравам и да посакам успешна работа на Конгресот. Демократскиот сојуз е партија која постојано бранува, партија која го слуша гласот на граѓаните. Силата на Демократскиот сојуз, произлегува од нашите принципиелни заложби...

прочитај повеќе...
partners partners partners partners partners partners