30 ЈУНИ-1 ЈУЛИ 2012

30 ЈУНИ-1 ЈУЛИ 2012

ИНТЕРВЈУ НА ПАВЛЕ ТРАЈАНОВ, ЛИДЕР НА ДЕМОКРАТСКИ СОЈУЗ ЗА ДНЕВНИОТ ВЕСНИК ФОКУС

  • Побаравте државата да се откаже од сите непродуктивни трошоци, поради економската криза, а притоа како пример го наведовте проектот „Скопје 2014“, посочувајќи дека треба да се ревидира програмата за изградба на спомениците. Дали на оваа забелешка имавте реакција од коалициониот партнер, за кој знаеме дека е осетлив на било какви критики за „Скопје 2014“?

    ТРАЈАНОВ: Се соочуваме со светска економска и финансиска криза, која ја зафати и тресе и Европската унија. Според врвните економски стручњаци, можно е кризата да се прошири и да ги зафати и најразвиените и најмоќните економски држави како што се Франција, Англија и Германија. Повеќе држави градат нови економски политики, но, бараат и помош преку земање на кредити, заеми, издавање на обврзници, сe со цел да се надмине можниот економски колапс, распад на банкарскиот систем. Шпанија бара помош од 100 милијарди евра, Кипар 10 милијарди, Грција бара или веќе доби над 200 милијарди евра, во голема криза се и Италија, Португалија, Ирска и други држави. Кризата има сe поголемо влијание и врз состојбите во Македонија, поради што е потребна нова економска стратегија, но и свеж капитал. Затоа, го поддржав законот за да се обезбедат средства од 75 милиони евра од Дојче Банк, но воедно сметам дека треба да се ревидираат сите непродуктивни трошоци, навремено да се сервисираат обврските на државата кон компаниите, да се враќа ДДВ, навремено да се исплаќаат премиите на земјоделците, сe да биде во функција на обезбедување на одржлив економски развој,услови за нови инвестиции, преку што ќе се полни и Буџетот. Сметам дека програмата за изградба на споменици треба да се ревидира, она што е почнато да се заврши, а изградба на нови споменици да се одложи за подобри времиња. Моите ставови се принципиелни, аргументирани и во насока на прилагодување на политиките на владата во согласност со новонастанатите услови и состојби.

  • Дали овие несогласувања во врска со проектот „Скопје 2014“ досега сте му ги предочиле на коалициониот партнер?

    ТРАЈАНОВ:Овие мои ставови ќе ги презентирам и на средбата со коалиционите партнери, која вообичаено се одржува во текот на јули, при што очекувам и поширока расправа и дискусија за вкупните економски и социјални состојби во РМ, како и мерките што треба да бидат преземени за заштита на најзагрозените социјални слоеви во државата. Проектот „Скопје 2014“ доби широка поддршка посебно кај помладите генерации, но во последно време се погласни се критиките од страна на граѓаните, дека оваа програма за изградба на споменици треба да се ревидира. И тука не очекувам никакви разлики или несогласувања со ВМРО-ДПМНЕ.

  • Дали вашата реакција за проектот, може да се протолкува како знак дека имате влошени односи или несогласувања со ВМРО-ДПМНЕ?

    ТРАЈАНОВ: Во коалицијата „За подобра Македонија“ учествуваат 22 политички партии. Демократскиот сојуз е самостојна политичка партија со препознатливи политички ставови, а во рамките на коалицијата секоја партија настапува самостојно, без какво било туторство или ограничувања. ДС како партија што е вклучена во власта е подготвена да преземе дел од одговорноста за вкупните состојби. ДС не бега ниту од обврските, ниту, пак, се колеба со свои идеи, предлози, проекти, да влијае во носењето на клучните одлуки битни за иднината на Република Македонија. Соработката со ВМРО-ДПМНЕ се одвива согласно нашиот стратешки договор.

  • Кога се случи петкратното убиство, во јавноста излеговте со став дека станува збор за терористички напад. Дали од оваа дистанца сметате дека таквите квалификации беа преуранети?

    ТРАЈАНОВ:Петократното убиство претставува терористички акт, злосторство, кое ги вознемири граѓаните, создаде чувство на несигурност и во голема мера се одрази на меѓуетничките и меѓуверските односи во Република Македонија. Како резултат на осудата од сите граѓани, партии, медиуми, како и меѓународните влијателни фактори, не дојде до дестабилизација на државата од поголеми размери. Моите оценки, за жал, се потврдија и сосема е извесно дека се работи за добро подготвен акт, насочен кон дестабилизација и нарушување на стабилноста на државата со потешки последици.

  • Дали сметате дека МВР зад решетки ги има вистинските извршители на петкратното убиство и дали сметате дека истрагата заглави, бидејќи се уште не се презентирани доказите пред одбраната и се уште нема обвинение?

    ТРАЈАНОВ: Немам изворни информации за текот на истрагата (ниту имам право на тоа) за да дадам издржана и квалификувана оценка, но, мораме да ја почитуваме професионалноста, стручноста и независноста на МВР, обвинителството и судот, институции кои што се директно вклучени во истрагата. Се работи за тешко злосторство и мора обвинението да биде поткрепено со цврсти докази. Надлежните нe уверуваат дека истрагата е на прав пат, во спротивно би било катастрофа.

  • Дали уште го застапувате ставот дека МВР е политизирано и партизирано, и дека под итно е потребно филтрирање на безбедносните служби. Дали очекувате дека и со новиот конкурс за вработување на 300 полицајци, во министерството ќе влезат партиски луѓе?

    ТРАЈАНОВ:Десеттина и повеќе години, МВР и другите безбедносни служби се под силно партиско-политичко влијание, како во извршувањето на сложените безбедносни функции, така и при водењето на кадровската политика. Кадровските грешки можат во голема мера да ги загрозат капацитетите на безбедносните служби. треба претресување на кадрите примени од 2001 година наваму, сe со цел евентуалните пропусти да се надминат. Приемот на нови кадри, вклучително и на 300 полицајци, треба да се одвива транспарентно и врз основа на јасни критериуми. Врз основа на критериумите треба да се направи ранг-листа и на првите 300 да им се даде можност да бидат упатени на обука, а подоцна да бидат вклучени во редовите на МВР.

  • Ни претстојат локалните избори. Дали вашата партија, Демократски сојуз, ќе настапи со сопствена листа на советници и градоначалници, или, пак, ќе учествувате на заедничка листа со коалициските партнери?

    ТРАЈАНОВ: Демократскиот сојуз ја започна постапката за евидентирање на можни кандидати за советници и градоначалници. Подготвуваме анализи за состојбите во општините, проблемите со кои се соочуваат граѓаните, потребите и приоритетите. Се подготвуваме за локалните избори, но разговорите за заеднички настап сe уште не се почнати. Инаку, се прави се прави анализа на соработката на локално ниво и дали и кој од постојните градоначалници ќе добија поддршка од ДС, првенствено ќе зависи од нивната работа и резултат.

  • Има ли разлика меѓу ДС и ВМРО-ДПМНЕ во поглед на спорот за името. Дали може да ни ја објасните вашата идеја за консултативен референдум?

    ТРАЈАНОВ: Демократскиот сојуз излезе со платформа за фазно решавање на спорот за името наметнат од Грција. оваа стратегија доби пошир0ока меѓународна поддршка, како начин и можност како да се дојде до компромис. Со оваа стратегија не се загрозува нашиот национален идентитет и јазик. Ставот на ДС е сосема јасен и чист, дека не прифаќаме промена на името Република Македонија, промена на Уставот, промена на пасошите и сл. Ние се залагаме за замена на референцата ПЈРМ, со решение кое ќе се користи во рамките на Обединетите нации и ќе овозможи Македонија да биде примена во НАТО и да почнат разговорите за полноправно членство во ЕУ.Сметаме дека пред да се постигне било каков договор, треба за тоа да се изјаснат граѓаните, за да не се доведеме во апсурдна ситуација, да прифатиме договор кој што граѓаните на референдум ќе го отфрлат.

Последни Активности

26.10.2018

Демократски сојуз: Национално помирување

Демократскиот сојуз смета дека помирување помеѓу левицата и десницата, како и пошироко национално помирување, треба да се одвива преку Парламентот, со донесување на: "ДЕКЛАРАЦИЈА ЗА НАЦИОНАЛНО ПОМИРУВАЊЕ".

прочитај повеќе...

20.10.2018

Демократски сојуз: Македонија чекори напред

Со одлуката на Парламентот за пристапување кон промени во Уставот, вратите на НАТО и ЕУ, останаа отворени за Македонија.

прочитај повеќе...

16.10.2018

Демократски сојуз: Дајте шанса на мирот

Демократскиот сојуз е за помирување помеѓу левицата и десницата, не поради друго, тука за да се спречат натамошните делби на штета на македонските национални интереси.

прочитај повеќе...

12.10.2018

Демократски сојуз: Глас на разумот

Гласањето за имплементација на преспанскиот договорот е глас на разумот, кој ќе ја придвижи Македонија напред.

прочитај повеќе...

03.10.2018

Демократски сојуз: Влез во НАТО па избори

Демократскиот сојуз смета дека пред партиските и личните интереси, треба да се води сметка за стратешките, националните и државните интереси на Република Македонија, како и пошироките граѓански интереси.

прочитај повеќе...
partners partners partners partners partners partners