18 МАРТ 2012 ГОДИНА

18.03.2012

ОБРАЌАЊЕ НА ПАВЛЕ ТРАЈАНОВ НА IV-ОТ КОНГРЕС НА ДЕМОКРАТСКИОТ СОЈУЗ

Почитувани делегати, гости, драги пријатели, екселенции, претставници на медиумите, сакам да Ве поздравам и да посакам успешна работа на Конгресот. Демократскиот сојуз е партија која постојано бранува, партија која го слуша гласот на граѓаните. Силата на Демократскиот сојуз, произлегува од нашите принципиелни заложби, од нашата искреност и објективност, од нашите цврсти определби дека само со работа, посветеност и одговорност може да се оди напред. Демократскиот сојуз не премолчува, за сите чувствителни прашања има свој став и јавно го соопштува. Ние не калкулираме, ние секогаш тргнуваме од стратешките интереси на државата, секогаш сме со граѓаните. Ние сме и ќе останеме во коалиција со граѓаните.

Демократскиот сојуз е силен и препознатлив политички субјект. Знаеме дека МОЖЕМЕ да направиме ПОВЕЌЕ, за граѓаните, за државата, знаеме и МОЖЕМЕ ПОВЕЌЕ и тоа ќе биде наша врвна политичка определба.

Демократскиот сојуз, во јавноста , преку Парламентот, преку медиумите постојано актуелизира и нуди решенија за проблемите и предизвиците со кои се соочува Република Македонија. Само со темелни реформи можат да се менуваат работите на подобро.

Понекогаш не обвинуваат и прашуваат до кога ќе бидеме „совест на граѓаните“, до кога отворено ќе зборуваме, до кога ќе ги кажуваме работите такви, какви што сè? Мојот одговор é постојано ист ! Никој не може вистината да ја сокрива, кула од карти лесно се руши. На нас, ни требаат цврсти темели, ни треба владеење на правото, ни требаат слободни медиуми, ни требаат слободни граѓани. Ние за тоа ќе се залагаме, за тоа ќе се бориме, па макар во таа борба трпеле и порази.

Нашиот труд ќе биде награден. Граѓаните не може вечно да ги манипулираат политичари, кои за да дојдат на власт поттикнуваат меѓуетнички судири и насилство, со што ги загрозуваат перспективите на државата.

Демократскиот сојуз е цврсто определен за владеење на правото, како врвен цивилизациски и демократски принцип. Инсистираме, реформите во судскиот систем, да бидат коренити. Политичките партии мора да ги тргнат рацете од Републичкиот судски совет, од судиите. Републичкиот судски совет не смее да биде политички инструмент при изборот и разрешување на судиите и инструмент за притисок над судиите.

Состојбите во медиумите ги оценуваме како загрижувачки. Тие сеуште се под силно политичко и олигархиско влијание. Нивните сопственици имаат целосна контрола врз нивната уредувачка политика, (зло) употребувајќи ги за сопствени лукративни и политички цели. Преку медиумите во Република Македонија тешко се доаѓа до фактите и вистината.

Нашата држава не може да се развива без професионално и етичко новинарство, без медиуми независни од центрите на политичка моќ, и со програми што ги уважуваат слободата и плурализамот на мислење.

Демократскиот сојуз ги разбира и ги поддржува иницијативите на асоцијациите на новинарите за декриминализација на клеветата и навредата, но истовремено инсистира на почитување и заштита на вистината и човековото достоинство.

Во целост ги поддржуваме и барањата на синдикатот за економска независност на новинарите, како гаранција за нивната професионалност.

Почитувани делегати,

Демократскиот сојуз е за промени во економските политики.

Знам дека на економски план е направено многу, намален е ДДВ, воведен е рамен данок, отворени се безцарински и технолошко развојни зони, пратени се економски промотори во странство, владини тимови посетија повеќе држави, но и по дваесет години не можеме да бидеме задоволни.

Досегашните заложби не ги дадоа очекуваните резултати на економски и социјален прогрес, со сигурна и стабилна правна држава.

Ни требаат нови фабрики, нови производствени погони.

Потребна е нова економска стратегија, која ќе се потпира на рамноправност на домашниот капитал, со странските инвеститори.

Ни треба Програма за НОВИ РАБОТНИ МЕСТА, ни требаат услови за младите да останат и да создаваат овде, во Македонија.

Треба да ги искористиме природните услови, искуството и стручниот работен потенцијал, за производство на здрава храна.

Од многуте проекти, сакам посебно да го нагласам проектот "Вардарска долина", капитална и долгорочна инвестиција, кој е од огромна важност за развој на земјоделието во Македонија.

Овој проект ќе ја раздвижи градежната оператива, но и со неговата имплементација ќе се обезбеди работа за неколку десетици илјади граѓани и девизен прилив од над 2 милијарди евра годишно.

Во амбиент на светска економска и финансиска криза, напоредно со мерките за амортизирање на негативните ефекти врз нашата економија, Демократскиот сојуз се залага и за социјална политика која што ќе биде во функција на заштита на најсиромашните и социјално загрозените слоеви.

Јавната администрација е постојано предмет на анализирање и реформирање, но таа станува се погломазна, неефикасна и место за згрижување на партиските кадри. Администрацијата, стана недостапна за квалитетни, стручни и млади кадри.

Почитувани,

Направени се крупни реформи во образованието, во здравството, во културата, во спортот. Тоа е добро, но овие реформи се соочуваат и со отпори. Образованието е најдобрата инвестиција, а здравјето на луѓето треба да биде на прво место. За секој граѓанин мора да биде достапна врвната здравствена заштита.

Почитувани,

Не можеме да зборуваме за реформи, за економски развој, ако не ја продолжиме борбата против организираниот криминал и корупцијата. Криминалот разорно дејствува на институциите. Отворена е “војна против криминалот“, но далеку сме од тоа да констатираме дека државата е декриминализирана.

Демократскиот сојуз, подготви многу проекти: за развој на земјоделието, за развој на информатиката, сексуалното воспитување, и многу други. Но еден од најбитните беше проектот “ ДЕКРИ “, кој никогаш не беше имплементиран во целина.

Сакам од ова место да порачам, дека без заокружен и ефикасен систем за борба против организираниот криминал и корупцијата, нема развој, нема движење напред.

Се додека криминалот се третира како “вредносна категорија“, како начин да се стекне капитал, се дотогаш ќе талкаме низ овие немирни балкански води.

Со криминалот , со ова зло, мораме да се справиме.

Демократскиот сојуз, постојано ги следи актуелните политички, економски и меѓуетнички состојби и односи.

За Демократскиот сојуз, врвен национален, државен, долгорочен стратешки интерес е Република Македонија да стане полноправна членка на НАТО и ЕУ.

Македонија е земја со статус кандидат за членство во ЕУ.

Македонија успешно ја конципираше и организираше одбраната и ги исполни строгите критериуми за полноправно членство во НАТО.

Овие евро - атлански интегративни процеси се движечка сила. Меѓутоа поради спротивставувањето на Грција, овие процеси се во застој. Доколку не беше ветото во Букурешт, Македонија ќе беше во НАТО, а повеќе од сигурно е дека, неколку години ќе бевме членка и на ЕУ.

Да Ве потсетам дека претпристапниот дијалог, кој што беше инициран од страна на Демократскиот сојуз во Собранието на Република Македонија, é реална основа за неформално отворање на поглавјата за евро интеграција на Република Македонија.

Почитувани делегати,

Македонија се соочува со огромен предизвик, како да се разреши наметнатиот спор од страна на Грција.

Но повеќе од јасно é, дека за ова е потребно лидерство, потребно е да се преземе одговорноста, за иднината на државата.

Сосема е јасно, дека таква одговорност не може да превземе поединец или партија, за тоа е потребна силна и јасно искажана поддршка од граѓаните.

Демократскиот сојуз, предлага да се одржи КОНСУЛТАТИВЕН РЕФЕРЕНДУМ на кој граѓаните ќе се изјаснат дали се за компромис, со цел Македонија да стане членка на НАТО и Европската Унија.

Таквото изјаснување ќе го охрабри и ќе му даде мандат на државното раководство, побрзо, посуштински и со директен легитимитет да се вклучи во разговорите и да пронајде прифатливо решение.

Но, од ова место, сакам јасно и гласно да порачам, дека никој нема мандат да преговара за нашиот национален идентитет, за македонскиот јазик, никој не може да преговара и да прифати промена на Уставот на Република Македонија.

Стратегијата на ДС за фазно решавање на спорот доби меѓународна поддршка.

Предлагаме оваа стратегија да биде основа за градење на државен консензус, односно “сојуз на сите политички сили, граѓанството и невладините организации“ за разрешување на спорот со Грција. Нашите сојузници во НАТО треба да го уважат активното учество во мировните мисии.

Почитувани делегати,

Дозволете да нагласам некои од нашите приоритети, кои се поврзани со евро - интеграциските процеси.

За Демократскиот сојуз се врвни четири приоритети:

Прво, владеење на правото и правната држава, што подразбира натамошните реформи на правосудниот систем;

Второ, јакнење на капацитетите на државата преку изградба на мала, стручна и професионална администрација;

Трето, неселективност во борбата против организираниот криминал и корупцијата, и

Четврто, темелни реформи на медиумите, со цел да се обезбеди слобода на печатот и слобода на изразувањето, а граѓаните - јавноста да се етаблираат како четврта власт.

Почитувани,

Последните два месеци има обиди да се нарушат меѓуетничките односи, мирот и стабилноста во државата.

Одговорност имаат сите, но најголема одговорност носиме партиите кои сме на власт.

Сите ние, да говориме со јазикот на нашето традиционално верско и етничко почитување.

Само политиките кои се одраз на реалните состојби и потреби во државата, се гаранција за мирот, соживотот и меѓуетничката толеранција.

Овде сакам јасно и гласно да изјавам дека не постојат заговори против Македонија, не постојат сценарија за уништување на Република Македонија.

Тие што го плашат народот, можеби посакуваат или се креатори на таквите сценарија.

Македонија е самостојна, суверена и независна држава.

Македонија ќе опстои.

Никој не може да ја урне Македонија.

Почитувани,

Демократскиот сојуз, повеќе од шест години дејствува заедно со партиите од „Коалицијата за подобра Македонија“, предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Од 2005 година оваа коалиција победува. Наша определба е таа соработка, на принципиелни основи да продолжи.

Пред нас се локални, претседателски и парламентарни избори. Сигурен сум дека и натаму ќе ја имаме поддршката од граѓаните и ќе победуваме.

Демократскиот сојуз и натаму не нуди милијарди.

Демократскиот сојуз има позитивна енергија и човечки ресурси.

Демократскиот сојуз е отворен за нови идеи, млади креативни и способни кадри.

Она, што Демократскиот сојуз, го нуди е нашата чесност, знаењето, посветеноста и политичката одговорност.

Демократскиот сојуз ќе направи сé граѓаните да се чувствуваат горди и достоинствени, сигурни со демократски институции и заштита на нивните слободи и права.

Демократскиот сојуз верува дека секој поединец и секој граѓанин може да направи повеќе, ако се охрабри и поддржи.

Ние во Демократскиот сојуз веруваме дека МОЖЕМЕ и ќе направиме ПОВЕЌЕ.

Ќе направиме се во Македонија да се живее добро,

Македонија да биде модерна - европска држава.

Да живее Демократскиот сојуз!
Да живее Република Македонија!
Да сте живи и здрави сите.

Благодарам на вниманието.

Последни Активности

1.11.2012

КАНДИДАТИ ЗА ГРАДОНАЧАЛНИЦИ НА ДЕМОКРАТСКИ СОЈУЗ:

1. Радовиш

Страхил Гавритов, електро инженер, вработен во ЈП Плаваја-Радовиш.

2. Неготино

Ванчо Петров, професор во Гимназијата во Неготино...

прочитај повеќе...



13.11.2012

Трајанов - Историски момент за компромис со Грција

Очекувам да се дојде до некаков компромис, но тоа пред сè ќе зависи од внатрешното единство, од тоа дали Република Македонија ќе изгради единствена политика околу ова прашање, вели Павле Трајанов, водачот на македонската парламентарна делегација на Заседанието на Асамблеата на НАТО во Прага.

прочитај повеќе...

19.11.2012

ОПШТИНСКАТА ОРГАНИЗАЦИЈА НА ДС - КОЧАНИ ИЗБРА НОВ ПРЕТСЕДАТЕЛ

„ Потекнувам од работничко семејство, во партијата влегов поради чесноста, потенцијалите, политичката одговорност и пред се поради политичката иднина, којa ја гледам во Демократски сојуз “... 

прочитај повеќе...

14.01.2013

Kако до нови работни места?

Демократскиот сојуз, заедно со граѓаните ќе работи на градење на Програма за отворање на нови работни места , развој на економијата и унапредување на животниот стандард на граѓаните.

прочитај повеќе...

18.03.2012

ОБРАЌАЊЕ НА ПАВЛЕ ТРАЈАНОВ НА IV-ОТ КОНГРЕС НА ДЕМОКРАТСКИОТ СОЈУЗ

Почитувани делегати, гости, драги пријатели, екселенции, претставници на медиумите, сакам да Ве поздравам и да посакам успешна работа на Конгресот. Демократскиот сојуз е партија која постојано бранува, партија која го слуша гласот на граѓаните. Силата на Демократскиот сојуз, произлегува од нашите принципиелни заложби...

прочитај повеќе...
partners partners partners partners partners partners