Демократски сојуз




ПЛАТФОРМА

за дејствување на Демократскиот сојуз

МОЖЕМЕ ПОВЕЌЕ

 

Четвртиот конгрес на Демократскиот сојуз е настан на кој имаме можност заедно да фрлиме поглед наназад, но и напред: време на критичка оценка на изминатите дваесеттина години, но и можност за антиципација на иднината.

Република Македонија веќе подолго од дваесет години се гради како самостојна, суверена, независна и демократска држава, обидувајќи се да воспостави владеење на правото, пазарна економија, слобода на говорот и афирмирање на основните човекови права и слободи.

Спроведени се или се во тек низа реформи. Зајакнат е капацитетот на демократските институции. Во многу области постигнати се забележителни  резултати. Сведоци сме на сериозни промени во свеста на граѓаните за улогата на државата. Од неа се очекува и бара да овозможи еднакви шанси за сите, а не да одлучува за сé, па и „да обезбедува работни места“, да вработува и сл.

Република Македонија ги исполни строгите критериуми во сферата на одбраната, како предуслов за полноправно членство во НАТО, но поради спротивставувањето на Грција, не ја доби поканата на НАТО самитот во Букурешт од 2008 година. И по вториот позитивен извештај на Европската комисија, не добивме датум за почеток на преговорите за членство во Европската унија. Единствената причина за блокираните евро-атлантски интеграции е неразрешениот спор за името со Грција. Одложените евро-интеграциските процеси, се разбира, имаат негативен одраз на економски, но и на безбедносен план, во рамките на регионот.  

По 12 годишно постоење на македонската политичка сцена,  Демократскиот сојуз е не само препознатлив, туку и респектиран политички субјект, пред сé поради јасните политички ставови, автентичните идеи, како и храбрите иницијативи и предлози за решавање  на сложените и затворање на отворените прашања во државата.

Пред нас е предизвикот да ги насочиме и динамизираме активностите во правец на натамошен демократски и економски развој на државата, афирмирање и имплементирање на европските стандарди и вредности во заштитата  на човековите права, владеењето на правото, независноста на судството, јакнењето на цивилното општество.

Наша цврста определба е да се бориме против партизацијата и политизацијата на судството, државната и јавна администрација, културата, образованието, здравството, медиумите и спортот.

Демократскиот сојуз на Република Македонија гледа како на држава  во која „сите граѓани се еднакви пред законот“, држава во која процесот на одлучување се одвива во легалните и легитимни институции, држава на одговорни лидери и   политичари, способни за компромис и консенсус за прашања од национален интерес, држава отворена кон соседите, регионот, Европа и светот.  

На овој конгрес, како и на трите претходни, нагласуваме дека за Демократскиот сојуз, беа и останаа врвни приоритети: влезот  во НАТО и во Европската Унија.

Овие стратешки цели не се само наши. Тие ја имаат силната и недвосмислена поддршка на најголемиот број граѓани и политички партии. Се разбира,  воочлив е отворениот или прикриен отпор на одделни структури, со монополски и доминантни позиции во различни сектори на општествениот живот, вклучувајќи ги и бизнисот и медиумите, а особено на оние со коруптивно и криминално однесување, на кои не им одговараат високите европски стандарди на законско, транспарентно и одговорно работење.  

Европските стандарди во македонската одбрана се condition sine qua non за влез во НАТО. Република Македонија беше и остана посветена на реформите. Се работи за за процес на континуирано следење на реформските зафати  во НАТО, како гаранција дека по разрешувањето на спорот со Грција, подготвени и компатибилни ќе влеземе во него.

Република Македонија треба да продолжи со активната партиципација во меѓународните мировни мисии, докажувајќи се како de facto член на НАТО и   да ја прошири и продлабочи соработката со стратешките партнери, пред сé со САД, ЕУ и со НАТО.

Убедени сме и веруваме дека приемот на Република Македонија во НАТО ќе ги зголеми нашите шанси за побрзо интегрирање во ЕУ, односно започнување и завршување на пристапните преговори за влез во ЕУ.

Да потсетиме дека претпристапниот дијалог, кој што беше инициран од страна на Демократскиот сојуз во Собранието на Република Македонија е реална основа за неформално отворање на поглавијата за евро интеграција на Република Македонија.

Демократскиот сојуз ги повикува Владата, Собранието на Република Македонија и  другите државни институции, како и партиите и невладиниот сектор  на вложување заеднички напори за унапредување  на состојбите во :

- правосудниот систем,

- администрацијата,

- борбата против организираниот криминал,

- медиумите.

Неспорни се реформите во правосудниот систем, насочени кон креирање системски решенија, како гаранција за неговата самостојност и независност. Но, судската пракса е се уште обременета со низа проблеми, пропусти и недоследности. Реформите на кривичната постапка се уште се во подготвителна фаза и треба да продолжат. Нивната избрзана имплементација може да внесе конфузија во односите меѓу овластените субјекти, на штета на правата на граѓаните.

Судовите и натаму се под силно политичко влијание. Републичкиот судски совет, стана силен политички инструмент за избор и разрешување на судиите, но и институција преку која не ретко препознаваме политичко и партиско влијание, кое се пренесува и одразува не само врз изборот на судиите, (не)квалитетот на избраните, туку и низ процесот на судење и одлучување.

Ваквата состојба е загрижувачка и бара дополнителни промени, со кои ќе се  обезбеди самостојноста и независноста на судската власт. Без нив, владеењето  на правото и правната држава  се уште се посакувани цели, а не македонска реалност.

Администрацијата е гломазна, нестручна и неефикасна. Во неа се регрутираат  партиски кадри, врз основа на “spoils” системот, наместо врз “merit” критериумите.   Најкомпетитивните млади и образовани кадри, со дипломи стекнати на престижни универзитети, со меѓународно признато знаење и  комјутерски вештини, со активно познавање на повеќе странски јазици ја напуштаат земјата, раководени од максимата “ubi bene ibi patria”, соочени со затворени врати и принудени на “ brain drain”. Република Македонија ќе се соочи со потребата од европски профил на администрација во моментот на почетокот на преговорите за поглавјата. Тогаш ќе се види немоќта на армијата вработени, кои што не си ја знаат работата за која се платени и не се раководени од етичкиот кодекс на однесување. Партиските војници и поданици и се лојални на партијата која што ги вработила, а не на Законот и граѓаните, на кои треба да им служат.

Македонија мора да вгради во својата регулатива и да применува во пракса европски критериуми за прием и унапредување во јавната и државната администрација, затоа што таа е костурот на државата и моторот на реформите.

Пред дваесет години, процесот на демократска транзиција и консолидација ја наметна потребата од приватизација на државниот капитал. Не можеме,  а да не потсетиме уште еднаш на „законските решенија“ од деведесеттите кои што овозможија легализација на  криминалот, уривајќи ја економската основа на државата. Со криминалната и неправедна приватизација направен е грабеж од над 5 милијарди евра, од една страна и криминализација на државата, од друга. Криминалот стана „морална  категорија“, а не зло кое генерира нестабилност и неоправдани социјални разлики, кое што треба(ше) да се санкционира.

Во 2006 година му објавивме војна на организираниот криминал. Во досегашната битка се постигнати значајни резултати, но, далеку сме од целосно искоренување на организираниот криминал и декриминализацијата  на државата.

Демократскиот сојуз верува и стои цврсто на определбата дека на Република Македонија и треба „заокружен и ефикасен систем за борба против организираниот криминал и корупцијата, односно опстојува на потребата и барањето од целосна имплементација на „Проектот за декриминализација“-ДЕКРИ.

Состојбата во и со медиумите ја оценуваме како загрижувачка. Тие се уште се под силно политичко и олигархиско влијание. Нивните сопственици имаат целосна контрола врз нивната уредувачка политика, (зло) употребувајќи ги за сопствени лукративни и политички цели, а не за објективно информирање на граѓаните за настаните кои што ги засегаат.  Преку медиумите во Република Македонија тешко се доаѓа до фактите и вистината. Нужни се темелни промени во медиумската сфера.  Нашата држава не може да биде развиена европска демократија без самостојни и независни медиуми, како „ куче-чувар“ и беспоштеден критичар на неповолните општествени состојби и појави.

Демократскиот сојуз ги разбира и поддржува иницијативите на асоцијациите на новинарите за декриминализација на клеветата и навредата, но истовремено инсистира на почитување и заштита на  вистината и човековото достоинство, на интегритетот  и дигнитетот на човекот, без оглед на расна, етничка, родова, верска, социјална, социјална или сексуална припадност.

Демократскиот сојуз смета дека деблокирањето на евро-интеграциските процеси, бара од сите партии да преземат дел од одговорноста за надминување на спорот со Грција за нашето име - Република Македонија!

Преземајќи дел од одговорноста, Демократскиот сојуз предлага фазно (етапно) решавање на истиот. Платформата за решавање на спорот со името, подготвена од Демократскиот сојуз, предлагаме да биде основа врз која ќе се (из)гради државен консензус, односно „сојуз на сите политички сили“ во државата, со што ќе се надминат непроценливите негативни импликации за севкупниот развој на Република Македонија, за добрососедските односи, како и за стабилноста на Балканот во целина.

Демократскиот сојуз, исто така, цени дека треба да изградиме Стратегија за побрз  економски развој, како и Програма за отворање на НОВИ РАБОТНИ МЕСТА, заради подобрување на животниот стандард и создавање можности младите кадри да останат да работат, создаваат и творат во Македонија. Мора да ја зголемиме  продуктивната вработеност и да ја подобриме социјалната положба на граѓаните.  Во овој правец, треба да продолжат започнатите реформи, кои што од Македонија ќе направат посакувана и сигурна дестинација за инвестирање, ќе овозможат отворање на нови производствени капацитети и работни места, ќе го забрзаат развојот  на туризмот и земјоделието.

Демократскиот сојуз се залага за проектот „Вардарска долина“, со чија реализација ќе започне нов и сигурен развоен циклус, вклучување на градежните потенцијали, како и создавање услови за развој на земјоделието и вработување на над 100 илјади граѓани.

Во амбиент на светска економска и финансиска криза, која што не ја одмина ни Еврозоната, напоредно со мерките за амортизирање на нејзините негативни ефекти врз нашата економија, Демократскиот сојуз се залага за социјална политика која што ќе биде во функција на заштита на  најсиромашните и социјално загрозените слоеви, во духот на уставната определба за Република Македонија како социјална држава.

Преку организирање на кампањи и информирање на граѓаните ќе се обидеме да влијаеме врз нивната свест, особено на младите генерации за да им објасниме  дека државата е најлошиот стопанственик и претприемач и дека секој треба да размислува за сопствен бизнис. Претприемаштвото, знаењето, компетитивноста и храброста се основа за динамичен економски развој.

Демократскиот сојуз ќе инсистира да се донесе Државна програма за превенција од енергетската криза, заради избегнување на можните последици по македонското стопанство и граѓаните. Се залагаме за градење нови енергетски капацитети, користење на обновливите извори на енергија, но и за макотрпна работа за создавање навика за штедење.

Демократскиот сојуз во своите активности и натаму ќе ја афирмира потребата за заштита на средината во која живееме и работиме, обнова и зголемување на шумските комплекси, заштита на водните ресурси и поттикнување на руралниот развој. Водните ресурси се од огромно значење за сегашноста и иднината на Македонија и затоа треба да креираме посебна стратегија и програма за нивно користење и заштита од загадување.

Реформите и европеизацијата на образованието и едукацијата на младите е најисплатливата инвестиција во секое општество, па и во македонското. Во оваа насока, се залагаме во образованието да се внесат новини, врз основа на домашните и странски позитивни искуства, но пред се, ќе се залагаме учениците да се стекнуваат со широки и продлабочени знаења, да ги усовршуваат компјутерските техники, да изучуваат странски јазици. Плод на ваквото образование ќе биде европски профил на ученици и студенти, компатибилен и компетитивен со оној во земјите на ЕУ, кон која чекориме и пред чии порти сме.

Широките знаења се добра основа за специјализација во различни области, како битен предуслов за постигнување на врвни резултати во науката, економијата и воведувањето нови технологии во производството.

И во здравството се неопходни темелни реформи, во функција на подобра и поефикасна здравствена заштита на сите граѓани без оглед на нивната етничка, верска, социјална, родова, или сексуална припадност. Лекарската професија мора да биде соодветно респектирана и вреднувана, а лекарите мора да се раководат од Хипократовата заклетва и од високите етички начела при нејзиното вршење.

Демократскиот сојуз се залага за реформи и во бројни други области на македонскиот општествен живот, во духот на Програмските определби, според кои „само со посветеност и работа МОЖЕМЕ да постигнеме ПОВЕЌЕ“

*   *  *

Демократскиот сојуз мора да обезбеди посилно влијание врз процесот на одлучување, особено кога е во прашање донесувањето на стратешки одлуки, одлуки врзани за  националните и државни интереси.

За оваа цел,  тој и самиот треба да се реформира. Неопходни ни се внатрешни организациони промени, како и кадровско зајакнување на Демократскиот сојуз.

Кадровската обнова на раководствата, на сите нивоа и создавањето специјализирани тимови на централно и локално ниво ќе отворат простор за  поефикасно справување со предизвиците со кои се соочува Република Македонија.

Демократскиот сојуз е отворен за нови, млади и креативни личности, но не ја затвора вратата ниту за искусните кадри.

Демократскиот сојуз има потреба од промени во стратегијата на своето дејствување, со цел да ги доближи своите Програмски определби до граѓаните, заради  добивање и зајакнување на нивната доверба и поддршка, од една страна и црпење на нивните идеи, забелешки и критики, од друга.

Во оваа насока, треба да ги користиме сите можности за промоција на програмските определби на ДС.

Презентацијата на Демократскиот сојуз во пошироката јавност бараат вклучување на нови членови и симпатизери, кои ќе ги презентираат и бранат нашите основни идеолошки определби преку: учество на ТВ и радио дебати, интервјуа и коментари на актуелни домашни и меѓународни настани. Мора целосно да се мобилизираме  за непосредна комуникација со граѓаните преку: организирање трибини и средби со нив, интернет комуникација за важни прашања и проблеми, делење на флаери, посета на фамилии (face to face контакти) и други форми на доближување и анимирање на граѓаните.

Интернетот треба да стане најсилното комуникациско оружје на Демократскиот сојуз.

Демократскиот сојуз и натаму ќе ги афирмира чесноста, знаењето и одговорноста, како битни предуслови за вршење на политичката и другите функции, како и за севкупен развој и чекорење напред.

Демократскиот сојуз е партија која верува во себе и во својата политичка мисија.

Демократскиот сојуз е партија која ги почитува своите членови и симпатизери.

Демократскиот сојуз верува дека секој поединец и секој граѓанин може да направи повеќе, ако се охрабри и подржи.

Демократскиот сојуз стори многу во текот на своето постоење.

Но, ние веруваме дека заедно „ МОЖЕМЕ ПОВЕЌЕ“.

Демократскиот сојуз МОЖЕ и ќе направи ПОВЕЌЕ. Тоа е нашиот слоган за времето што доаѓа!



Последни Активности

22.08.2017

ДЕМОКРАТСКИ СОЈУЗ: ЗАШТИТА НА НАЦИОНАЛНИТЕ ИНТЕРЕСИ

Демократскиот сојуз смета дека повлекувањето на персоналот од амбасадата на Република Србија е сценарио за дестабилизација на Балканот од пошироки размери, каде се испреплетуваат геостратешки интереси на повеќе центри на моќ.

прочитај повеќе...

17.08.2017

ДЕМОКРАТСКИ СОЈУЗ: ЧЕСТИТКА ДО АРМ

Демократскиот сојуз на припадниците на АРМ, им го честита "18-ти Август", Денот на Армијата на Република Македонија.

прочитај повеќе...

12.08.2016 

Демократски сојуз: Блокада на Македонија

Демократскиот сојуз оценува дека раководството на ВМРО-ДПМНЕ со опструкциите врши класична блокада на реформите...

прочитај повеќе...

02.08.2017

ДЕМОКРАТСКИ СОЈУЗ: ЧЕСТИТ ПРАЗНИК

Демократскиот сојуз, на сите граѓани на Република Македонија, им го честита Илинден, најголемиот двоен празник на македонскиот народ и сите граѓани без разлика на националната и верска припадност.

прочитај повеќе...

27.07.2017

ДЕМОКРАТСКИ СОЈУЗ: АПСУРДНОСТА НА СУДСКАТА ЛОГИКА ЗА ПРИТВОР

Демократскиот сојуз укажува на апсурдноста на логиката на судовите, извршувањето на одлуките за притвор да ги одлага по поднесена жалба.

прочитај повеќе...
partners partners partners partners partners partners