25.08.2021
Заменик министерот Зоран Димитровски на Конгресот градови пријатели на младите во Анкара
Заменик министерот за локална самоуправа Зоран Димитровски на покана на Сојузот на општините на Турција и Министерството за млади и спорт на Република Турција, денеска учествуваше во дебатата „Националните политики и младите“ на „Конгресот и изложбата на градови пријатели на младите“ (Youth Friendly Cities Congress and Exhibition) во Анкара, Турција.
Димитровски и се заблагодари на Владата и претседателот на Република Турција за негувањето пријателски односи со Македонија, за помошта и поддршката што тие и ја даваат на нашата држава, при што ја потенцираше потребата од поголемо учество на младите во процесот на донесување одлуки.- Не можеме да ги решиме проблемите на современото општество без младите луѓе да добијат соодветна позиција и моќ.
Најголемите проблеми со кои се соочува светот денес – климатските промени, шумските пожари, загадувањето на животната средина, недостатоците од чиста вода за пиење и храна... сето тоа ќе го загрозува животот на идните генерации.
Ние, постарите, сме одговорни за тие последици. Младите луѓе не направија ништо лошо за да си ја уништат својата иднина. Токму затоа мора да им дадеме повеќе простор самите да си ја креираат и обликуваат, рече Димитровски.
Во дебатата во која учествуваа министерот за млади и спорт на Република Турција, како и турските заменици министри за надворешни работи, за култура, за образование, Димитровски зборуваше за македонското искуство и владините политики за младите.
- Младите луѓе во РС Македонија и генерално на Балканот се соочуваат со огромни проблеми - недостиг на работни места, особено на добро платени работни места, ограничени професионални и образовни можности, раширена корупција и заробена држава од политичките партии, деградирана животна средина во градовите и општините, можности за напредување во кариерата само преку членство во политичките партии...
Сето ова ги принудува младите да бараат подобра иднина во странство, пред се во земјите на Европската унија... Затоа, примарна задача на македонската влада е да почне да ја враќа довербата на младите дека тие ќе можат да креираат извесна и сигурна иднина во својата сопствена земја. Нашата цел е да спроведеме таргетирани политики за да ја зголемиме вработеноста, рече заменик министерот.
Димитровски зборуваше за повеќе владини мерки наменети за младите, Младинската гаранција, како европски механизам за вработување на младите кој е воведен во Македонија, и преку кој во 2020 г. се опфатени 25.000 млади луѓе, за дуалното образование кое овозможува вработување на младите веднаш по завршување на средното образование, за помошта што ја добиваат младите земјоделци од 20.000 евра за производство на земјоделски продукти конкурентни на европскиот пазар, за ваучерите за дигитални обуки за младите во време на Ковид-19 кризата, обуките за занаети и професии кои недостигаат на пазарот на трудот, за стипендиите и трошоците за школарина што се покриваат од буџетот на државата итн.
На Конгресот кој вчера беше свечено отворен во Анкара, се обрати и претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, а неколку десетици млади од Турција добија награди за посебни достигнувања во науката, спортот, културата, образованието. Беа наградени и голем број градоначалници на општини од цела Турција за спроведувањето проекти од кои најголем бенефит имаат младите.
Делегацијата од Министерството за локална самоуправа на Македонија заедно со претставници од скопската општина Аеродром, беа единствените странски гости на Конгресот, покрај претставниците од туркофонските републики Азербејџан и Северен Кипар, што говори за особено пријателските односи кои Република Турција ги негува кон нашата држава и нашиот народ.