28.03.2022
ЗАМЕНИК МИНИСТЕРОТ ЗА ЛОКАЛНА САМОУПРАВА ДИМИТРОВСКИ ГО ПРЕЗЕНТИРАШЕ ВТОРИОТ ПОВИК ОД ИПА ПРОГРАМАТА ЗА ПРЕКУГРАНИЧНА СОРАБОТКА СО СРБИЈА ВО ВРЕДНОСТ ОД 1,9 МИЛИОНИ ЕВРА
Заменик министерот за локална самоуправа на Република Северна Македонија Зоран Димитровски и помошник министерот за евроинтеграции на Република Србија, Михаило Дашиќ, денес го презентираа вториот повик за предлози за Програмата за прекугранична соработка Србија – Северна Македонија, финансирана со средства на Европската Унија и национално кофинансирање преку Министерството за локална самоуправа од 15 отсто. - Главната цел на програмата е да ги зајакне добрососедските односи, да воспостави партнерства и да придонесе за развој на енергична програмска област преку поврзување на нејзините луѓе и ресурси на одржлив начин.
Вториот јавен повик е можност да аплицираат сите непрофитни субјекти од пограничниот регион и очекуваме преку воспоставени партнерства да аплицираaт со квалитетни и со оддржливи проекти кои што ќе го подобрат животот на граѓаните и ќе отворат нови можности за развој на регионот, истакна Димитровски во своето обраќање. Програмата за прекугранична соработка Северна Македонија-Србија е една од осумте програми за прекугранична и транснационална соработка што се спроведуваат во нашата земја со соседните земји и ја координира Министерството за локална самоуправа. Вториот повик за прекугранична соработка со Република Србија, беше отворен на 10 март годинава, а рокот за поднесување проекти е 8 јуни 2022 година.
Средствата наменети за овој повик изнесуваат речиси 1,9 милиони евра, а основните приоритети на повикот се: промоција на вработување, мобилност на трудот и прекугранична социјална и културна инклузија како и промоција на туризмот и културното и природното наследство. Сите дополнителни информации се достапни на веб-страницата на Програмата: www.eu.rs-mk.org како и на Министерството за локална самоуправа www.mls.gov.mk. Настанот беше во живо пренесуван преку livestream на официјалниот YouTube профил на Министерството за евроинтеграции на Република Србија.