7.6.2023
Во Собранието почна расправата по измените и дополнувањата на Изборниот законик
Собранието попладнево продолжи со работа по 41. седница, на која ја почна расправата по Предлог законот за изменување и дополнување на Изборниот законик, предложен од пратениците Павле Трајанов, Моника, Зајкова, Димитар Апасиев, Маја Морачанин, Боби Мосјоски, Љупчо Балкоски, Панчо Минов и Борислав Крмов.
Пратеникот на Демократски сојуз и предлагач на измените и дополнувањата на Изборниот закон, Павле Трајанов истакна дека суштинска промена на овие измени да се направи е државата да биде една изборна единица, да остане пропорционалниот модел, да нема изборен праг или изборниот праг да се формира по природен пат зависно од тоа колку гласачи ќе излезат и тие да се поделат на 120 пратенички места. Потенцира дека тие бараат сите политички партии да имаат еднакви шанси, но за тоа, како што рече, сите треба да имаат исти стартни услови.
Смета дека со овие промени ќе имаме силен и отворен процес на демократизација на државата, затоа што, како што рече, зависно од изборните правила, резултатите од изборите ќе се отсликаат на вкупниот систем во државата и на вкупниот амбиент. Со овие промени, Трајанов истакна дека помалите политички партии и независни пратеници ќе можат да дејствуваат при носење на круцијални одлуки, посебно сврзани со стратешките национални интереси и нема да има компромиси кои ќе бидат на штета на граѓаните и во целина на државата.
Извор