03.12.12
Демократски сојуз одржа трибина во Неготино
На 30 ноември (петок) 2012 година, во Неготино, во организација на Демократскиот сојуз се одржа трибина на која присуствуваа голем број на граѓани кои покренаа бројни иницијативи и поставија повеќе прашања, пред се сврзани со разрешување на проблемите со невработеноста, отварање на породилен дом во Неготино, овозможување на кандидатите за возачи да полагаат во Неготино, загриженоста од можното загадување поради изградбата на регионална депонија и индустриски капацитети од тешката индустрија, можното загадување од полигонот Криволак, криминалот и сл.
На трибината претседателот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, говореше за актуелните политички состојби, како и за претстојните локални избори „март 2013 година“.
Трајанов нагласи дека Демократскиот сојуз се залага за сеопфатна програма за отварање на нови работни места, енергична борба против организираниот криминал и корупцијата, како и за продолжување на реформите битни за јакнење на демократските капацитети на државата, владеење на правото и правдата.
Говорејќи за евро-атланските интеграции Трајанов рече дека: Наш врвен, национален и стратешки интерес е полноправно членство во НАТО И Европската унија, за што има и политички и граѓански консензус.
Трајанов потенцираше дека на 10-ти декември, Советот на Европската Унија, треба да донесе одлука за започнување на преговори со ЕУ, за приклучување на Република Македонија кон ЕУ, без било какви дополнителни условувања.
Според Трајанов сосема се оправдани очекувањата на граѓаните дека на 10-ти декември треба да се случи пресврт. Во спротивно, Република Македонија ќе биде исправена пред две можни опции:
Прво, да продолжиме со реформите и со конструктивен пристап кон разрешување на спорот наметнат од Грција, околу разликите за нашето уставно име, или
Второ, Република Македонија, сосема јасно и гласно да соопшти дека не е подготвена да го менува уставното име на државата, а одлуката е на НАТО и ЕУ, дали ќе не интегрираат во овие асоцијации или не.
Претседателот Павле Трајанов, истакна дека ДС се подготвува за претстојните локални избори и разговорите за заеднички настап со ВМРО-ДПМНЕ се во тек.