08.01.13
Соочување со предизвиците
Демократскиот сојуз ги повикува сите политички партии на дијалог, обединување и градење на консензус заради иднината на Република Македонија.
Оваа година се наполнуваат 100 години од Букурешкиот договор со кој Македонија и македонскиот народ беа поделени на три дела, меѓудругото и како резултат на немање единство и лидерство кое ќе ги препознае националните интереси на македонскиот народ во тоа време.
Сите лидери и партии, мора да преземат дел од одговорноста за надминување на предизвиците со кои се соочуваме.
Иднината на нашата држава зависи од тоа дали имаме капацитет, но и политичка зрелост, одговорност и разумност да ги разрешуваме стратешките проблеми пред кои сме исправени. Во годината пред нас ќе се соочиме со крупни проблеми на економски план, како и на патот на европските интеграции.
Затоа Демократскиот сојуз повикува на политички дијалог за:
- да продолжи со работа законодавниот дом во полн состав.
- да се дефинираат приоритетите за обезбедување на одржлив економски развој и макроекономска стабилност.
- да се усвои Стратегија за деблокирање на евроинтеграциските процеси, јакнење на демократските институции и слобода на говорот.
- да се усвои заедничка Платформа за надминување на спорот со Република Грција.
- да се донесе Програма за приоритетите сврзани со националната безбедност и борбата против организираниот криминал.
Демократскиот сојуз предлага одржување на лидерска средба на која ќе се разговара за сите овие и други битни прашања и за истите да се постигне консензус.