ПРИПАЗИ МАЛКУ НА ТОА РЕЧНИКОТ!

11.04.2013

ПРИПАЗИ МАЛКУ НА ТОА РЕЧНИКОТ!

од Братислав Димитров

Дали ние воопшто некогаш чувствуваме каква било одговорност за нашите јавно (и приватно) изговорени зборови? Чувствуваме. Исто толку, колку што нилските коњи ја чувствуваат "романескната граѓа" на Чаробниот брег, од Томас Ман. Ете, за тоа се раскажува во оваа колумна. "Ме уби пресилниот збор" ("Уби ме прејака реч") - прошепотил тажно во една пуста и скомињава ноќ славниот српски поет Бранко Миљковиќ и засекогаш исчезнал во устата на темнината. Која била причината за неговото самоубиство? Неговите дваесет и седум години биле ситен залак за вековната традиција на балканската паланка. Неговата положба, глинен гулаб на вашарско стрелиште. Таква е историјата. Кај некои народи постојано доцни. Додека во Европа маткале нешто со тие нивни "импресионизми", "експресионизми", "хуманизми и ренесанси", ние (“на нашиве простори!") сме засукале ракавчиња и темелно сме негувале традиција. Трудот и ден денес ни се исплатува.

Во истиот момент кога некој нашинец ќе надвиси маалска тараба во метафоричка (и буквална) смисла, љубителите на класичните вредности почнуваат со својата творечка дејност. Прво, нашинецот го прогласуваат за неталентиран, после за педер, а на крајот молат бога да го згази воз! Во случаи кога овие традиционални "иљачи" не ги даваат посакуваните ефекти, се активираат многуте резервни варијанти и подваријанти на истата тема.  Таков бил случајот и со кутриот Миљковиќ Бранко. Локалните битанги  изнапишале и изнакажале еден куп клевети и лаги за младиот поет. Една таква отровна стрела пуштена од нивната ментална крчма, длабоко се зарила во неговото срце. Останатото било само чиста "формалност".

Кој бил мотивот на чаршиските махери (вечни незадоволници од остатокот на човечкиот род) што го предизвикал ова (само)убиство? Едноставно, на "нашиве простори" живеат луѓе кои туѓиот успех го доживуваат како свој  неуспех. А туѓиот неуспех? Не знам. Јас повеќе сакам свадби, крштевки и домашни веселби, иако немам ништо против туѓиот неуспех! Затоа одамна престанав да се бавам со политика и да пишувам драми. Од стратегиски причини. Оставам другите да ме направат класик!  Добро, признавам, ми се испушти малку цинизам иако (сe до овој момент!) успешно се запазував. Што да се прави? Таква е темава. Кантар не ја мери. Душа дала да загубам уште некој читател(ка), како што патем ме предупредија двете мои пријателки додека јас поминував покрај кафичот "Ли" а тие вадеа максимум од своите макијата. Ова е уште еден текст напишан со надеж дека ќе направиме некоја своја реформа на сопствената свест, колку да не чекаме бадијала додека се промени светот.

Не знам како стоите вие со вашето трпение, но мене едноставно ми здодеа (да не кажам некој посуров збор) постојано да ги барам причините за моите неуспеси надвор од мене, а причините за моите успеси исклучиво во себе! Таквата состојба ми изгледа некако неприродна, ако ништо друго, барем од принципиелни причини.  Политичарите биле за никаде? Па што? Тоа не е никаква новост. Новост е прашањето да го поставиме обратно: Колку работи во нашите животи апсолутно не зависат од политичарите? Што правиме ние во нашиот секојдневен (цивилен) живот? Еве што правиме: Претсавничка на понежниот пол ја нарекуваме "курвештија", "ороспија", "пачавра" и слично. Со ваков речник, тешко дека ќе стигнеме во Европа. Или, доколку некако и стигнеме таму, ќе бидеме изложени на рутински и постојани третмани од психолог, социолог, судија и... Сакам да кажам дека ние никако не успеваме да ги ујдисаме формата и содржината. Постојано нешто ни фали. Како лепче и сиренце.

Во таа Европа сепак живее културен свет и покрај нашата драстична предност во фестивали, карневали, пивофести, семинари, глаголења, беседи, повелби, јубилеи, жезла, плакети, пофалници, културни лета, музички есени, филмски зими и пролетни настинки! Таму луѓето за таква една  “послободна” женска особа максимум што си дозволуваат да кажат е следната метафора: "Госпоѓата е како Трафаглер сквер во сообраќен шпиц!" Или: “Госпоѓата не сака да се... ама организмот и бара!” Во вашиот прекрасен дом со години чисти Атиџе и вие сфаќате дека госпоѓата хигиеничарка се помалку чисти а вие се повеќе плаќате. Еден ден ја трескате вратата пред нејзиниот нос со реченици кои почнуваат и завршуваат со “мори” и “мрш!” На запад тоа изгледа вака: “Госпоѓо Атиџе, јас и мојата сопруга не можеме да живееме без вас, ама од први ќе се обидеме!” Луѓето едноставно внимаваат на речникот. За да се заштитат себе.  И речникот, разбира се.

Нам најлесно ни  е да ги обвиниме западноевропските станари дека биле "отуѓени" затоа што и по дваесет години не знаат кои им се комшиите во нивната зграда. Тоа го правиме само за да се заташкаат нашите "урбани интимности". Науката се уште не го дала својот последен збор што се однесува до конечната предност, дали е подобро да живеете еден кат под или еден кат над своите "неотуѓени" комшии. Раскошната пракса покажала дека и двете стратегиски позиции даваат фини можности за интензивна комуникација. Последната вистинска случка од една висококатница само ја потврдува нашата легендарна спонтаност и јужњачкиот темперамент. Во недела околу ручек (кога цела зграда е дома) распеаниот Дончо ("Узмиии... све што ти живот пружааа...!") разгорел скара и веќе почнал да фрла кртина по расчадениот ќумур, кога што ќе види!? Од балконот над него, Стрезо и неговата брачна другарка Параскева, мафтаат со јамболии и кебиња како со бајраци на слет!   

"Сега ли најдовте да го чистите од болви тој селски чеиз!?", ја искористил слободата на говорот Дончо додека со картонот се обидувал да ја заштити својата скара од ненадејната прашина. "Море ако ти се симнам доле, ќе те потемнам поише од тоа џигерот", возвратил со драмска реплика расположениот Стрезо.  "Припази малку на тоа речникот!", бил последниот обид на Доне за цивилизиран дијалог. Стрезо не дозволува да биде изненаден од вакви провокативни прашања и затоа веднаш одговара: "Ти ли ќе ми кажеш што да првам со мојот речник, мочко низаеден!?" Влегува дома и веднаш се враќа на балкон со речникот "страних речи и израза" од колегата Милан Вујаклија. Очевидците тврдат дека пред да го лансира во правецот на главата на Дончо, Стрезо за последен пат прочитал неколку пасуси. Последниот гласно го цитирал. Инаку (за тие што не знаат) речникот има пристојна килажа и остри тврди ивици.

И кога кебапчињата ги зацрвенеле своите обравчиња, Стрезо со насмевка на хиена, го фрлил речникот кон Дончо... Каков бил ефектот од оваа интелектуална полемика не требало долго да се чека. Дончо излегол од "градска" со една чалма, на која може да му позавиди и Моамер Гадафи. Во подоцнежните комшиски анализи на виделина излегле два драмутуршки моменти. Отпрвин Стрезо сакал да изврши напад врз Дончота со собрани дела на некој наш домашен автор, но во последен момент љубовта кон литературата навасала. "Не ми е криво што ме онади со тоа речникот, ме боли што ми опцу мајка и на латински!", се отворил Дончо. "Како бе те опцу!?", прашува Сотир, жеден за нови сознанија. "Етиам ту, ми фили Брутус!", одговара  Дончо и се загледува во бескрајниот хоризонт, додека  госпоѓата есен влегува во нашето маало, како Ингрид Бергман во филмот Казабланка...     

П.С.

"Почитувај ги зборовите. Секој од нив може да ти биде последен". 



Последни Активности

1.11.2012

КАНДИДАТИ ЗА ГРАДОНАЧАЛНИЦИ НА ДЕМОКРАТСКИ СОЈУЗ:

1. Радовиш

Страхил Гавритов, електро инженер, вработен во ЈП Плаваја-Радовиш.

2. Неготино

Ванчо Петров, професор во Гимназијата во Неготино...

прочитај повеќе...



13.11.2012

Трајанов - Историски момент за компромис со Грција

Очекувам да се дојде до некаков компромис, но тоа пред сè ќе зависи од внатрешното единство, од тоа дали Република Македонија ќе изгради единствена политика околу ова прашање, вели Павле Трајанов, водачот на македонската парламентарна делегација на Заседанието на Асамблеата на НАТО во Прага.

прочитај повеќе...

19.11.2012

ОПШТИНСКАТА ОРГАНИЗАЦИЈА НА ДС - КОЧАНИ ИЗБРА НОВ ПРЕТСЕДАТЕЛ

„ Потекнувам од работничко семејство, во партијата влегов поради чесноста, потенцијалите, политичката одговорност и пред се поради политичката иднина, којa ја гледам во Демократски сојуз “... 

прочитај повеќе...

14.01.2013

Kако до нови работни места?

Демократскиот сојуз, заедно со граѓаните ќе работи на градење на Програма за отворање на нови работни места , развој на економијата и унапредување на животниот стандард на граѓаните.

прочитај повеќе...

18.03.2012

ОБРАЌАЊЕ НА ПАВЛЕ ТРАЈАНОВ НА IV-ОТ КОНГРЕС НА ДЕМОКРАТСКИОТ СОЈУЗ

Почитувани делегати, гости, драги пријатели, екселенции, претставници на медиумите, сакам да Ве поздравам и да посакам успешна работа на Конгресот. Демократскиот сојуз е партија која постојано бранува, партија која го слуша гласот на граѓаните. Силата на Демократскиот сојуз, произлегува од нашите принципиелни заложби...

прочитај повеќе...
partners partners partners partners partners partners