23.03.2022
Несогласноста за една изборна единица ќе води кон избори
Ако блокираат со амандмани, наш предлог ќе биде - вонредни избори, но ако има услови за тоа: војната во Украина да заврши и овде да имаме стабилна безбедносно-политичка состојба, вели лидерот на ДС.
Притисокот од помалите партии вроди со плод - расправата за предлогот за измените на Изборниот законик почна, но како ќе заврши? По една година откако е поднесен до Собранието (5-ти март 2021г.), Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците вчера во прва фаза го поддржа предлогот на помалите партии за избор на пратеници според пропорционален модел, без изборен праг, со Донтов модел на распределба на мандатите, при што државата би била една изборна единица.
Овој предлог го привлече вниманието на двете страни на политичкиот спектар, откако пратеници од пет помали партии во владејачката коалиција (ДС, ДОМ, ЛДП, ВМРО-НП и ДПТ) во јануари годинава ја условија поддршката на новата Влада на Ковачевски, со барање „во рок од три месеци да се донесат измените на Изборниот законик“. Тоа ја стави Владата под притисок одвнатре, во време кога опозицијата континуирано бара предвремени избори.
Како ќе заврши ова барање ќе зависи од фактот дали ќе биде обезбеден консензус меѓу сите партии, но се чини дека и ако не биде обезбеден, малите партии кои се дел од владејачката коалиција сега нема лесно да се решат да ја откажат поддршката на Владата, заради актуелниот момент. Ова уште пред неколку дена го навести лидерот на Демократскиот Сојуз, Павле Трајанов, кој е еден од потписниците на предлогот за измени на Изборниот законик.
„Ако повторно прават трикови, крајниот чекор ќе биде да ја откажеме поддршката на Владата и да одиме на предвремени избори. Сепак тоа нема да го сториме сѐ додека трае кризата во Украина“, изјави Трајанов за „Слободен печат“ минатата недела.
Го прашавме Трајанов - како ќе постапат предлагачите ако воената криза заврши, а нивниот предлог не биде усвоен, односно, нема знаци дека ќе има консензус за него. Дали тогаш ќе ја напуштат Владата?
„Ние предлагачите ќе се вклучиме во расправата и со аргументи ќе се обидеме да изградиме поширок консензус. Но доколку некои од партиите го блокираат со амандмани, тогаш ние предлагачите и партиите што се за промени, ќе изградиме заеднички став, но предлогот ќе биде - вонредни парламентарни избори. Се разбира, само ако има услови за тоа, пред сѐ војната во Украина да заврши и да имаме стабилна безбедносно-политичка состојба, како и гаранции за демократски и фер избори. Во таков случај ќе предложиме да се распушти парламентот и да се организираат предвремени парламентарни избори. Но сме против формирање на некакво ново парламентарно мнозинство“, изјави Трајанов за ДВ.
Расправата за предлогот за измените на Изборниот законик почна, но како ќе заврши?
Разлика во гласовите
Во меѓувреме малите партии преку јавната расправа ќе ги тестираат големите - дали тие ќе ја поддржат идејата за една изборна единица со која треба да се елиминира монополот и системските предности за четирите големи партии, кои сега резултираат со фрлање во корпа на гласовите за помалите партии и доведува до тоа секој пратеник да нема иста тежина. Во минатото имаше случаи кога некои партии освојуваа по 30 илјади гласови, но не добија ниту едно пратеничко место, бидејќи гласовите им беа расцепкани во повеќе изборни единици, а не беа сконцентрирани во една. Кога базата би била една изборна единица, малите партии сметаат дека би имале многу поголеми шанси. Трајанов вчера преку бројки објасни какви нееднаквости продуцира изборот во шест изборни едници.
„Во шестата изборна единица, освен на последните избори, досега беа потребни околу 6.300 до 6.700 гласови за еден пратеник, а во третата изборна единица од 9.500 до 10.000 гласови. Дваесет пратеници во шестата изборна единица се избираат со 60.000 или 70.000 гласови помалку, во споредба со пратеници во третата, четвртата или некоја друга изборна единица“, образложи тој.
Трајанов смета дека „ако мнозинството или повеќе од две третини се изјаснат ‘за’ нема да има никаква пречка тој законски проект да помине, затоа што над 90 пратеници дале поддршка за една изборна единица“.
Но, според ДУИ, решението не е во бројките, туку во консезусот меѓу сите партии. Заменик координаторката на ДУИ, Вјолца Адеми, вчера потенцираше дека за таков важен закон потребен е поширок консензус, и меѓупартиски, и меѓуетнички.
„Не можеме да дозволиме да се направи мајоризација на една над друга политичка партија. Отворени сме за преговори, но треба да имаме поширока дебата со аргументи“, рече Адеми.
Измени не се прават со надгласување
Синоќа и претседателот на Собранието, Талат Џафери, изјави дека такви измени не може да се прават со надгласување или условување.
„Секоја промена на изборниот систем мора да биде со консензус. Никому нема да му служи ако оди по принципот на надгласување или условување. Тоа е ултиматум. Собранието не смее да работи под ултиматум, мора да има консензус“, изјави Џафери на МРТВ1.
Тој смета дека проблемот не е во изборниот систем.
„Зошто не излегуваат сами политичките партии и да се мери секој колку поддршка има. Не е проблемот во шесте изборни единици, проблемот е во поддршката. Една коалиција, друга, трета, и на крај за една година се распаѓаат скоро сите коалиции“, рече Џафери.
Според него, треба да се води дебата за да се слушнат аргументите на сите.
„Консензусот не значи сите да добиваат се, консензусот е сите да попуштат малку, да отстапат по нешто, инаку се друго е ултиматум или диктат“, рече Џафери.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ принципиелно го поддржуваат предлог-законот и велат дека треба да продолжи дискусијата за да се слушнат сите чинители во општеството. Од СДСМ потсетуваат дека го промовирале изборниот модел со една изборна единица уште со програмата од 2016 година, но посочуваат дека до промена на изборниот модел мора да се дојде преку широк консензус. Пратеникот Халил Снопче од Алијанса за Албанците уште еднаш го повтори ставот на партијата: потребна е промена на изборниот модел, но со воведување на осум наместо постојните шест изборни единици, во согласност со Законот за регионален развој и поделбата на осум региони.