03.10.2022
На тема стабилност на мнозинството, Трајанов сугерира широка коалиција
Oсвен саботажите од опозицијата, власта „на врат“ ги има и поделбите внатре во коалицијата со постојан ризик некој од пратениците да одлета од матичното гнездо. Најнова е тензијата во ДУИ. Се бара одговорност од извршната власт на чело со Артан Груби, а меѓу бунтовниците се и двајца пратеници – Изет Меџити и Мерита Коџаџику – важни за и онака кревкото парламентарно мнозинство. Во гостување на ТВ Алсат, Меџити минатата недела кажа дека Владата се однесува како да има 80 пратеници. Тој и Коџаџику на последната седница не се појавија во законодавниот дом.
„Никаква промена во нивниот статус и нивниот пристап не е најавена, така што, тие се дел од пратеничката група на ДУИ и продолжуваме заедно како силно мнозинство“, тврди Арбр Адеми – координатор на пратеничката група на ДУИ.
„Нема ништо загрижувачки, нема ништо од тоа што се зборува – се создава друга партија, се создаваат нови партии, нема“, уверува и партискиот лидер Али Ахмети.
Премиерот е мирен, барем така вели.
„Сигурен сум дека имам владино мнозинство“, порача минатата недела Димитар Ковачевски.
Како и еден од најверните коалициски партнери.
„Владата е стабилна затоа што има извонредна поддршка од меѓународната заедница, особено од САД и од Европската Унија“, изјави Мендух Тачи од ДПА.
Од 120 пратеници во законодавниот дом, 64 засега се на владејачката страна. 15-мина се од ДУИ. 4-ца со фотографија на собранискиот сајт стојат како дел од Алтернатива, иако Скендер Реџепи уште летото најави дека ќе делува независно. Уште еден – Кастриот Реџепи со фотографија е заедно со пратениците на Беса, но и тој делува независно. Дел од мнозинството е и Мендух Тачи од ДПА. Останатите се дел од коалицијата „Можеме“, предводена од СДСМ. Со оглед на тоа што потреси имаше во ЛДП, а како сѐ уште да ги има со Демократски сојуз, ја прашавме пратеничката на СДСМ, Снежана Калеска-Ванчева, каква е атмосферата во мнозинството по сите случувања, вклучувајќи ги и поделбите во ДУИ.
Мислам дека ваквите случување, барем досега, како што знаете и вие и јавноста, покажале дека тие немаат влијание во она што значи владејачко мнозинство и она што значи коалициски договор. 360֯ : Мислите дека за кое било прашање, во секој момент, ја имате потребната поддршка во парламентот, како мнозинство? Па, да. Сметам дека е тоа така, затоа што, сѐ до оној момент додека се почитува владината програма, она што како коалициони партнери сме се договориле за правците по кој треба да се држи ова општество, раководена од ова владејачко мнозинство, не гледам причина зошто би имале влијание, вели Снежана Калеска-Ванчева во изјава за „360 степени“.
Од пратеникот Скендер Реџепи, кој се дистанцира од матичната Алтернатива, засега нема најави за дистанцирање и од мнoзинството.
„Јас веќе сум дел од парламентарното мнозинство согласно договорот со Владата односно заедничките програмски определби кои станаа и дел од владините определби, кои треба да се реализираат во времето што доаѓа. Тоа е главниот услов, но, секако, има и други услови од кои зависи моето присуство во ова мнозинство. Верувам во заедничката подготвеност за продолжување на добрата соработка со Владата. Во спротивно, за другите опции, јавноста ќе биде благовремено известена“, вели тој.
Власта нема „бланко“ поддршка ниту од Демократски сојуз – партијата на Павле Трајанов, кој е единствениот нејзин застапник во Собранието. Пратеникот се смета за дел од мнозинството, но отворено размислува за други опции.
„Mислам дека сега нема услови за ново парламентарно мнозинство ниту пак некој за тоа веќе разговара. Помина таа тема и сега, можеби, поблиску сме да се отвори прашањето околу тоа дали треба да се организираат предвремени парламентарни избори или, пак, треба да се оди до крај на мандатот. Во една ваква ситуација, моја сугестија е, прво и прво, да се размислува за некоја широка коалиција, во која ќе бидат вклучени сите парламентарни партии и мислам дека на тој начин ќе се вклучат сите можни капацитети во државата за надминување на предизвиците со коишто се соочува сега нашата држава. 360֯ : Што подразбирате под широка коалиција? Широка коалиција – да влезе во таа коалиција ВМРО-ДПМНЕ и другите опозициони партии. 360֯ : Веднаш мислите? Па, мислам дека тоа како тема треба да биде, тоа е една од клучните теми, а втора тема, се разбира, дека треба да биде договор за потреба од одржување на предвремени избори, врзано со промените на Уставот, бидејќи ако секојдневно слушаме – имаме пратеници од опозицијата итн – во парламентарното мнозинство нема единство околу ова прашање“, порача тој.
Трајанов смета дека Владата е сервилна кон ДУИ, нo од друга страна пак во ВМРО-ДПМНЕ не гледа кредибилен партнер со кој може заедно да се владее.
„Значи, многу сме далеку со каква било соработка со друга политичка партија“. ни одговори првиот човек на Демократски сојуз.
Средбата на „Огнената група“ со лидерот Али Ахмети во четвртокот делумно ги спласна тензиите во ДУИ, но не ги затвори отворените прашања, па и за стабилноста на мнозинството.
„Оваа Влада се однесува како да има 80 пратеници, всушност, има 64 пратеници… Не можам да гласам за сѐ, кога еден заслужен дел на ДУИ е исклучен од одлучување, исклучен е од политичко одлучување, не е информиран за владеењето на ДУИ и не можам бескрајно, со затворени очи, да гласам сѐ што доаѓа од извршната власт на Артан Груби. Тоа може да биде следен чекор каде ќе гласам за она што е добро, но нема да гласам за она што не е добро“, кажа пратеникот Изет Меџити во гостување на ТВ Алсат.
Тој уверува дека не размислува да се отцепи од матичната пратеничка група, но аналитичарот Сефер Селими смета дека револтот во ДУИ не треба да се занемарува, особено што мнозинството има проблеми и во „мирни времиња“. Сепак, вели, односот кон пратениците не треба да биде однос како кон гласачка машина.
„Во овој случај, во овој момент, тоа секако може да се протолкува како лична огорченост на господинот Меџити или кој било друг пратеник кон кој било министер. Сепак, тоа треба да биде нормално во функционална демократија каде што пратеникот сè уште може да се согласува или да не се согласува со предлог-закон или иницијатива донесена или од мнозинството, било од опозицијата или дури и од самата извршна власт“, посочува Селими.
И додека ДУИ гаси внатрепартиски „пожар“ на јавна сцена, нивните опоненти не ја отфрлаат опцијата за влез во владата. Од Алијансата за Албанците велат дека иако досега никој не ги контактирал за учество во мнозинството, доколку стигне предлог, ќе го разгледаат.
„Мислам дека во сите форми и на сите начини оваа Влада ќе се обиде да го донесе мандатот до крај, бидејќи има многу големи обврски пред себе, има политики со кои, можеби, ќе успее да врати голем број од гласовите што ги изгубија, особено најголемата владејачка партија СДСМ и, како и да е, доколку почнат преговорите со ЕУ, ќе се обидат да поентираат од овој аспект, за на следните избори да имаат можност да бидат дел од власта“, смета Селими.
Претходната седмица која помина во знакот на превирањата во ДУИ, заврши со викенд-фотографија на дел од „огнените“ со Кастриот Реџепи. Пратеникот кој лани во ноември ја растури приказната за ново мнозинство не одговори на нашите прашања – како треба да се разбере фотографијата и дали можеби го преиспитува учеството во мнозинството. Кусо ни порача дека изјави за медиуми ќе дава од четврток па натаму.
Извор