19.11.2012
МОЖЕ ЛИ ИСТОРИЈАТА ДА СЕ СКРИЕ ПОД ТЕПИХ?
од Зоран Петров
Не може да се говори за македонско-грчкиот спор за името, доколку не се знае неговата историја. Мојата теза е дека во грчкиот однос кон Македонија постои историски континуитет, односно историски константи кои се непроменети еден век. Таквиот мој приод кон секоја политичка тема, поаѓа од фактот според кој - ништо не настанува од никаде. Се’ си има своја историја и предисторија и се’ си е резултат на причинско-последична поврзаност на историските настани.
Проблемот со името на нашата држава нераскинливо е врзан со неколку битни историски факти, кои директно се однесуваат на т.н. „спор за името“. Нема да се враќам во антиката и да ги барам нашите антички корени, ниту имам намера да се занимавам со доаѓањето на Словените и создавањето на првото нивно царство од страна на Цар Самуил, а уште помалку да го анализирам подоцнежниот Османлиски период или Илинденското востание. Заради дискусијата, заради сфаќањето на важноста која Грците му ја придаваат на „спорот за името“, заради нивниот фанатизам и причините за тоа, накусо ќе се задржам на еден период од Балканските војни и по Првата светска војна.
Прво и основно што би издвоил – токму пред еден месец навршија точно 100 години од стапнувањето на Грците на територијата на Егејска Македонија. Доказ: Документот на грчкиот крал Георгиос Први од октомври 1912 година, наречен „Декрет за окупација“. Значи, кога по Балканските војни, Турција е поразена од страна на сојузот меѓу Грција, Србија, Бугарија, Романија и Црна Гора, грчкиот крал прогласува „окупација“ на Егејска Македонија. Не „ослободување“ или „враќање“, туку „окупација“, што значи дека Грција дотогаш не ја сметала територијата на Македонија за своја.
И сега доаѓа прашањето: што се сменило за овие 100 години, за денес Грците да тврдат дека нивниот северен дел, односно Егејска Македонија е 98,5 отсто етнички чиста и дека отсекогаш им припаѓала?
Од 1920 до 1922 година, Грција војувала со Турција, обидувајќи се да задржи одредени територии од Мала Азија, каде што постоело големо малцинство со православно потекло (главно грчко и ерменско). Грција ја изгубила војната и била принудена да изврши размена на население, при што 1,3 милиони православни христијани се преселиле од Мала Азија во Грција, а околу половина од нив во Егејска Македонија. Најголем број бегалци доаѓаат во Егејска Македонија во август 1922 година, по падот на градот Смирна (денешен Измир) и тоа претежно жени, деца и старци, бидејќи најголем дел од грчките и ерменските мажи способни да носат оружје, настрадале од армијата на Ататурк (оттаму доаѓа и денешната нескриена грчка омраза кон Турција).
Во 1923 година Грците потпишале Договор со Турците (т.н. „Договор од Лозана“) за размена на население. Околу 350 илјади Македонци од православна и исламска вероисповед биле принудени да ја напуштат својата родна земја (во 1994 година сретнав еден старец во Кападокија, кој говореше костурски дијалект и беше жив сведок на оваа размена на население), а на нивно место дошле 550 илјади бегалци од Мала Азија (меѓу кои, родителите на Караманлис и Караџаферис). Вкупниот број на населението во Егејска Македонија, кој до 1920 година броел 1.070.000 жители, од кои околу 80 отсто говореле „словенски јазик“ (A.W.Gomme, Greece, London: Oxford University Press, 1945), се искачил за 33 проценти, но со променет етнички состав на населението, при што македонскиот јазик сеуште бил употребуван од речиси од половина од населението. Арно ама, грчкото „етничко чистење“ не завршува тука...
По Втората Балканска Војна (1913 година), во која Бугарија е поразена страна, се случува масовен егзодус на Македонците од Егејска Македонија, кој со варијации во интензитетот, трае до 1926 година. Дури и грчките извори се сложуваат дека во периодот од 1913 до 1926 година, големите раздвижувања на населението влијаеле врз етничкиот состав на Егејска Македонија. Најчесто се цитира грчкиот весник „Ризоспастис“, кој во бројот од 30 март 1927 година, повикувајќи се на официјални бројки од грчки институции, тврди дека „најмалку 500 илјади Словени“ биле преселени во Бугарија (во 1919 година, Грција и Бугарија потпишале и Конвенција за размена на население).
Не е тешко да се пресмета дека во период пократок од 15 години (1913 – 1926 година), Грција од освоената територија на Егејска Македонија има протерано околу 900 илјади Македонци, а на нивно место се доселени околу 1,3 милиони православци од Мала Азија (меѓу кои најмногу Грци, но и православни Турци – Караманлии и Ерменци).
Иако немале речиси ништо што ги поврзува со Грција (голем дел од нив не го ни знаеле грчкиот јазик), овие доселеници го смениле етничкиот карактер на Егејска Македонија, која практично се демакедонизира и во етничката историја на Македонија почна новиот грчко-маџирски етнички период. Се разбира, сосема е јасно дека грчката колонизација била смислена и реализирана на штета на македонскиот народ, па затоа Македонците од дното на душата ги мразеле колонистите, давајќи силен пасивен и активен отпор против смислената геноцидна колонизација на Егејска Македонија. Овие етнички промени што се случиле во Македонија, имале тешки етно-јазични, политички и економски последици за македонското население.
Имено, со големата грчка колонизација на Егејска Македонија, Македонците го изгубиле својот етнички историски статус. Од најмногуброен народ, тие добиле статус на малцинство во својата родна земја. Ако пред 1913-та година од вкупно 1.070.000 жители, дури 80 отсто биле Македонци, веднаш по големите етнички промени, Македонците паднале на само 17 отсто од населението, кое се искачило на близу еден и пол милион лица.
Може ли тоа да се скрие?
Версајскиот договор од крајот на Првата светска војна, предвидувал имплементирање на неколку други договори под водство на Лигата на народите, според кои грчката влада требала да ги зачува правата на „Македонските Словени“ во Северна Грција (Егејска Македонија). На пример, во членот 46 од Договорот во Неј, тогашното Кралство Грција се обврзало да ги одбрани правата на малцинствата во сопствените граници. Според Договорот од Севр, потпишан во Париз на 10 август 1920 година, Британија, Франција, Италија и Јапонија склучиле договор со Грција за заштита на „негрчките нации“. Грција ветила целосна заштита на македонското малцинство (и на другите малцинства), неговиот јазик и култура и се обврзала да отвори македонски училишта.
Исто така, Грција ветила дека ќе се грижи за животот и слободата на сите граѓани без оглед на нивното потекло, националност, јазик и вера. Во членот седум од овој Договор се вели: „Не смее да се донесе закон кој ќе ја забранува употребата на други јазици во Грција“, а во членот осум стои: „граѓаните на Грција кои припаѓаат на национално, религиозно или јазично малцинство мора да ги добијат правата на еднаков третман со граѓаните на Грција, на пример, еднакви права да отворат институции, училишта и други образовни институции во кои тие ќе моижат да го употребуваат сопствениот јазик и да ја практикуваат својата религија.“
Главната причина поради која Грција сакала да се прикаже дека ги исполнува своите меѓународни обврски, била финансиската помош која била врзана со ваквата соработка. Имено, тогашната грчка економија била во тотален банкрот (ова ми е нешто многу асоцијативно со денешницата) и Лигата преку националните банки на своите најмоќни членки, и’ ветила финансиски заеми за населување на бегалците од Мала Азија, доколку ги исполни своите обврски согласно Договорот од Севр. Работата отишла дури дотаму, што на четврти септември 1925 година, во Солун била отворена Канцеларија на Висок комесар за национални малцинства делегиран од Лигата на народите, кој требал да го набљудува исполнувањето на меѓународните договори поврзани со малцинствата.
Притисната од Договорите на кои се обврзала, но уште повеќе притисната од потребата од финансиски заеми, Грција немала каде. Во септември 1925 година, до Лигата поднела две копии од Буквар објавен од грчкото министерство за образование кој бил наменет за училиштата на „словенски јазик“. Учебникот бил напишан на централно-македонски дијалект, но со латинични букви, поради што го добил називот АБЕЦЕДАР. Се работи за класичен грчки трик да се изиграат меѓународните обврски, но и да се изманипулираат Македонците во Грција (и ова ми е нешто многу познато).
Првиот дел од трикот е што учебникот бил печатен на латиница, односно на писмо кое во тоа време им било туѓо на Македонците. Тогашниот грчки амбасадор во Лигата на народите објаснувал дека Букварот е напишан на латиница со цел „да се избалансира бугарското влијание меѓу словенското малцинство во Грција“. Од друга страна, употребата на македонскиот јазик и неговите дијалекти од страна на српските власти била строго забранета и во тогашната „Вардарска Бановина“ (односно Вардарска Македонија, во тоа време окупирана од Србија), така што очигледна е грчката намера Букварот „АБЕЦЕДАР“ да имал функција да внесе раздор и да поттикне сепаратизам и меѓу самото македонско население поделено меѓу три држави.
Вториот дел од трикот е што Абецедарот никогаш не стигнал до македонските деца, односно најголемиот број копии веднаш биле уништени. Сепак, не смее да се заборави еден факт: Абецедарот е првиот и единствен македонски буквар подготвен од страна на Грција, со кој се убива грчката теза дека на нејзина територија никогаш не живееле Македонци (голема заслуга за неговиот репринт има Павле Васкопулос, претседателот на „Виножито“). Неговото потиснување било изведено толку педантно и толку комплетно, што со сигурност може да се тврди дека се работи за државно координарана активност. Во 1926 година, сите тукушто отворени учулишта на македонски јазик кои требало да ги учат децата врз основа на „Абецедарот“ биле затворени и започнува агресивна кампања за елинизација, односно воведување задолжителна настава на грчки јазик уште од детски градинки, кои биле масовно отворани низ сите населени места во Северна Грција.
Посебно брутална политика против Македонците спроведувал режимот на дикаторот Јоанис Метаксас (1936-1940), бидејќи тие реагирајќи на неспроведувањето на грчките обврски од Договорот од Севр, почнале се’ помасовно јавно да се декларираат како Македонци. На 18 декември 1936 година, диктатурата на Метаксас објавила правен акт „Активности против државната безбедност“, со кој се санкционирале барањата за права на малцинствата. Врз основа на овој акт, илјадници Македонци биле уапсени, затворени или протерани од Грција. На седми септември 1938 година, Метаксас го издал Правниот акт број 2366, со кој се забранува употребата на македонскиот јазик дури и во домашни услови. Секакво јавно искажување на македонско национално чувство и неговото изразување преку јазик, песна или оро, било строго казнувано. Во костурскиот, воденскиот и леринскиот регион, казните биле садистички: дупчење на јазикот со игла или отсекување на увото за секој искажан македонски збор. Повеќе од пет илјади Македонци биле испратени во затвори или логори, поради прекршување на фамозниот акт 2366. Траумите од ваквите прогонства имаат оставено длабоки лузни во колективната свест на Македонците во Грција...
Може ли тоа да се скрие?
Со крајот на нацистичката окупација во Грција, сталинистичкото водство на Грчката народна армија ја признала контролата на новата грчка влада во 1945 година. Новата влада започнала кампања на „бел терор“ против Македонците, поради што седум илјади од нив пребегале во Југославија. Една поголема македонска група на отпорот, наследник на СНОФ – Националниот ослободителен фронт (НОФ), била силно поддржана од емигрантите од Егејска Македонија, кои се вратиле од Вардарска Македонија. Целта на НОФ била да се одбранат „националните права на македонскиот народ во демократска Грција“. Од 1946 до 1949 година, НОФ се борела на страната на Комунистичката партија на Грција (КПГ), која пак, ја предводела Демократската армија на Грција (ДАГ). Армијата броела 35 илјади војници, од кои 20 илјади биле регрутирани од Егејска Македонија. До крајот на војната во ДАГ учествувале 14 илјади борци-Македонци, а од вкупниот број од 50 илјади жртви во граѓанската војна во Грција, 20 илјади биле Македонци.
Сепак, и покрај големата помош која ја дале Македонците на комунистичко-ослободителното движење раководството на КПГ и ДАГ, тоа водело крајно дискриминаторска политика кон борците-Македонци. Ниту еден Македонец не бил ставен на повисоко раководно место од поручник, ниту еден Македонец немало ниту во привремената Комунистичка влада на Грција, од целата класа на полковници на ДАГ, ниту еден не бил Македонец, а немало ниту еден Македонец командант на баталјон или комесар на област од Егејска Македонија, а на многу од борците што претходно се бореле во Втората светска војна не им биле признати чиновите и заслугите.
Патем, треба да се напомене дека за да може да се обезбедат 14 илјади војници, треба да се има население од најмалку 200 илјади луѓе, иако се смета дека бројот на Македонците во Грција бил двојно поголем. Во текот на војната (од 1947 до 1949 година), во Егејскиот дел на Македонија кој бил под контрола на ДАГ, биле отворени 87 училишта со 10 илјади ученици кои учеле на македонски јазик, а македонскиот јазик и култура доживеале голем подем. За жал, македонските територии кои биле контролирани од грчката монархо-фашистичка влада не поминале добро. Во тоа време, Штабот на ДАГ известил дека од средината на 1945 до мај 1947 година, во регионите јужно од Костур, биле измачувани 13.529 Македонци, 3.215 биле затворани, а 268 биле погубени без да им се суди (меѓу нив и Марија Гини, односно нашата народна хероина од воденско, Мирка Гинова). Во текот на војната, биле отворани затворенички кампови, во кои Македонците биле затворани, измачувани и убивани, а се наоѓале на островот Икарија, близу Турција („Црно семе“) и на островот Макронис (близу Атина), како и затворите близу Атина, Волос и Лариса.
Во времето на граѓанската војна, односно во 1947 година, бил донесен правниот акт Л-2. Со него било децидно утврдено дека сите што ќе ја напуштат Грција без согласност од грчката влада, ќе бидат лишени од грчко државјанство и ќе им биде забрането да се вратат во земјата. Во прво време, законот се однесувал и на Грци и на Македонци, а од 1954 година, забраната важела само за Македонците. На 20 јануари 1948 година, владата донела Правен акт – М. Тој дозволувал да се конфискува имотот на оние што биле лишени од државјанство. Во 1985 година, од овој закон биле исклучени Грците, а до денешен ден, тој сеуште важи само за Македонците. Меѓу бегалците од грчката граѓанска војна имало и 28 илјади македонски деца до 14 годишна старост (таткото на актуелниот гувернер на НБМ бил еден од нив). Иако децата на грчките борци биле официјално амнестирани во 60-те години од минатиот век, ова основно човеково право не им било овозможено и на Македонците. На 27 ноември 1948 година, ООН ја објавија Резолуцијата 193 С (Ш), која повикува на враќање на сите бегалци во Грција. Меѓутоа, грчките закони сеуште го спречуваат враќањето на македонските бегалци.
Да се вратиме на војната. Се’ додека добивале поддршка од Југославија и од Бугарија, грчките партизани и комунисти од ДАГ пружале силен отпор на силите на грчката монархо-фашистичка влада, па дури и забележувале некои вчудоневидувачки победи. Меѓутоа, по разијдувањето на Тито и Сталин во 1948 година и по големата помош која грчката влада ја добива од Британија и САД, грчките комунисти ги напуштаат македонските партизани. Истовремено, Југославија ја затвора границата кон Грција и ги остава Македонците на цедило. Откако грчките комунисти пребегуваат во Албанија, владините сили го задушиле отпорот на Македонците по епските битки на Грамос и Вич.
Во Егејска Македонија повторно се вратил теророт. Десетици илјади Македонци бегаат од Грција, барајќи азил во Југославија и во други земји од Источна Европа, под екстремно тешки услови.
Во децениите под грчката граѓанска војна, конзервативните грчки влади продолжиле со остра политика на асимилација на Македонците и другите малцинства. На 23 август 1953 година бил донесен Правниот акт 2563, со кој се предвидувало сите оние кои ја напуштиле Грција и не се вратиле за три години, да бидат лишени од својот имот. Со овој акт, практично започнало конфискувањето на македонските имоти. Во 1959 година следувал Правниот акт 3958, со кој се дозволува конфискација на имотите на лицата кои не се Грци по род. Законот бил сменет во 1985 година, но сеуште важи само за Македонците. Во 1962 година имаме уште еден Правен акт под број 4234, со кој им се забранува на лицата кои биле лишени од грчко државјанство, повторно да стапнат во Грција. Забраната за влегување во Грција важела и за сопружниците и за децата на Македонците од „црната листа“. Овој закон сеуште е на сила и важи и за децата бегалци. Во 1969 година е издаден правен акт со кој им се дозволува на етнички Грци да се населуваат на напуштените македонски фарми. Ова следело по релокацијата на 100 илјади грчки емигранти од поранешниот СССР.
На 29 декември 1982 година, Владата на Андреас Папандреу го издала Правниот акт број 106841. Со него им се дозволувало на оние што не биле признаени како етнички Грци, а ја напуштиле Грција за време на граѓанската војна, да се вратат и повторно да добијат грчко државјанство. Според очекувањата, Македонците и нивните семејства биле исклучени од овој акт. На 10 април 1985 година, следи нов акт 1540/85, кој што ја оганичува дефиницијата на политичките бегалци на етнички Грци и го дозволува враќањето на одземениот имот на овие лица. На македонските бегалци им е одземено ваквото право. Од 1987 година македонските родители во северна Грција биле принудени со закон, да ги испраќаат своите деца во т.н. „интегрирани детски градинки“ со цел од најмали нозе да го учат грчкиот јазик. Ваквиот закон не бил применуван во други делови на Грција. На 30 август 1989 година донесен е Правен акт за рехабилитација на учесниците во грчката граѓанска војна. Со него им се нудела пензија на сите ветерани од војната, кои имале грчки државјанства. Со него, македонските борци кои живееле во егзил и биле лишени од правата за грчки државјанства, не ги исполнувале условите за добивање пензија.
Сегашниот грчки став е дека нема македонско малцинство во државата.
Може ли тоа да се скрие?