Рибарска логика Б.Д.

28.01.2013

РИБАРСКА ЛОГИКА 

од Братислав Димитров

Таа 1964 година беше тешка дури и за најупорните, а имаше случаи кога се пожалија дури и неколку угледни мазохисти! Не кукумјавчиме, ама покрај многуте други работи, тешко беше да се дојде до фармерки, карбуратор за “фичо” и слободна женска за секс. А да најдеш некоја плоча од “Лед цепелин” беше исто како да бараш дозвола за отворање берберница на Марс! На цела мака, уште беа свежи спомените за поплавата 1962 и земјотресот 1963 година во Скопје, башка мажачката на Севда. И бидејќи денешнава младина нема никаква контрола (чита весници!) ред е да објасниме нешто за тоа сексот кој беше наша главна тема, во недостаток на нови стрипови. Едноставно, женските беа истренирани да “не даваат” пред брак! Така многу титови “омладинци” се женеа и на 18 години, затоа што не можеа да дојдат на ред кај некоја маалска “радодајка” за да се стекнат со основите на сексуалното образование а камоли  за нешто повеќе, боже ме прости!

Па сепак и покрај многубројните проблеми ние во ниту еден миг (за разлика од денес) не го запоставувавме духовниот развој. Најмногу удиравме акцент на логиката затоа што многу работи ни изгледаа нелогично. На тие редовни седенки во маало никој не отсуствуваше, освен еднаш Мијалче кога умре напразно и без најава во своите последни пижами, заради една Маринела која овој пат нема да ја опишуваме за да не испаднеме прости. На еден таков редовен семинар (воркшоп или перфоманс) пред гранапче, се појави Цонка со изглед на “Титаник” многу години подоцна и гласно се извика:  “Абе сè измислија против животот, а против смртта ништо!” Оваа реплика Ганцо ја дочека како кец на десетка и со глас како од подрум, значајно поентира: “И да знаеш Цонка у право си. Шекспир умре, Достоевски умре, Чехов умре, а и ја не се осеќам баш најдобро!” Што и да кажеме за тоа време, едно мораме да признаеме. Луѓето тогаш достоинствено стареа, што и да значи тоа.  Познат е случајот кога баба Васа еден ден отишла во амбулантата во “Треска” кај доктор Боре и видно возбудена и загрижена му се пожалила: “Докторе, имам голема секирација. Имам 84 години и ништо не ме боли. Како ќе се умира, не знам!”Како стоиме денес со логиката? Еве ти примери, па види си сам, не си мал. Пред извесно време, лидерот на најголемата опозициска партија (името не го пишувам за да не им ја расипам фантазијата на многумина што се гледаат на неговото место) во едно телевизиско интервју даде многу примери на “врвна” логика но едниот е антологиски. Откако под дејство на силна инспирација го нападна проектот “Скопје 2014” по сите можни и неможни основи, задоволно и победнички го исп(л)ука врвниот аргумент против скулптурите: “И конечно, бронза не се мачка на леб!” 

Добро. Нема замерки. Во суштина, оваа констатација е точна. И што е најважно,  звучи особено “логично”. Иако според овдешниве врвни демократи има прашања што не заслужуваат одговор, ние сепак скромно ќе ги поставиме: Во животот има уште многу други работи што не се мачкаат на леб. Дали тоа значи дека луѓето  наскоро ќе се откажат од секс, литература, музика, опера, балет, филм, ТВ серија, спорт... ? Има уште. Дали против насилството можеме да се бориме со уште поголемо насилство? Дали против популизмот треба да се бориме со уште поголем популизам, засилен со простотилак и демагогија? Јас разбирам дека некој учел за електрика и штекери и дека нема поим за моралните принципи и ѕвезденото небо на Кант, но во близина постојано се ашкаат филозофи, историчари, експерти... подготвени да ги дадат своите интелектуални услуги, па не е срамота да се прашаат завалиите: Што го одржало македонскиот народ низ вековите? Фактот дека секогаш имал што да намачка на леб, благодарејќи на многубројните фабрики, патишта и хидроцентрали што ги градел? Или можеби заслужни се уметноста и културата? Во случај советниците да се зафатени со поважни работи, може да се прашаат врапчињата. Тие отсекогаш знаат дека духовното го создава материјалното. 

Овој настан со “мачкање бронза на леб” воопшто не е случаен. Тој е продолжение на едни дамнешни времиња кога имаше само една партија, само еден водач, само една вистина, само еден вид на сапун, само една телевизија и дури две весничиња! Во тоа време, на ударничка изградба на социјализмот, ние театарџиите имавме исти или помали плати од хигиеничарките (тогаш “чистачки”) што работеа во поголемите државни монополи. Тогаш политичарите исфрија “стручен” термин “смрзнати плати” и нашите месечни примања останаа исти со децении! (Дури пред неколку години, за прв пат, платите во културата се зголемија и тоа драстично!) Во нашиот тогашен самоуправен социјализам скоро и да немаше штрајкови (малубројните беа цензурирани а останатите се бореа “за више социјализма”) затоа што според “авангардата”,  работниците се на власт и нема логика да демонстрираат сами против себе!? 

Ние во тоа време баравме “достоинствена плата” и нашата претседателка на синдикатот (позната глумица) постојано ни  ветуваше дека енергично ќе се заложи кај надлежните фактори. Со денови и ноќи, со години и децении ја чекавме колешката да се врати од Це-Ка, но приказната постојано беше иста. Се враќаше нашата окапана претседателка со напатена и загрижена фаца (најверојатно од енергичното залагање!) и постојано ни се обраќаше со истите реплики: “Другарки и другари, кога им ја изложив нашата ситуација и побарав зголемување на нашиот личен доход, знаете што ми рекоа? А рударите!?”    

Логично. Секој ден на ударните вести и двете весничиња со децении гледавме исцрнети лица со шлемови и ококорени очи како ги буткаат оние вагони со ќумур и разни руди, “натфрлувајќи ја нормата за неколку пати повеќе отколку во истиот период лани”, а сепак платите им беа мали и постојано исти! “А рударите!?” На ова место сите замолчувавме и губевме волја за живот, камоли за поголема плата! Во тие тешки моменти, единствено не грееше помислата дека синдикатот наскоро ќе дели канти со сирење, пити со кашкавал и свински полутки, а во подрумот на МНТ заедно со сите останати ќе кљамчат во ред и прваците на театарот, операта и балетот, без никаква протекција!

Еве уште еден пример на “логика”. Во светот на екологијата истражувачите се соочуваат со мрежи на несфатлива сложеност. Во рибарската индустрија на Јужноафриканската Република долго расправале за тоа дека истребувањето на фоките од западниот брег, ќе предизвика зголемување на бројот на рибите “ослич” која носи значаен профит на државата. Грубата математичка логика на рибарите била изведена од очигледниот факт дека фоките ги јадат рибите! Но работите не се така прости. Фоките и рибите се само два члена на неверојатно комплицираниот ланец на исхрана и никакво плеткање во екологијата не може да биде изолирано. Врвниот научник Питер Јозис од универзитетот Гвелф во Канада, проценил дека промената на бројот на фоките би влијаела на популацијата на рибите “ослич” со посредно делување преку други видови во повеќе од 225 милиони пати, со домино ефект на причина и последица! Дали според рибарската логика со убивањето на фоките ќе се добијат повеќе риби “ослич?” С# до овој момент никој не се впуштил во “логична” проценка, но едно е скоро сосема извесно: Ако се истребат фоките, може да се случи да има дури и помалку риби “ослич” отколку пред тоа! 

Бронзата не се мачка на леб? Штета!



Последни Активности

1.11.2012

КАНДИДАТИ ЗА ГРАДОНАЧАЛНИЦИ НА ДЕМОКРАТСКИ СОЈУЗ:

1. Радовиш

Страхил Гавритов, електро инженер, вработен во ЈП Плаваја-Радовиш.

2. Неготино

Ванчо Петров, професор во Гимназијата во Неготино...

прочитај повеќе...



13.11.2012

Трајанов - Историски момент за компромис со Грција

Очекувам да се дојде до некаков компромис, но тоа пред сè ќе зависи од внатрешното единство, од тоа дали Република Македонија ќе изгради единствена политика околу ова прашање, вели Павле Трајанов, водачот на македонската парламентарна делегација на Заседанието на Асамблеата на НАТО во Прага.

прочитај повеќе...

19.11.2012

ОПШТИНСКАТА ОРГАНИЗАЦИЈА НА ДС - КОЧАНИ ИЗБРА НОВ ПРЕТСЕДАТЕЛ

„ Потекнувам од работничко семејство, во партијата влегов поради чесноста, потенцијалите, политичката одговорност и пред се поради политичката иднина, којa ја гледам во Демократски сојуз “... 

прочитај повеќе...

14.01.2013

Kако до нови работни места?

Демократскиот сојуз, заедно со граѓаните ќе работи на градење на Програма за отворање на нови работни места , развој на економијата и унапредување на животниот стандард на граѓаните.

прочитај повеќе...

18.03.2012

ОБРАЌАЊЕ НА ПАВЛЕ ТРАЈАНОВ НА IV-ОТ КОНГРЕС НА ДЕМОКРАТСКИОТ СОЈУЗ

Почитувани делегати, гости, драги пријатели, екселенции, претставници на медиумите, сакам да Ве поздравам и да посакам успешна работа на Конгресот. Демократскиот сојуз е партија која постојано бранува, партија која го слуша гласот на граѓаните. Силата на Демократскиот сојуз, произлегува од нашите принципиелни заложби...

прочитај повеќе...
partners partners partners partners partners partners