„КОЈ НЕ ГЛАСА ЗА АМНЕСТИЈА, ТОЈ НЕ Е ХУМАН“ Власта сака на емоции да ги фати партиите за со закон да ги испразни затворите

14.9.2023

„КОЈ НЕ ГЛАСА ЗА АМНЕСТИЈА, ТОЈ НЕ Е ХУМАН“ Власта сака на емоции да ги фати партиите за со закон да ги испразни затворите

Хуманитарни акции нека си прават хуманитарните организации, но државата мора да води сметка за владеење на правото. Ние генерално не сме против амнестија како чин на милост на државата, но во оваа констелација на односи апсолутно е лудо да се инсистира на нов Закон за амнестија, изјави лидерот на Демократски сојуз, Павле Трајанов.

„Ние не сме хуманитарна организација за да сметаме дека правиме хуманитарен чин ако го изгласаме новиот Закон за амнестија“.

Вака дел од партиските лидери со коишто разговараше Плусинфо го коментираат последното соопштение на Министерството за правда преку кое се молат политичките партии да ја изгласаат амнестијата, затоа што „тоа било хуманитарен чин што ќе ги испразни затворите“.

Лидерот на Демократски сојуз, Павле Трајанов, вели дека лично нема ништо против амнестијата, но како што посочува, сега не е вистинско време за такво нешто.

– Апсолутно сега не одговара времето за амнестија која може да се толкува и како милост од државата. Амнестија обично се дава при промена на власта, односно при промена на режим, а тоа претставува чин на милост или корекција на неправдата. А тоа што актуелната власт инсистира на закон за амнестија е апсолутна лудост. Ние како партија нема да поддржиме амнестија сѐ додека целосно не се разреши ситуацијата со Кривичниот законик. Од Министерството за правда велат дека со изгласувањето на измените на Законот за амнестија ќе се изврши хуманитарен чин со кој ќе се испразнат затворите, но ние не сме хуманитарна организација, туку сме држава. А државата треба да функционира по одредени стандарди исто како што функционираат останатите демократски држави. Хуманитарни акции нека си прават хуманитарните организации, но државата мора да води сметка за владеење на правото. Ние генерално не сме против амнестија како чин на милост на државата, но во оваа констелација на односи апсолутно е лудо да се инсистира на нов Закон за амнестија – ни изјави Трајанов.

Од Левица, пак, велат дека воопшто не им е испратен допис од Министерството за правда во врска со предлог-законот за амнестија.

– Го немаме разгледано предлогот и не можеме детално да го анализираме, но во секој случај, самиот институт амнестија претставува еродирање на правната држава. Тоа најдобро се гледа со новоназначениот директор на затворот „Идризово“, кој всушност е поранешен осуденик кој во 2017 година бил помилуван од претседателот Стево Пендаровски. И чудно е да се поверува дека државата сака да спроведе амнестија само за да се испразнат затворите. А што е со ужасните услови во тие затвори? Нели овие установи треба да претставуваат места за рехабилитација на осудените лица? А напротив, кај нас дури има и зголемување на криминалот во затворите затоа што немаме никакви програми за рехабилитација. Така што, овој проблем не се решава со амнестија, туку со сеопфатни програми и со осовременување на затворите. Во секој случај, амнестијата никако не може да биде решение – вели Јована Мојсоска, член на Президиумот на Левица.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ не го менуваат ставот. Оттаму најавуваат дека преку демократски алатки ќе го блокираат новиот Закон за амнестија што го подготвува власта.

– Тој закон којшто е предложен, а од вчера и на јавноста достапен е Закон за амнестија на криминалци за кои одредени политички партии во минатото даваа ветување дека или ќе бидат ослободени целосно или делумно. За жал, тие политички партии или дел од тие политички партии денеска се во Владата и можете да видите дека таквиот закон не одговора, ама буквално ниту на потребите, ниту на очекувањата на граѓаните и во име на тоа ВМРО-ДПМНЕ не само што нема да го поддржи овој Закон за амнестија, туку ќе го блокира преку демократски алатки – порача лидерот на партијата, Христијан Мицкоски.

Премиерот Димитар Ковачевски, пак, денеска порача предлог-законот за амнестија да не се отфрла, туку да се отвори парламентарна дебата.

– Новиот закон не дава никаква амнестија на некој којшто направил тешко дело, точно наведени во самиот Закон. Затоа мислам дека не треба ан блок да се отфрла, туку треба да се отвори парламентарна дебата. Владата ќе го разгледа законот на една од наредните седници и потоа низ процедура ќе биде пратен до пратениците каде што сите пратенички групи ќе можат да го кажат своето мислење – рече премиерот.

Од Министерството за правда денеска соопштија дека од политичките партии e побарано во најкус можен рок да го разгледаат предлог-законот за амнестија и да се произнесат за законското решение, давајќи свои забелешки и сугестии.

„Укажуваме дека состојбата во затворите е алармантна за што укажуваат и бројните меѓународни извештаи кои се занимаваат со ова прашање, како и од страна на Комитетот против тортура во рамките на Советот на Европа“, се наведува во соопштението од Правда.

Со амнестијата се очекува да бидат опфатени лица кои се осудени на казна затвор до 6 месеци, како и осудените лица на кои им е изречена казна затвор над 6 месеци се ослободуваат од издржување на 30% од целокупната казна изречена со правосилна пресуда.

 

Извор



Последни Активности

1.11.2012

КАНДИДАТИ ЗА ГРАДОНАЧАЛНИЦИ НА ДЕМОКРАТСКИ СОЈУЗ:

1. Радовиш

Страхил Гавритов, електро инженер, вработен во ЈП Плаваја-Радовиш.

2. Неготино

Ванчо Петров, професор во Гимназијата во Неготино...

прочитај повеќе...



13.11.2012

Трајанов - Историски момент за компромис со Грција

Очекувам да се дојде до некаков компромис, но тоа пред сè ќе зависи од внатрешното единство, од тоа дали Република Македонија ќе изгради единствена политика околу ова прашање, вели Павле Трајанов, водачот на македонската парламентарна делегација на Заседанието на Асамблеата на НАТО во Прага.

прочитај повеќе...

19.11.2012

ОПШТИНСКАТА ОРГАНИЗАЦИЈА НА ДС - КОЧАНИ ИЗБРА НОВ ПРЕТСЕДАТЕЛ

„ Потекнувам од работничко семејство, во партијата влегов поради чесноста, потенцијалите, политичката одговорност и пред се поради политичката иднина, којa ја гледам во Демократски сојуз “... 

прочитај повеќе...

14.01.2013

Kако до нови работни места?

Демократскиот сојуз, заедно со граѓаните ќе работи на градење на Програма за отворање на нови работни места , развој на економијата и унапредување на животниот стандард на граѓаните.

прочитај повеќе...

18.03.2012

ОБРАЌАЊЕ НА ПАВЛЕ ТРАЈАНОВ НА IV-ОТ КОНГРЕС НА ДЕМОКРАТСКИОТ СОЈУЗ

Почитувани делегати, гости, драги пријатели, екселенции, претставници на медиумите, сакам да Ве поздравам и да посакам успешна работа на Конгресот. Демократскиот сојуз е партија која постојано бранува, партија која го слуша гласот на граѓаните. Силата на Демократскиот сојуз, произлегува од нашите принципиелни заложби...

прочитај повеќе...
partners partners partners partners partners partners