Како да преговарам со сопствената совест?

17.12.2012

КАКО ДА ПРЕГОВАРАМ СО СОПСТВЕНАТА СОВЕСТ?

Од Зоран Петров

Mакедонски народе! Ние имаме само една и единствена стратешка цел -  ЕУ и НАТО. Цената за реализација на таквата стратешка цел е промена на уставното име на нашата држава и промена на сите идентитетски обележја на нас како народ, како колективитет. Тоа не важи за другите членки на овие организации, важи само за нас. Меѓутоа, нашите интереси да бидеме дел од европското и евроатлантското семејство се поголеми од тоа да бидеме Македонци со македонски јазик и македонска култура!!!


Дали во Македонија некој би се осмелил да го соопшти ова? Сигурно не, иако во суштина тоа е она што се бара од нас. Советот на ЕУ на своето последно заседание заклучи дека тоа е условот за влез во ЕУ. Истото го заклучи и лани. И пред две години... и година пред тоа. Инаку, промената на  името на нашата држава е елегантно формулирана во заклучокот дека треба да се најде решение со Грција. 


Една од дилемите која постојано ми се испречува, гласи - дали на последниот грчки предлог обоен со црвена линија (едно име со географска одредница за сеопшта употреба), Македонија требаше да одговори со своја црвена линија? Во една од претходните колумни елаборирав дека грчката „црвена линија“ претставува класичен ултиматум, кој по дефиниција претставува негација на било какви преговори, а уште помалку на компромисно решение. 


А ако пак, Македонија излезе со свој ултиматум, односно ако на еден ултиматум му спротивставите друг ултиматум, тогаш, пак, било какви преговори стануваат беспредметни. Беспредметна станува и пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг (МСП), беспредметни стануваат и заклучоците од Самитот на НАТО во Букурешт и на Советот на ЕУ во Брисел. За потсетување, во обата завршни документи, приемот на Македонија беше условен со изнаоѓање решение за името. А решение не може да се изнајде без преговори. А преговори не може да се водат со ултиматуми од двете страни. Да заклучам, мислам дека погрешно, па дури и штетно за македонската преговарачка позиција би било поставување црвена линија од наша страна.


Од друга страна, иако не е официјално документирана, Македонија има своја стратегија (или ако сакате - концепт) за преговори околу изнаоѓањето компромисно име за надворешна употреба. И таа е содржана во неколку суштински точки, околу кои има консензус меѓу речиси сите политички субјекти во државата: 


1. ЕУ и НАТО остануваат наши приоритети на надворешно политички план.2. Преговорите со Грција за разликите околу името да продолжат во рамките на ООН и со посредство на медијаторот назначен од Генералниот секретар.3. Преговорите со Грција за разликите околу името да се одвиваат во рамките на Времената спогодба и согласно пресудата од МСП во Хаг.4. Новото име што ќе се испреговара со Грција треба да биде обострано прифатливо, односно резултат на компромис.5. Новото име што ќе се испреговара со Грција не смее да го загрозува нашиот национален идентитет, култура и јазик.6. Новото име што ќе се испреговара со Грција мора да се постави на референдумско изјаснување пред граѓаните.


Е сега – што правиме, или што треба да направиме во ситуација кога македонската стратегија и грчкиот ултиматум се далеку една од друг со светлосни години?


Според мене, има само две решенија. Првото е целосно и безусловно да ги прекинеме преговорите, што како опција, има многу поддржувачи во Македонија. Тоа ќе значи дека пред меѓународната јавност ја потврдуваме сликата која Грција ја создава за нас – како некооперативни и превртливи. Веројатно во домашната јавност еден ваков потег би имал многу поддржувачи, посебно меѓу групацијата на екстремно десните партии кои инсистираат на одбрана на националната чест и достоинство. На меѓународен план, македонската позиција неповратно би била искомпромитирана, а со тоа би биле елиминирани и нашите приоритети за евроатлантско интегрирање. Еден ваков потег единствено би бил логичен, доколку Република Македонија би имала резервна варијанта, како на пример, развивање стратешки партнерства со Русија, Кина или Блискиот Исток. Значи, безусловниот прекин на преговорите бара редефинирање на македонските надворешно-политички приоритети, што за една држава која географски припаѓа на Европа, а згора на тоа има слаба и зависна економија и прилично мешан етнички состав (внатрешно-политичка фрагилност), е речиси неизводливо. 


Втората варијанта е продолжување на преговорите и да бидеме начисто – промена на сегашното име. Ако веќе се согласуваме дека сакаме да бидеме дел од НАТО и ЕУ, и ако патот до овие две организации оди преку изнаоѓање решение со Грција во врска со разликите околу името, тогаш преговорите треба и мора да продолжат. И тоа на наше инсистирање. Е, тука доаѓаме до главниот проблем - како да преговараме со некого, кој ни поставува ултиматуми, кој не уценува со вето и сосила не изолира од средината во која природно припаѓаме? 


Според мојата скромност, има само еден начин – со мудрост.


Првиот чекор би морало да биде – компромитирање на грчката позиција. Тоа значи впрегнување на сите дипломатски сили и средства, активирање на сите сите лоби групи и пријателски држави и користење на сите шанси за да укажеме дека пред себе имаме уценувач, а не преговарач. Да кажеме и да објаснуваме дека со црвени линии, односно ултиматуми не се преговара. Не сум сигурен колку сме успешни на овој план, но не гледам друг. Крајната цел на еден ваков потег е да го пренасочиме притисокот од нас врз Грција, која би морала да ги коригира своите црти или линии. А тоа е ѓаволски тешка работа доколку се има предвид националистичкиот бекграунд на  Самарас, како и радикализирањето на внатрешната состојба во Грција. Колку и да е тежок, овој чекор ќе мора да се одработи.


Една ваква акција не смее да оди осамено, таа мора да биде поддржана со соодветна алтернатива, какви што се Пристапните преговори на високо ниво (ХЛАД), или предлогот на комесарот Филе за „датум во датум“, односно разигрување на  варијантата за паралелно водење преговори со Грција за разликите околу името и со ЕУ за членство. Инаку, оваа идеја воопшто не е нова и како концепт за “фазно решавање на спорот за името пред неколку години ја промовираше лидерот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов. Значи, сепак, некаква патека е разгазена и најважното е сега упорно да се продолжи понатаму.


Дури во моментот кога ќе се создадат услови за омекнување на грчкиот ултиматум, тогаш ќе биде вистинското време ние да излеземе со наши предлози. Ама за да дојдеме до таа позиција, треба многу работа. И единство на сите државни и политички субјекти. 


И конечно – во напливот на официјални соопштенија, ставови, меморандуми и коминикеа во кои работите се изнесуваат завиено во дипломатски обланди, не смееме да ги заборавиме основните елементи на равенката: - Ние не бараме ништо од Грците. - Ние немаме проблем со нивната историја, идентитет, јазик и култура. - Дури и не им браниме и тие да се нарекуваат како нас, ако тоа им е толку битно. - Не ги блокираме за влез во меѓународни организации. - Не им ја затвораме границата кога им е најтешко. - Не правиме демонстрации кога ќе не' победат во некој спорт. - Не лобираме против нив и никому не браниме во нашата држава да се нарекува Грк. 


За крај, ќе го парафразирам Коперник кој рекол: Лесно ми е разумски да прифатам дека од мене се бара да бидам тоа што не сакам да бидам, ама проблемот е во совеста. 


Токму така почитувани. Проблемот е во совеста. Таа не ми дава да си играм со тоа што сум го наследил од дедовците и сум го позајмил од внуците...



Последни Активности

1.11.2012

КАНДИДАТИ ЗА ГРАДОНАЧАЛНИЦИ НА ДЕМОКРАТСКИ СОЈУЗ:

1. Радовиш

Страхил Гавритов, електро инженер, вработен во ЈП Плаваја-Радовиш.

2. Неготино

Ванчо Петров, професор во Гимназијата во Неготино...

прочитај повеќе...



13.11.2012

Трајанов - Историски момент за компромис со Грција

Очекувам да се дојде до некаков компромис, но тоа пред сè ќе зависи од внатрешното единство, од тоа дали Република Македонија ќе изгради единствена политика околу ова прашање, вели Павле Трајанов, водачот на македонската парламентарна делегација на Заседанието на Асамблеата на НАТО во Прага.

прочитај повеќе...

19.11.2012

ОПШТИНСКАТА ОРГАНИЗАЦИЈА НА ДС - КОЧАНИ ИЗБРА НОВ ПРЕТСЕДАТЕЛ

„ Потекнувам од работничко семејство, во партијата влегов поради чесноста, потенцијалите, политичката одговорност и пред се поради политичката иднина, којa ја гледам во Демократски сојуз “... 

прочитај повеќе...

14.01.2013

Kако до нови работни места?

Демократскиот сојуз, заедно со граѓаните ќе работи на градење на Програма за отворање на нови работни места , развој на економијата и унапредување на животниот стандард на граѓаните.

прочитај повеќе...

18.03.2012

ОБРАЌАЊЕ НА ПАВЛЕ ТРАЈАНОВ НА IV-ОТ КОНГРЕС НА ДЕМОКРАТСКИОТ СОЈУЗ

Почитувани делегати, гости, драги пријатели, екселенции, претставници на медиумите, сакам да Ве поздравам и да посакам успешна работа на Конгресот. Демократскиот сојуз е партија која постојано бранува, партија која го слуша гласот на граѓаните. Силата на Демократскиот сојуз, произлегува од нашите принципиелни заложби...

прочитај повеќе...
partners partners partners partners partners partners