Излагање на Павле Трајанов-Специјален јавен обвинител

16.09.2015

Излагање на Павле Трајанов-Специјален јавен обвинител

На 15.09. 2015 година се одржа седница на Парламентот на која по расправата се донесе Законот за Јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите.

Во расправата пратеникот Павле Трајанов нагласи:

„ Сметам дека некој од предлагачите требаше да го образложи Законот за да можеме потоа да се вклучиме во расправата. Денес создадовме “вонредна состојба“ во Република Македонија, бидејќи не паметам ваква парламентарна пракса, да се носи еден многу значаен закон по исклучително итна постапка. Се работи за законско решение што треба да биде еден од битните фактори за надминување на политичката криза во која што западна Република Македонија.

Генерално, не верувам дека носителите на политичката криза, можат да најдат решенија-стратегија за излез од истата. Овој закон требаше да биде подготвен врз основа на широка експертска и граѓанска расправа, за да може да ја постигне целта, цел што ја очекуваат граѓаните. Граѓаните очекуваат разрешување на кризата и одговорност од носителите на политичката криза. Дали тоа ќе се случи со носењето на овој закон не сум сигурен. Овој Закон е резултат на политички договор помеѓу четирите политички партии, а во креирањето на решенијата директно беа вклучени и Европската унија, како и САД, со свои преставници. Граѓаните, но и политичките партии, го подржаа овој договор со силна надеж дека се отвара перспектива за Република Македонија.

Во Законот има одредби кои можеби не се во согласност со Уставот на  Република Македонија, затоа што правиме паралелна институција. Имаме Јавно обвинителство, имаме Закон за јавно обвинителство, а сега носиме Закон кој што треба да етаблира нов, специјален јавен обвинител. Тука се поставува клучно прашање за позицијата на целокупниот судски систем посебно на Јавното обвинителство и на Јавниот обвинител на Република Македонија. Дали по ваквите случувања има простор и натаму тој да ја извршува функцијата Јавен обвинител на Република Македонија. Мислам дека треба сериозно да размислиме и треба да отвориме расправа за целокупниот политички систем, посебно за судскиот систем, вклучително и за Јавното обвинителство, кои се тие системски грешки што доведоа до ваква состојба, кредибилитетот на Јавното обвинителство и на судството во целина да падне на толку ниско ниво,а граѓаните да не веруваат во најважните државни институции кои треба да бидат самостојни, независни и кои што треба да ги штитат основните човекови права и слободи. Инаку, мислам дека имаме решение кои што требаше да  претрпи промени. За мене клучно е тоа што Јавниот обвинител самостојно ќе има можност да формира Центар за истраги, што може да ангажира експерти, луѓе со искуство кои што работеле на откривање на организираниот криминал, кои работеле во обвинителство, полицијата или во други институции. Тоа е гаранција дека експертскиот тим ќе работи одговорно, посветено,стручно и професионално. Верувам дека има меѓу обвинителите кои што се со огромно искуство, со висок професионален интегритет и дека тимот од помошници што ќе го формира специјалниот јавен обвинител, ќе биде основа работите во Република Македонија да се придвижат во позитивна насока.

Крупен недостаток или грешка на овој закон е што нема казнени одредби, кои што ќе ги “мотивираат“ граѓаните и државните институции да соработуваат со Јавниот обвинител. Амандманот беше  за секој оној кој нема да достави, ќе прикрива или ќе достави лажни информации до Јавниот обвинител, да прети закана од казна затвор од најмалку три години. Доколку се работи за сторител со својство на службено лице и ако не доставува такви податоци, ги прикрива или доставува лажни податоци тогаш да му следи казна затвор од 5 години. Амандманот со консензус од сите политичките партии, зборувам од четирите партии, беше одбиен. Тоа е сигнал дека нема искрена намера да се бориме против криминалот, корупцијата или да ги расчистиме основните прашања, кој и зошто наредил масовно прислушување на граѓаните, кој и зошто ги газел основните човекови права на граѓаните. Тоа значи дека сите оние што имаат информации за можни злоупотреби (се оградувам, не сакам никого да обвинувам), за тешки облици на организиран криминал, дека немаат обврска да ги доставуваат таквите податоци и информации до Јавниот обвинител. Коментарите дека во другите закони има решенија околу овие прашања, се неточни. Во постојниот Закон за јавно обвинителство, нема казнени одредби. 

Идејата ми беше да создадеме ефикасен систем за да може Јавниот обвинител да ги открива и да ги гони сторителите на тешки облици на криминал. Важна ќе биде и политичката определба на сите партии. Треба да дадеме силна поддршка и да ги повикаме граѓаните независно од нивната политичка припадност да го подржат јавниот обвинител, бидејќи ќе има исклучително тешка и одговорна задача. Верувам дека ќе има проблеми, ќе има пречки во работата. Се знае кандидатот за Јавен обвинител, верувам дека партиите добро процениле, дека предлагаат кандидат кој што има високи професионални и морални квалитети и дека ќе биде гаранција или надеж дека во Република Македонија ќе се менуваат работите на подобро. “



Последни Активности

1.11.2012

КАНДИДАТИ ЗА ГРАДОНАЧАЛНИЦИ НА ДЕМОКРАТСКИ СОЈУЗ:

1. Радовиш

Страхил Гавритов, електро инженер, вработен во ЈП Плаваја-Радовиш.

2. Неготино

Ванчо Петров, професор во Гимназијата во Неготино...

прочитај повеќе...



13.11.2012

Трајанов - Историски момент за компромис со Грција

Очекувам да се дојде до некаков компромис, но тоа пред сè ќе зависи од внатрешното единство, од тоа дали Република Македонија ќе изгради единствена политика околу ова прашање, вели Павле Трајанов, водачот на македонската парламентарна делегација на Заседанието на Асамблеата на НАТО во Прага.

прочитај повеќе...

19.11.2012

ОПШТИНСКАТА ОРГАНИЗАЦИЈА НА ДС - КОЧАНИ ИЗБРА НОВ ПРЕТСЕДАТЕЛ

„ Потекнувам од работничко семејство, во партијата влегов поради чесноста, потенцијалите, политичката одговорност и пред се поради политичката иднина, којa ја гледам во Демократски сојуз “... 

прочитај повеќе...

14.01.2013

Kако до нови работни места?

Демократскиот сојуз, заедно со граѓаните ќе работи на градење на Програма за отворање на нови работни места , развој на економијата и унапредување на животниот стандард на граѓаните.

прочитај повеќе...

18.03.2012

ОБРАЌАЊЕ НА ПАВЛЕ ТРАЈАНОВ НА IV-ОТ КОНГРЕС НА ДЕМОКРАТСКИОТ СОЈУЗ

Почитувани делегати, гости, драги пријатели, екселенции, претставници на медиумите, сакам да Ве поздравам и да посакам успешна работа на Конгресот. Демократскиот сојуз е партија која постојано бранува, партија која го слуша гласот на граѓаните. Силата на Демократскиот сојуз, произлегува од нашите принципиелни заложби...

прочитај повеќе...
partners partners partners partners partners partners