Интервју на Павле Трајанов за ПРЕС24

02.02.2013

Трајанов за ПРЕС24: СДСМ се обидува да наметне политичка криза

ПРЕС24: Господине Трајанов, еден месец Македонија функционира со опозиција надвор од институциите на системот. Период во кој опозицијата ја интензивира тезата дека Македонија е тоталитарна држава. Актуелниот став на лидерот на опозицијата е или предвремени парламентарни избори или бојкот на локалните избори. Вие заговаравте лидерска средба, но таа не даде резултат. Нема најава ниту дека идејата на Претседателот на државата, за експертска комисија може да стави крај на кризата. Во кој правец ќе се движи оваа состојба, ескалција или смирување на страстите? 

ТРАЈАНОВ: Република Македонија е пред локални избори, поради што опозицијата се обидува да наметне политичка криза. Таа е резултат пред сé на хаосот во кој западна СДСМ, партија без програма, без концепт за дејствување во опозиција и со раководство кое нема посериозна поддршка од членството и граѓаните пошироко. СДСМ се движи кон тотален распад, поради што се обидуваат да создадат нестабилност во државата, сметајќи дека на тој начин ќе обезбедат поддршка од граѓаните и ќе се вратат на власт.

Генерално СДСМ ги потроши своите „адути“ и следува период  на „отрезнување“. Би било разумно, да се одржи лидерска средба во поширок формат, да се формира Комисија за утврдување на одговорноста во врска со носењето на Буџетот на Република Македонија и инцидентите сврзани со тоа, пратеничката група на СДСМ да се врати во Парламентот, да учествуваат сите партии на локални избори и после тоа да се отвори расправа за потребата од одржување на предвремени парламентарни избори во рок од 3-6 месеци.

Сите заедно треба да изградиме и консензус за стратешките прашања на државата: надминување на спорот со Грција, евро-атланските интеграции, економскиот развој, националната безбедност, слободата на медиумите, како и борбата против организираниот криминал и корупцијата.
 
ПРЕС24: Многумина аналитичари тврдат дека опозицијата имаше организирано сценарио за она што се случи на 24 декември и дека успеа да ја создаде оваа криза како вовед во политичката кампања за локалните избори. Но, сепак, одговрноста за институционално функционирање ја има власта. Пред нејзе е сега предизвикот да се најде решение за враќање на опозицијата во Парламентот. Кои се Вашите ставови, дали задоволување на барањето за предвремени парламентарни избори е единствениот излез од кризата? 

ТРАЈАНОВ: Одговорност за оваа состојба носиме сите, но сепак поголема е одговорноста на партиите од парламентарното мнозинство. Опозицијата подготви сценарио веднаш по добивањето на Предлог-Буџетот во Парламентот. На 24 декември, поставија офсајд замка, поради што интервенираше претседателот на Парламентот.

Крајно неодговорен и антидржавен чин е да креирате криза со тешки последици по државните интереси.

За случувањата на 24 декември и пред тоа, треба секој да понесе одговорност, но за тие случувања не прифаќам колективна одговорност. Веќе напомнав, ако предвремените исбори се начин за излез од кризата ќе се организираат, само што после нив, ако актуелните соодноси во парламентарниот состав повторно се пресликаат и по изборите, што после тоа?
 
ПРЕС24: Ако еден месец подоцна направите анализа на состојбите од 24 декември, кој заклучок ќе го изведете, направи ли грешка парламентарното мнозинство тој ден?

ТРАЈАНОВ: После изгубена битка, многу генерали. Нашата грешка беше што на 24 декември, и покрај блокираните влезови во салата за пленарни седници од страна на пратениците од опозицијата, влеговме во салата, со што станавме дел од случувањата во Парламентот. Сега сме под силни обвинувања зошто не сме реагирале на отстранувањето на новинарите од галеријата и на пратениците од салата. Никој не прашува зошто се попречуваше работата на Комисиите и пленарната седница со извлекување на микрофоните, заземање на местото на спикерот и сл.

Лично, тие моменти беа најтешките во мојот живот. Се надевам дека сето тоа што се случуваше во Парламентот, никогаш нема да се повтори, сите тие случувања се голем удар врз демократијата и врз највисокиот законодавен дом, домот на граѓаните.
 
ПРЕС24: Вие сте коалиционен партнер на владеачката ВМРО-ДПМНЕ, сте разговарале ли со лидерот на коалицијат, Груевски за стостојбите, барал ли тој совет од помалите коалициони партнери?

ТРАЈАНОВ: Постојано сме во коминукација со господинот Никола Груевски и за сите прашања разговараме отворено. Двапати годишно имаме и средби на ниво на Коалиција, на кои разговараме за битни и суштински прашања, вклучително и за случајот со блокадата за носење на Буџетот од страна на СДСМ со над 1200 амандмани.

Случувањата на 24 декември беа испровоцирани од опозицијата, а одлуката за вклучување на обезбедувањето за да воспостави ред е во надлежност на претседателот на Собранието, другите пратеници немаат одговорност и надлежност, но имаат обврска да го почитуваат Деловникот за работа и редот во Собранието.
 
ПРЕС24: Кои се Вашите проценки, дали СДСМ ќе опстои на идејата за бојкот?

ТРАЈАНОВ: СДСМ нема друг излез, или ќе оди на локални избори или ќе се соочи со големи турбуленции и фрагментација. Јас се залагам за фер и демократски избори, за тоа сите имаме одговорност. Но, првенствено одговорноста за изборите ја сноси ДИК и државните изнтитуции. Изборите мора да се одвиваат во скандинавски стил, се друго би било катастрофа за Македонија.

Очекувам државните, да бидат над личните и партиски интереси.
 
ПРЕС24: Хипотетички, да се случи бојкот, дали локалните избори ќе го имаат потполниот легалитет и легитимитет?

ТРАЈАНОВ: Без СДСМ на изборите, значи продолжување на политичката нестабилност и креирање на хаос. Избори со или без СДСМ ќе има , но нема жар во натпреварот ако трчате сами. Легитимитетот го даваат граѓаните, ако излезат над 50% од избирачите, изборите слободно можеме да ги прогласиме за регуларни и израз на волјата на мнозинството. Сепак се залагам за учество и на СДСМ на претстојните локални избори, во спротивно одговорноста ќе биде нивна. СДСМ нема никакви оправдувања да ги бојкотира изборите, освен стравувањата да не ги изгуби.
 
ПРЕС24: Иако досега никој до СДСМ и од Сојузот за иднината, коалицијата на Црвенковски, официјално не дефинираше што подрзабираат под бојкот, сепак, дел од неофицијалните брифинзи кои доаѓаа од Бихаќка се дека на 24 март, опозицијата нема да седи дома. Односно, тоа практично би значело активен бојкот. Спречување на изборниот процес. Што во таква ситуација?

ТРАЈАНОВ: На денот на изборите се забранети било какви активности кои значат загрозување на изборниот процес, но секој има право да го изнесе својот став на улица, на плоштад и сл. Тоа не може да го прави пред избирачките места. Би било крајно ннеодговорно, опозицијата да го попречува изјаснувањето на граѓаните. Јас сметам, дека сепак во СДСМ има сили кои нема да дозволат нереди на 24 март.
 
 ПРЕС24: Една работа засега е веројатно сосема извесна. Локални избори ќе има, таков став држи најголемата владеачка партија. Затоа сакам да Ве прашам, дали ги дефиниравте соодносите во коалицијата. Кој процент на застапеност на советничките листи ќе ги има демократскиот сојуз?

ТРАЈАНОВ: Демократскиот сојуз е подготвен да учествува на локалните избори. Партијата е со зголемен обем на активности. Со ВМРО-ДПМНЕ имаме стратешки договор за заедничко дејствување. Во тек се разговорите за заеднички настап, и останува уште малку време за да ги испегламе разликите. ДС е една од најдобро организираните партии, со 52 општински организации и над 28 илјади членови.
 
ПРЕС24: Ќе имате ли ваш кандидат за градоначалник во некоја општина?

ТРАЈАНОВ: Да, но сеуште немаме постигнато договор по ова прашање. Очекувам најмалку 2 градоначалнички места.
 
ПРЕС24: Што ќе биде изборен успех за Вашата партија на локоалните избори?

ТРАЈАНОВ: Мирни и демократски избори, со учество на сите партии и со победа на европските вредности. Одлуката ја носат граѓаните, ние нудиме програми, посветеност и чесност. Најдобар резултат е ако советите се избалансирани власт/ опозиција. Тоа е основа за сериозна расправа и носење одлуки во интерес на граѓаните.
Мојата прогноза е сепак, дека резултатот од изборите ќе биде 3:1 во однос на власта.
 
ПРЕС24: Неполни седум години сте дел од владеачката коалиција, тоа е сосема доволен период за анализа, дали Вашите политички ставови за одредени прашања во државата добиваа соодветен третман од најмоќниот коалиционен партнер?

ТРАЈАНОВ: Демократскиот сојуз е автентична политичка партија на центарот. ДС е препознатлив по своите ставови, проекти и идеи. Се обидуваме да имаме поголемо влијание во носењето на крупните одлуки битни за граѓаните и државата. Доста сме упорни, не се откажуваме лесно од нашите ставови. Да имаме ефикасен механизам сигурно дека повеќе проекти ќе беа дел од програмата на Владата, но свесни сме за тоа како се носат одлуките. ДС постојано ги презентира своите ставови, кои често пати се поразлични од  ставовите на другите партии. Тоа е плурализам, а граѓаните одлучуваат кому му даваат мандат за носење на клучните одлуки во Парламентот и Владата.
 
ПРЕС24: 2013-та, според очекувањата на Европската унија, но и на сите меѓународни институции, САД..., треба да биде година на решение за прашањето за името. Треба ли да има оптимизам за ова прашање?

ТРАЈАНОВ: Демократскиот сојуз предложи фазно решавање на спорот сврзан со името на нашата држава наметнат од Грција. Засега тоа е реалната можност. Без консензус од сите релевантни политички фактори во Македонија нема решение. Сите лидери на партиите треба да преземат дел од одговорноста.

Посредникот Метју Нимиц е вечен оптимист, сосема е јасно дека поради можното вето во рамките на ЕУ, евро-интеграциските процеси се во застој. За ДС нема алтернатива, мораме да се движиме напред, ЕУ и НАТО се нашата перспектива. Алтернативата е лет во место.

ПРЕС24: Од процесот за името зависат македонските евроатлански интеграции. Но една ситуација, односно промена на позициите на опозицијата, што пред една недела ги најави Бранко Црвенковски, велејќи дека СДСМ нема да учествува во какво било решение, остави сериозна дилема. Како вие ја коментирате оваа изјава на Црвенкосвки?

ТРАЈАНОВ: СДСМ ги менува ставовите според личните и партиски интереси. Тие немаат стратегија за решавање на ниту едно крупно прашање со кое се соочуваме, а се нудат како алтернатива на власта. Во изминатите изборни циклуси (6), на оваа тема се изгореа, затоа сега ја менуваат реториката. Но, тоа не  е државничко однесување, тоа  е кукавичлук. Моите проценки се дека СДСМ ќе го поддржи решението што ќе го предложи Метју Нимиц.

Линк до интервјуто на ПРЕС24



Последни Активности

1.11.2012

КАНДИДАТИ ЗА ГРАДОНАЧАЛНИЦИ НА ДЕМОКРАТСКИ СОЈУЗ:

1. Радовиш

Страхил Гавритов, електро инженер, вработен во ЈП Плаваја-Радовиш.

2. Неготино

Ванчо Петров, професор во Гимназијата во Неготино...

прочитај повеќе...



13.11.2012

Трајанов - Историски момент за компромис со Грција

Очекувам да се дојде до некаков компромис, но тоа пред сè ќе зависи од внатрешното единство, од тоа дали Република Македонија ќе изгради единствена политика околу ова прашање, вели Павле Трајанов, водачот на македонската парламентарна делегација на Заседанието на Асамблеата на НАТО во Прага.

прочитај повеќе...

19.11.2012

ОПШТИНСКАТА ОРГАНИЗАЦИЈА НА ДС - КОЧАНИ ИЗБРА НОВ ПРЕТСЕДАТЕЛ

„ Потекнувам од работничко семејство, во партијата влегов поради чесноста, потенцијалите, политичката одговорност и пред се поради политичката иднина, којa ја гледам во Демократски сојуз “... 

прочитај повеќе...

14.01.2013

Kако до нови работни места?

Демократскиот сојуз, заедно со граѓаните ќе работи на градење на Програма за отворање на нови работни места , развој на економијата и унапредување на животниот стандард на граѓаните.

прочитај повеќе...

18.03.2012

ОБРАЌАЊЕ НА ПАВЛЕ ТРАЈАНОВ НА IV-ОТ КОНГРЕС НА ДЕМОКРАТСКИОТ СОЈУЗ

Почитувани делегати, гости, драги пријатели, екселенции, претставници на медиумите, сакам да Ве поздравам и да посакам успешна работа на Конгресот. Демократскиот сојуз е партија која постојано бранува, партија која го слуша гласот на граѓаните. Силата на Демократскиот сојуз, произлегува од нашите принципиелни заложби...

прочитај повеќе...
partners partners partners partners partners partners