08.12.2012
Трајанов за Нова Македонија: ДУИ мора да ја смени реториката
Сите кои промовираат идеи за големи држави се непријатели на сопствениот народ и таквата реторика треба да престане, вели Павле Трајанов, пратеник од парламентарното мнозинство и претседател на Демократскиот сојуз.
Тој во интервјуто за електронското издание на “Нова Македонија” говори и за состојбите во коалицијата, кои ги оценува како “исклучително сензитивни” од аспект на меѓуетничките односи. За процесот на лустрацијата вели дека треба да биде неселективен и да се одвива паралелно со процесот на рехабилитација на жртвите од еднопартискиот систем, како и со помирување на левицата и десницата.
Во последниот период зачести острата реторика на претставници од албанските политички партии кои се поврзани со остварување на некои стари планови за сеалбанско поврзување на балканот. Колку овие изјави се сериозни или се дел од некој празничен фолклор што беше присутен од прославата на 100 годишнината на албанското знаме?
- Гласноговорниците за Голема Албанија, по ништо не се разликуваат од Слободан Милошевиќ, промоторот на Голема Србија. Оваа идеја е одраз на присутниот национал-романтизам и национализам, со кој најлесно можат да се манипулираат граѓаните кои се соочуваат со сложени егзистенцијални проблеми.Гледано од аспект на Република Македонија таквата иредентистичка реторика загрижува, но добро е што нема почва за нејзина реализација. Овие изблици на национализам треба што е можно поскоро да се стишат. Нема Македонец кој би се сложил на територијални отстапки, тоа многу добро го знаат и Хашим Тачи и Сали Бериша. Границите на Балканот нема да се менуваат, а сите кои промовираат идеи за големи држави, се непријатели на сопствениот народ, кој на крај ќе ја плати цената за непромислените постапки на своите „водачи“.Балканот е немирен, само малку фали да се запали.
Демократскиот сојуз е дел од владината коалиција меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Како ги оценувате политичките и меѓуетнички односи во владиниот тим, ако се има предвид донесувањето на законот на бранители, менувањето на имињата на улиците и училиштата... ?
- Состојбите во коалицијата се исклучително сензитивни од аспект на меѓуетничките односи, промоцијата и поддршката на национализмот. Тоа мора да престане. ДУИ мора да ја смени реториката, но и практичното дејствување. Инаку, во коалицијата нема разлики околу стратешките прашања, евроинтеграциите, борбата против криминалот, владеење на правото и сл. За да опстои коалицијата неопходен е отворен и искрен дијалог и разрешување на отворените прашања.Во Демократскиот сојуз сметаме дека долго трае трпението и воздржаноста околу провокациите кои доаѓаат од претставници на албанските партии, самопрогласени експерти, невладини организации и др. Ако не се смират страстите, цената е голема, во прашање е стабилноста на државата.
Како дел од владината коалиција ретко излегувате во јавноста за економските состојби во државата. Кои се забелешките на ДС во однос на водењето на економската политика на владата?
- Европа се соочува со сериозни економски и пред се социјални предизвици. Бранот на незадоволствата се шири и со сета жестина ќе бидат зафатени и економски најмоќните држави ( Франција, Англија и Германија).Само со нова економска стратегија, со вонредни мерки за подршка на бизнисот, домашни и странски инвестиции, изградба на производствени капацитети, производство на храна, може да се амортизира влијанието на кризата од еврозоната и да се обезбеди одржлив економски развој.Владата во соработка со бизнис заедницата и искуствата од другите држави (Турција и др.) е на добар пат, без поголеми турбуленции да ја надмине кризата и да обезбеди позабрзан и подинамичен економски развој во наредните 2-3 години.
На неодамнешната трибина во Неготино изјавивте дека поминаа шест години и сите случаи во кои се сомничат членови на опозицијата во криминалот се веќе процесуирани. Со ова оставивте простор дека треба да се позанимавате со „корупцијата во редовите на актуелната власт’’. Колку е присутна корупцијата и криминалот по последните шест години и дали се прави доволно за нејзино намалување?
- Владата отпочна „војна против организираниот криминал“. После 6 години владеење треба да се направи темелна анализа и да се види дали криминалот е искоренет или е на толерантно ниво. Нема алтернатива освен сечење на октоподот во корен. Сметам дека криминалот и натаму во голема мера го загрозува развојот на државата и затоа мојата подршка е огромна до надлежните институции за безмилосно да се пресметуваат со сите оние што сакаат довербата на граѓаните да ја искористат за лично богатење.
Процесот на лустрација добива „кампањски пристап“ впечаток е дека за неа се зборува само периодично со неселективниот избор на лица кои треба да бидат лустрирани. Дали, според вас, процесот на лустрирање изгуби од својата суштина и дали ја оствари целта за која беше и почната?
- Лустрацијата треба да заврши што е можно побрзо, но неопходен е и паралелен процес на рехабилитација на жртвите од еднопартискиот систем и помирување помеѓу левицата и десницата.Лустарцијата е процес на прочистување и низ тој процес поминуваме со 20 години задоцнување. Овој процес мора да биде неселективен, без политички притисоци и калкулации, и не смееме да дозволиме џелатите да се трансформираат во жртви, ниту пак да нанесеме и најмала неправда.Јас се залагам низ овој процес пред сé да поминат претседателите на Сојузот на комунистите , на државата, на владата, на Парламентот, министрите и сите оние што со својата моќ одлучувале за судбината на многу граѓани, праќајќи ги во затвор, на Голи оток и сл.
ДС се подготвува за претстојните локални избори на заеднички настап со ВМРО-ДПМНЕ. Секако, се очекува дека главната тема во кампањата за главниот град да биде проектот „Скопје 2014“. Кој е Вашиот став во однос на градбите од овој проект?
- Главната тема треба да бидат економскиот развој, комуналните проблеми, екологијата, демографскиот развој, но и соживотот, мирот и стабилноста.Во Скопје очекувам граѓаните да го ценат и вреднуваат тоа што е направено. Критиките ќе бидат дел од кампањата, но тој што има резултати зад себе, има добри проекти и кој што дава гаранција дека ќе работи чесно и посветено, тој ќе победи. Тие што ќе фрлаат кал по успешните ќе се удават во батакот.Демократскиот сојуз се подготвува за локалните и евентуални предвремени парламентарни избори. Кандидатите за градоначалници и советници од редовите на ДС, никогаш нема да поаѓаат од сопствените интереси, туку од интересите на граѓаните и државата.
Автор:Митко Р.Јовановски
Нова Македонија